1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија не го кажала последниот збор

10 мај 2011

Во интервју за Дојче Веле, Игор Џамбазов говори за тоа како го доживеал распадот на Југославија и создавањето на македонската држава. Вели дека не е југоносталгичар, но жали за времето кога се живеело поубаво и подобро.

https://p.dw.com/p/11CuB
Игор ЏамбазовФотографија: DW

Уметноста е сфера која не трпи граници, вели Игор Џамбазов и затоа се смета себеси за една од првите жртви на распадот на некогашната заедничка држава.

“На почетокот на 1990 година, пред да настанат глупостите, добив понудата од ЈРТ да учествувам во една голема телевизиска серија што требаше да се снима за одржување на братството и единството. Но пролетта се случи она во Словенија па проектот се одложи за од септември, тогаш почнаа глупостите во Хрватска и така јас бев првата жртва од распадот на Југославија во мојата професија. Во тоа време многу мал број актери имаа шанса да работат вон Македонија“.

На првите години од независноста на Македонија се сеќава со голема доза на разочараност и во причините за таквото чуство го гледа поводот да ја напушти својата основна професија. Актерот Џамбазов станува шоумен, водител, пејач.

“Во едно страшно време, при создавањето на државата кога никој не мислеше на култура уметност, театар, бевме целосно заборавени“, објаснува Џамбазов.

Igor Dzambazov
Џамбазов пронашол оригинален начин да го положи „тестот“ на патриотизмот и да ја засака Македонија.Фотографија: DW

Како да се засака новата држава?

Во поранешната заедничка држава убаво се живеело од уметност, иако бил на почетокот од својата кариера, Џамбазов со театарот ја прошетал Европа. Признава дека тешко го прифатил фактот дека се создава нова држава, мислел дека станува збор за краткотраен процес.

Овој талентиран уметник си поставил оригинален начин да го положи тестот на патриотизмот и да ја засака Македонија. Ја пропатувал Македонија, го посетил речиси секој град, село, населено место.  

“Многу бавно доаѓаше кај мене тоа чуство на нов патриотизам. Кога сфатив дека ќе останам овде и не сакам да ја напуштам Македонија решив да ја запознаам, да дознаам се за мојата земја. Затоа почнав да патувам“, вели Џамбазов.

Сакавте капитализам- ете ви го!

Не се смета за југоносталгичар, вели дека тагува по времето, а не по поранешната држава. Смета дека многумина го делат мислењето оти во поранешниот систем поубаво се живеело.

“Сите што ми се жалат на оваа ситуација јас им велам сакавте капитализам, еве ви капитализам. Ние сите, целиот Балкан сме жртви на транзицијата“.

Igor Dzambazov
Џамбазов неодамна ја издаде книгата “Прирачник за антиалкохоличари“ дело во кое отворено пишува за проблемите со алкохолот и со коцкатаФотографија: DW

Кога е во прашање иднината на Македонија Игор Џамбазов вели  дека е оптимист со искуство што не му дозволува спокој. 

“И покрај тоа што се создаде нова македонска држава, и покрај тоа што се официјализираше македонскиот јазик, и покрај тоа што се направи устав, и покрај тоа што имаме македонска фудбалска  репрезентација, и покрај тоа што имаме квалитетни амбасадори во светот, се плашам дека Македонија сеуште не го кажала последнот збор“.

Игор Џамбазов неодамна ја издаде книгата “Прирачник за антиалкохоличари“ дело во кое отворено пишува за проблемите со алкохолот и со коцката, како и за сите боемски згоди и незгоди низ кој минал овој контроверзен, но неспорно, извонредно талентиран уметник.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Борис Георгиевски