1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија и Бугарија се вртат кон иднината

1 септември 2011

Македонија и Бугарија денеска во Софија потпишаа Меморандум за соработка во европската и евроатлантската интеграција. Документот го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Попоски и Николај Младенов.

https://p.dw.com/p/12RgJ
Шефот на македонската дипломатија Никола ПопоскиФотографија: Petr Stojanovski

Дoкументот предвидува Бугарија да и‘ ги пренесе своите искуства од европските и евроатлантските интеграции на Македонија, за таа да не ги повтори нивните грешки и што поскоро да се интегрира во ЕУ и НАТО.

„Македонија и Бугарија се двата најблиски соседа, кои ги сврзува заедничка историја. Бугарија, која е членка на ЕУ и НАТО, е првата земја што ја призна независноста на Македонија и има морална должност да и‘ помага како на Македонија, така и на сите соседи, што поскоро да влезат во ЕУ и да ги развиваат добрососедските односи. Време е да заборавиме на минатото и да гледаме на иднината“, рече бугарскиот министер за надворешни рааботи Младенов по потпишувањето на Меморандумот. Тој нагласи дека со министерот Попоски имал констуктивна средба и додаде дека во последните неколку години односите меѓу двете земји не биле на задоволително ниво.

Nikolaj Mladenow Außenminister Bulgarien
Германскиот министер за надворешни работи Николај МладеновФотографија: DW

„Треба да најдеме сили да се надмине тоа и да се подобри соработката особено на економско поле и да се создава доверба на европски начин“, рече Младенов.

Поголема соработка и неменување на границите

Министерот Попоски оцени дека на денешните средби во Софија имало одлична и конструктивна атмосфера и оти во разговорите било истакнато дека економската соработка е еден од приоритетите на двете земји, а особено во делот на инфраструктурата.

„Мислам дека имаме заедничко разбирање и оти гледаме во ист правец во поглед на приоритетите кои постојат пред нас – интеграциите на регионот во ЕУ и НАТО. Потпишувањето на Меморандумот ќе ни овозможи да ја операционализираме соработката и да ги постигнеме заедничките цели“, рече Попоски. Еден од приоритетите во иднина, нагласи тој, ќе биде подобрувањето на инфраструктурата и економската соработка.

„Ќе се подобри целосната клима и ќе се создаде позитивен импулс, со што ќе дејствуваме кон крајната цел - целиот регион да биде дел од ЕУ, а границите да не се менуваат, туку да се сведат на ниво на административни граници во рамките на европското семејство“, рече Попоски и додаде дека и во иднина натамошно ќе се унапредуваат односите меѓу двете земји.

Parlament Sofia Bulgarien
Бугарскиот парламентФотографија: cc-by-sa-Nenko Lazarov

Прашани дали се планира да се потпише и Договорот за пријателство меѓу двете земји, што лани не беше потпишан поради несогласувања, двајцата министри одговорија дека довербата не се гради на договори, туку треба да се надоградува.

Цачева: Подготвени сме да го споделиме положениот испит

Официјалната посета на Бугарија министерот Попоски ја почна со средбата со претседателката на бугарското Народно собрание Цецка Цачева. Попоски и Цачева, како што соопштуваат од бугарското собрание, се согласиле дека меѓу двете земји постојат бројни можности за соработка. Цачева посочи дека Бугарија ја поддржува евроатланската интеграција на Македонија, како и на останатите балкански земји.

„Ние, бугарските пратеници, сме подготвени да го споделиме положениот испит, но и грешките при подготовките за членство на земјата во Европската унија и процесот на прилагодување на нашето со европското законодавство“, рече Цачева.

Автор: ЖА/ЗЈ/миа/макфакс

Редактор: Жана Ацеска