1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија мора да ги следи решенијата на меѓународната заедница за Косово

Александар Чомовски29 јануари 2007

Од денеска почнува парламентарниот бојкот на ДУИ што коинцидира со финишот на преговорите за статусот на Косово. Премиерот Груевски се обидува да го маргинализира бојкотот. Домашните експерти се единсветни дека Македонија мора да ги следи решенијата на меѓународната заедница за Косово.

https://p.dw.com/p/AdZj
Марти Ахтисари - на почетокот на февруари официјално ќе го објави својот план за Косово
Марти Ахтисари - на почетокот на февруари официјално ќе го објави својот план за КосовоФотографија: AP

Македонската дипломатија се надева дека во еден дел од планот на Ахтисари е внесена и обврската на властите од Приштина за обележување на меѓународно утврдената граница кон Косово. Државно – владиниот врв не се изјаснува јавно по првите медиумски најави за идниот статус на покраината што финскиот дипломат го презентирал пред контакт групата. Алтернативите во однесувањето на Македонија се разгледани на минатонеделниот совет за безбедност кај шефот на државтата. Потоа македонскиот претседател Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски открија само дека Македонија ќе ги следи одлуките на меѓународната заедница.

Од партиските реакции единствено е забележана инцијативата на пратеничката група ВМРО Народна со формула за така наречен косовоски државен договор „Би опфаќало процес на стекнување на полна сувереност, значи движење од контролирана самостојност до полна сувереност на Косово “ рече Александар Георгиев

Финишот од преговорите за Косово коинцидира и со затегнување на македонската политичка арена. ДУИ од денеска го започнува парламентарниот бојкот, премиерот Груевски се обидува да го маргинализира неговото значење „Ако тоа подобро им се допаѓа на нивните гласачи. Ако нивните гласачи ги поддржуваат дека е подобро тие да се надвор од парламентот отколку да се внатре во парламентот и да се борат за нивните права заради кои што тие гласале за нив, тогаш тоа е нивна одлука која што ние ќе ја респектираме. “ реагираше вчера во Битола премиерот Груевски.

Некои од домашните експерти се повнимателни. Сашо Ордановски од Форум центарот оценува дека Македонија мора да има своја политичка стабилност „Особено ако тие преговори се покажат дека нема да течат лесно, се покажат со песимистички искход итн., дека Македонија може да се искористи како маневарски простор дури и затегнување на безбедносните ситуации, за постигнување политички цели. Ние не го дочекуваме тој момент подготвени. Ние имаме власт која што незнае да менаџира кризи. Имаме политички елити кои мислат дека нема потреба од дијалог.“ вели Сашо Ордановски еден од органзаторите на бројните промоции во Скопје на косовските политичари за иднината на покраината.

За разлика од Сашо Ордановски, Исо Руси од Хелсиншкиот комитет ја поддржува концепцијата на македонскиот политички врв „Македонија има позитивен став, има добра официјална позиција можеби можеше да биде малку поактивна но на крајот ќе прифати она што ќе и го наметне меѓународниот фактор.“ и Исо Руси очекува дека статусот на Косово треба да биде решен што побрзо.

Професорот од правниот факултет Денко Малевски оценува дека Македонија мора да ја следи меѓународната заедница во решенијата за Косово особено што очекува дека и Русија ќе покаже висока флексибилност во преговорите во ОН „Мислам на крајот, следејќи ги своите државни интереси Русија ќе попушти пред стравотниот притисок кој во меѓународната политика, големите сили една врз друга го вршат.“ кажа во една јавна телевизиска оценка професорот по меѓународни политички односи и прв амбасадор на Македонија во ОН Денко Малевски.