1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија: Наркомани помлади од десет години!?

Антоанела Димитриевска26 јуни 2013

Во Македонија на секои 18 часа има по еден нов корисник на дрога или по 500 годишно. Официјално бројот на зависници е меѓу 10.300 и 10.900, а експертите сметаат дека неофицијално тој број е до шест пати поголем.

https://p.dw.com/p/18wgg
Фотографија: Fotolia/VRD

Во последните неколку години, возраста на која се почнува со конзумирање дроги се намали на осум или девет години. Со дроги се започнува најчесто од љубопитство, од желбата за докажување во друштвото, а се посега и во моменти на депресија или целосен неуспех во животот. Некои од наркозависниците се од дисфункциоанални семејства со најразлични семејни проблеми, најчесто поради развод на родителите. Но, има и такви од поимотни, средени семејства кои имаат се’ во животот, па што се вели „од узур и бес“ сакаат да пробаат и дроги.

Се‘ повеќе центри за лекување на зависници од дроги

Се' зависи од тоа со што ќе започнат. Ако тоа се некои од појаките дроги и поголеми дози, наркоуживателите или наркоманите, како што ги нарекува народот, за многу кратко време можат да умрат од предозираност, што за жал е се' почесто последниве години во Македонија. Има и такви кои ја сфаќаат животната грешка и со лекување сакаат да се вратат во живот.

Ема Здравкоски, психолог од Центарот за лекување на зависници од дроги во Велес, кој веќе две години работи во состав на Нервното одделение при Градската болница и каде моментално на дневна терапија се 43 велешани од 18 до 42 години, за ДВ појаснува:

Drogen Cannabis Deutschland Archiv 2001
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Повеќето од нив имаат желба да разговарат за своите проблеми, бараат решение, сакаат да се лекуваат, но има и такви кои не сакаат да соработуваат. Посебни проблеми прават оние кои предвреме ќе ја потрошат метадонската терапија која им ја делиме за неколку дена однапред. Тогаш доаѓаат тука, бараат дополнителни дози, а кога нема да добијат, се расправаат со нас, викаат, ни се закануваат, па ние сме приморани да го повикаме обезбедувањето или полицијата“, појаснува Здравкоски.

Изостанува ресоцијализацијата и рехабилитацијата на наркоманите

Невладиното здружение за борба против дрога „ХОПС“ работи и на барање на здравствена, социјална и правна заштита на лицата кои употребуваат дроги и имаат сериозни социјални и здравствени проблеми. Во последнава година посебно работи на правото на унапредување на лекувањето на лицата корисници на дроги. Покрај квантитетот на опфатот, од ова здружение бараат да се запази и квалитетот на лекување на овие лица.

Христијан Јанкулоски од „ХОПС’’ од истражувањата на овој проблем за ДВ заклучува:

Designerdrogen Deutschland Archiv 2012
За борбата против дрогата да биде поефикасна, треба да се интензивира соработката на сите владини институции и невладини здруженијаФотографија: picture-alliance/dpa

„Од страна на институциите во Македонија изостанува рехабилитација и ресоцијализација на лица кои се зависни од дроги. Посебно загрижувачки е што расте и бројот на малолетни лица уживатели на дроги, и затоа ’ХОПС’ започна соработка со релевантните институции како Детска клиника, Клиника за психијатрија во Скопје и Министертсвото за труд и социјална политика со цел да им се помогне на овие деца, малолетни зависници од дрога. Лекувањето на овие лица и во светот е многу тешко. Алармантно е што последниве години во Македонија и девет и десетгодишни деца, а има случаи и на осумгодишни деца, употребуваат дроги. Бројот на малолетни лица до 14 години само во Скопје е 40, а нивното лекување е многу тешко“ , посочува Јанкулоски.

Се‘ повеќе запленета дрога

Македонската полиција последниве години се‘ повеќе е ангажирана на сузбивање на производство и пуштање во промет наркотични дроги, како и оневозможување на нивна употреба. ОД МВР за ДВ појаснуваат:

„Ако во 2011 година МВР открила над 430 килограми дроги, од кои најголем дел марихуана, хашиш, кокаин, хероин и други дроги, во 2012 тој број е двојно зголемен на 846 килограми наркотични дроги, од кои најголем дел, 784 килограми и 578,6 грама е марихуана, над 55 килограми хероин и во помала грамажа кокаин, хашиш, амфетамин и други дроги. Во 2012 се реализирани 604 кривични дела, од кои 468 за ’неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори’, како и 136 кривични дела за ‘овозможување на употреба наркотични дроги‘. Заклучуваме дека е констатиран тренд на зголемување на откривањето и запленетите количества на марихуана и хероин“, појаснуваат од МВР.

Од „ХОПС“’ потенцираат дека за борбата против дрогата да има поголеми резултати, во Македонија „мора итно да се интензивира соработката на сите владини институции и невладини здруженија“.