1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија има задоволителни ресурси на питка вода

Антоанела Димитриевска20 август 2012

Мал недостиг на вода за пиење во некои општини во Источна Македонија се чувствува во летниот период, но општините и комуналните претпријатија веќе успешно го решија проблемот во повеќе градови.

https://p.dw.com/p/15sn9
Фотографија: dpa

Според количествата на вода, Македонија спаѓа во подрачјата со задоволителни водни ресурси, а мал недостатиг се чувствува во одреден дел од годината, посебно во летните месеци, и тоа во Источна Македонија, констатира за ДВ Лолита Стојановска, извршен директор на АДКОМ-здружението на комунални претпријатија на Македонија.

Водата за пиење во сите комунални претпријатија во Македонија е бактериолошки и хемиски исправна, за што потврда се секојдневните анализи на стручните екипи на Заводите за здравствена заштита во секој град во Mакедонија.

Таа потенцира дека речиси сите површински изворишта за водоснабдување во Македонија имаат дефинирано заштитни зони, но само мал дел од нив имаат физичка заштита со санитарно контролирање и апелира:  „И ова прашање треба најитно да се реши во рамки на секое комунално претпријатие. Во однос на фекалните води  можеме да кажеме дека тој проблем е солидно решен. Сите градски средини имаат сопствени системи за одведување на фекалните води.“

Wasser Umwelt Trinkwasser Tropfen
Водата за пиење во сите комунални претпријатија во Македонија е бактериолошки и хемиски исправнаФотографија: Fotolia/Jaroslav Machacek

Прочистителни станици за прочистување на отпадните води имаат само неколку градови во Македонија, информира Стојановска и појаснува: „Во сите станици карактеристично е што се појавува  проблемот со нивно одржување, односно немањето доволно средства за плаќање на струјата којашто се троши. Можеме да кажеме дека септичките јами полека ќе изумираат, но сигурно е дека уште долго време ќе бидат присутни  во Македонија, бидејќи навистина треба уште многу да се работи на проблемот со канализацијата.“

Решен проблемот со водоснабдувањето на повеќе македонски градови

Многу од градовите во Македонија, како Велес, Свети Николе, Штип и Гостивар, кои мака мачеа во летните месеци со недостиг на вода, во последните лета целосно се добро снабдени со вода. Проблемот заеднички го решија општините и комуналните водоводни претпријатија.

За разлика од порано, Велес наместо со неквалитетна вода од рени бунарите на Вардар, веќе неколку години се снабдува со квалитетна и здрава планинска вода за пиење од реката Тополка преку ХС Лисиче. „Водата е здрава и квалитетна и бактериолошки и хемиски“, велат од Заводот за здраствена заштита во Велес, а од ЈКП Древен нагласуваат дека „и во лето ја има во сите делови од градот во доволни количества и без редукции.“

Babuna Grotte Mazedonien
Бабуна - подземен пештерски басенФотографија: DW/Vanco Mihajlovski

Во Гостивар ова лето, по петнаесет години проблеми со водата, тие се целосно решени, а така е и во селото Дебеше кое 15 години  имаше големи проблеми со водоснабдувањето, информира за Дојче Веле Куртиш Салија, директор на комуналното претпријатие на Гостивар.  „Оваа годна ние имаме вода и во тие населени места и села каде претходните години ја немавме. До ова дојдовме во изминатите и оваа година со интервенциите што ги правеше општината.“

Големи резерви на питка вода од подземни пештерски базени кои треба да се заштитат

Македонија има големи резерви на питка вода и тоа од подземни пештерски  басени, од кои со вода се снабдуваат само дел од реките, посебно во централна Македонија, најмногу во масивот на Јакупица под Солунска глава. Добро е што тие се под земја и засега се заштитени, но поради некои градежни работи им се заканува опасност од загадување, предупредува Иван Жежовски од Спелеолошкото друштво „Пеони“, кој вели дека овие огромни водени базени треба стручно да се истражат и итно да се заштитат:

„Во долните слоеви се акумулираат огромни базени со вода, кои се огромни резерви на питка вода. Но ние правиме напори овие работи да се документираат и детално да се истражат и да се стават под заштита, затоа што има голема опасност со градежната експанзија да дојде до загадување на овие подземни води.“