1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија нема друга алтернатива освен европската перспектива

15 декември 2009

Република Македонија, кога станува збор за носење на објективни одлуки, може да покаже резултат вели во интервју за Дојче веле, министерката за внатрешни работи на Македонија, Гордана Јанкуловска.

https://p.dw.com/p/L2RY
Гордана ЈанкуловскаФотографија: Petar Stojanovski

ДВ: Македонија на 19 декември ќе добие визна либерализација со ЕУ. Тоа е доказ дека институциите на земјата успеаја да ги исполнат европските критериуми, но Македонија не успеа да добие датум за почеток на преговори со ЕУ. Како Вие како политичар, не како министер ги гледате овие две контроверзни реакции на Брисел?

Јанкуловска: Република Македонија, кога станува збор за носење на објективни одлуки, значи одлуки врз база на достигнувања, може да покаже резултат. Впрочем тоа се случи со визната либерализација, која во крајна линија значи валоризација на сработеното, и што е главно заслуга на целокупната администрација и на сите оние кои се ангажираа во процесот на визната либерализација за граѓаните на Република Македонија. За жал Република Македонија не го доби датумот за почеток на преговорите за членство што уште еднаш потврди дека одлуката не е донесена на база на остварувања и објективни критериуми, туку многу поголемо влијание има политиката, меѓусебните политички односи помеѓу разните држави и членки на Унијата и сето она што значи градење партнерство и лобирање на самата Унија.

Се појавуваат први знаци на своевиден евроскептицизам, на мала доза на разочараност. Има индикации дека на земјата и претстои т.н. жешка пролет, дека е возможно да се појават одредени турбулентни состојби во Македонија. Има ли МВР индикации за влошувања на безбендносната ситуација или индиции за реакции по етнички критериум, што би можело да ја влоши ситуацијата во земјата?

Јанкуловска: До овој момент, како што тоа е случај веќе подолго време, нема никакви индикации за можна дестабилизација или промена на безбедносната состојба. Впрочем, како и подолго време наназад, таа останува сосема стабилна, непроменета. Практично во Република Македонија сме сведоци на хармонични меѓуетнички односи и според информациите со кои располагаме до овој момент, не постои закана за овие хармонични меѓуетнички односи. Македонија нема друга алтернатива освен европската перспектива.

Дали ќе се воведедат визи за Албанија или Косово?

Јанкуловска: Не сме добиле никаква сугестија или барање од ЕУ за евентуално воведување на визен режим кон овие или кон кои било други држави. Јас верувам дека акцентот и понатаму нема да биде ставен на воведување на визен режим, туку ќе биде ставен на доследна и принципиелна контрола на влезот и излезот од Република Македонија. Тоа е стандард кој е веќе воспоставен.

Се појавија информации дека Грција би можела евентуално да воведе нови формалности за влез на македонските граѓани. Какви се Вашите сознанија?

Јанкуловска: Грција континуирано тврдеше дека нема да го опструира процесот на визна либерализација за земјите кои ќе ја добијат. Со оглед на ваквото нивно тврдење, не би требало да го опструираат ни процесот на визна либерализација за Република Македонија. Меѓутоа јас верувам дека Грција овојпат барем ќе остане доследна на својот збор и навистина нема да го опструира процесот.

Дали Македонија е подготвена да ги реализира обврските од договорот за реадмисија?

Јанкуловска: Во тој поглед воопшто не стравувам за некои потенцијални опасности, во смисла на имплементација на овој договор. Впрочем нашата заложба е визната либерализација да се применува на начин, кој ќе им овозможи слободно патување на оние кои го прават тоа совесно односно патуваат за целта заради која е наведена визната либерализација и притоа ги почитуваат условите, односно режимот на движење во ЕУ.

Еден од приоритетите на актуелната македонска влада е борба против криминалот и корупцијата. Дали има селективен приод во борбата против криминалот?

Јанкуловска: Бројката на регистрирани кривични дела, односно бројката на поднесени кривични пријави и завршени случаи бележи пораст, но тоа од една страна може да се толкува како зголемена ефикасност, односно поголема посветеност на откривање, докажување и финално процесуирање на кривични дела кои заради едни или други причини не биле разгледувани, односно не биле третирани со години.

Како ги толкувате враќањата на одредени судски предмети против истакнати политичари, јавни личности, Тупурковски, Бучковски, директорот на Македонија Табак. Дали е тоа поради недостиг на обработка на податоците и доказите со кои располага МВР или проблемот е во судската постапка?

Јанкуловска: Самиот факт што една кривична пријава ги поминала сите овие фази, зборува дека оценката по однос на издржаноста на доказите е направена во повеќе наврати. Сепак ќе се воздржам од коментирање на одредени одлуки на повисоките судови, бидејќи судството е независна власт и тие имаат апсолутно право, по слободно судиско уверување да носат одлуки. Но, останува да ги сочекаме правосилните одлуки и да видиме каква правна завршница ќе имаат и случаите кои ги споменавте, но и бројни други случаи, кои се во судска постапка.

Како реагирате на критиките дека во Македонија владее страв. Опозицијата тоа јавно го соопштува во парламентот. На јавни собири се говори за доза на политичка затвореност на јавното мислење и дека полицијата контролира се’?

Јанкуловска: Опозицијата очигледно е изгубена во своето политичко дејствување и прави обиди за политичка дискредитација на противниците кои се апсолутно непоткрепени со аргументи. Јас најостро ги отфрлам ваквите обвинувања и нивната потреба за политички маркетинг навистина не можам да ја разберам кога тоа го прават преку ширење на невистини. Како министерство кое има законско определени надлежности, ние секако дека ќе продолжиме да ги спроведуваме законите. Ако некој поддржува игнорирање на прописите, значи неспроведување на законите јас отворено ќе кажам дека не се согласувам со една таква политика. Законот мора да се спроведува и мора да се залагаме за владеењето на правото во една држава.

ЕУ инсистира и го регистрира спроведувањето на Рамковниот договор?

Јанкуловска: Спроведувањето на Рамковниот договор е исклучително комплексна активност, бидејќи од една страна земјата е соочена со предизвикот да се постигне рамноправна и правична застапеност на припадниците на етничките заедници во целокупната администрација, значи во сите институции, но од друга страна мора да се води сметка за квалитетот. За илустрација, минатата недела промовиравме нова класа на полициски службеници, вкупно 200, од кои значителен број се припадници на етничките заедници. За овие 200 работни позиции, во моментот кога беше објавен јавниот оглас имаше над 5.000 апликанти што само по себе значи силна и здрава конкуренција и можност да се одберат најдобрите апликанти, за да се стекнат со правото да станат полициски службеници.

Како висок функционер на ВМРО ДПМНЕ, дали се подготвувате за пролетни избори?

Јанкуловска: Апсолутно не. Стилот на работење на ВМРО ДПМНЕ е постојано да се биде активен, постојано да се реализираат проекти и постојано да нудиме нови иницијативи кои на некого можеби му изгледаат како подготовка за избори, бидејќи од она што сме го виделе кај нашите политички противници тие на овој начин во минатото функционирале само во период на избори. Меѓутоа ние докажавме дека единствен начин да се испорачаат резултати пред граѓаните е континуирано да се работи на проектите, континуирано да се нудат нови иницијативи и континуирано да се биде присутен на терен.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска