1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија и Германија во втората фаза на ЕП

5 септември 2011

Без разлика на исходот од денешните последните дуели во првата фаза, кошаркарските репрезентации на Македонија и на Германија го обезбедија пласманот понатаму. Македонија со победа над БиХ ќе биде прва во својата група.

https://p.dw.com/p/12T6s
Тренерот на македонските кошаркари, Марин ДокузовскиФотографија: MAKFAX

Македонската кошаркарска репрезентација против Босна и Херцеговина вечерва во 20 часот во Алитус, го игра последниот натпревар од групата „Ц“ на еврошампионатот. Победата над БиХ гарантира прво место во групата. Независно од исходот на овој дуел Македонија веќе има обезбедено пласман во втората фаза, единствено е отворено прашањето со колку бодови ќе продолжи во осминафиналната група. Вчерашниот триумф над Финска ја донесе потребната гаранција за продолжување на настапите.

За победата повторно најзаслужен беше натурализираниот Американец, Лестер Бо МекКејлеб со 18 поени кој во четвртата четвртина и во самиот финиш ја носеше играта на тимот. Покрај него, добра игра прикажаа и Војдан Стојановски со 16 поени, и капитенот Перо Антиќ со „дабл-дабл“ учинок од 14 поени и 19 скокови.

Антиќ по мечот, победата им ја посвети на навивачите.

„Сакам да им честитам на моите соиграчи и да им заблагадорам на навивачите за големата поддршка. Тие навистина беа наш шести играч. Бевме уморни, но се боревме до крај“, изјави Антиќ по мечот.

Неизвесно во оваа група ќе биде на дуелот меѓу Грција и Хрватска. Поразот за една од овие две селекции ќе значи и збогување од натамошните настапи на првенството.

Германците разочарани по вториот пораз

Во групата „Б“, Германија го забележа и вториот пораз едноподруго. Овојпат тимот предводен од НБА-ѕвездата Дирк Новицки настрада во дуелот против Србија, убедливо со 75:64.

„Многу лошо го почнавме натпреварот и бавно влеговме во ритам. Во одбраната одигравме лошо. Кон крајот на мечот имавме шанса да ја стигнеме предноста на противникот, но повторно направивме неколку глупави, мали грешки и шансата отиде“, изјави по мечот Новицки, кој го предводеше тимот со 25 постигнати поени и е трет стрелец на шампионатот досега.

Од настапот на тимот не беше задоволен селекторот Дирк Бауерман.

„Мора јасно да се каже, пријатели вака понатаму не оди. Кога еден Дирк Новицки влегува во мечот со таква енергија и со желба за игра, тогаш другите мора да го следат“.

„Денеска не одигравме тимски. Сега ќе биде многу тешко. Нашата цел беше со една ваква победа да заминеме во осминафиналната фаза, но сега... треба да видиме што е можно. Сеуште имам верба во тимот“, изјави бекот на Германците, Штефан Хаман.

И покрај поразот, Германија го обезбеди пласманот во осминафиналната група, по поразот на Летонија од Израел, со која игра во последното коло денеска.

Автор: БГ/дв/еуробаскет/миа

Редактор: Симе Недевски