1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се врти ли Скопје кон Москва?

Борис Георгиевски26 мај 2015

Се врти ли македонската влада кон Русија и кој е мотивот зад засилениот интерес на Москва за земјата последниве месеци? Водечките светски медиуми се‘ почесто говорат за нова геополитичка пресметка меѓу САД и Русија.

https://p.dw.com/p/1FWMB
Фотографија: picture-alliance/epa/G. Licovski

„Членството во НАТО и ЕУ остануваат највисок приоритет“, порача македонскиот премиер Никола Груевски, додека во првите редови на митингот во Скопје му скандираа и неколку приврзеници со маички со ликот на Владимир Путин, а руските знамиња се вееја заедно со македонските и партиските на неговата ВМРО-ДПМНЕ.

Два дена подоцна, додека Груевски ја повторуваше истата изјава пред членовите на Европската народна партија во Стразбур, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Москва пред Советот на руската федерација говореше за опасностите од поделба кои и‘ се закануваат на Македонија, како и за обидите на „Западот“ да ја урне демократски избраната власт во земјата.

Според Лавров, мотивите зад обидите за уривање на власта на Груевски се „неговото неприфаќање на санкциите кон Русија и интересот на Македонија да стане дел од гасоводот „Турски тек“.

Се врти ли актуелната македонска влада кон Русија и кој е мотивот зад засилениот интерес на Москва за земјата последниве месеци? Деновиве ова се меѓу најчесто поставуваните прашања во македонската јавност.

Mazedonien pro-Regierungsdemonstration in Skopje
Фотографија: R. Atanasovski/AFP/Getty Images)

Ќе балансира ли Македонија?

За разлика од соседна Србија, која со години се обидува да балансира меѓу желбата да и‘ се приклучи на ЕУ и да ги задржи традиционалните и историски врски со Русија, во Македонија таква политичка „шпага“ досега не била на агендата на официјалната државна политика. Исклучок, донекаде, е единствено претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој во изминативе две години на три пати одеше во посета на Русија. Притоа не треба да се заборави дека по грчкото вето на самитот во Букурешт, Македонија беше „наградена“ од САД со билатерален договор за воена соработка кој и дава одреден ексклузивитет на земјата во односите со најмоќната светска сила.

Историски, Русија никогаш немала особен интерес за Македонија, како што неодамна за ДВ изјави Јулија Брсакоска - Базеркоска, доцент по меѓународни политички односи на Правниот факултет во Скопје.

„Македонија не е, и никогаш не била витален дел на руската надворешна политика“, вели таа.

Во економскиот дел, односите се далеку од идеални. Севкупната трговска размена во 2014 година достигнала 138 милиони евра, од кои извозот на Македонија кон рускиот пазар со 144 милиони потрошувачи достигнал 32 милиони евра. Или, според зборовите на македонскиот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески размената со Русија во 2014 година била само 1,5 проценти од вкупната трговска размена на Македонија.
Податоците за 2015 година се‘ уште не се достапни, но тешко е да се верува дека ќе дојде до толку драматичен раст во трговијата што би го навело „Западот“ да ја урива македонската влада поради неподдржувањето на ембаргото кон Русија, како што сугерира Лавров.

Russland Sotschi US Außenminister John Kerry mit Lawrow
Сергеј Лавров и Џон КериФотографија: Reuters/J. Roberts

Изградбата на „Турски тек“

Втората теза на шефот на руската дипломатија е дека дестабилизацијата на Македонија е со цел да се спречи изградбата на гасоводот „Турски тек“ кој од Турција, преку Грција и „клучната точка“ Македонија би ја снабдувал Европа со руски гас.

„Немам цврсти докази, но тоа е логичен сомнеж“, изјави Владимир Чижов, рускиот амбасадор во ЕУ за телевизијата Блумберг, коментирајќи ја изјавата на Лавров.

„Доколку ја погледнете географијата во регионот, Македонија е најдоброто место за изградба на продолжението на најновиот енергетски инфраструктурен проект во регионот- Турски тек“, дополни Чижов.

Она што руските дипломати засега не го споменуваат е податокот дека изградбата на гасоводот не само што не е готова работа, туку напротив, сите индиции се дека неговата реализација е сериозно доведена под прашање. Причината за тоа не е кризата во Македонија или обидот на Западот да ја спречи Русија во намерата да гради, туку во неговата економска исплатливост.

„‘Турски тек’ е многу неисплатлив проект. NPV (Net Present Value) на проектот се мери во негативна милијарда долари и по ниедна економска логика таков проект не треба да се реализира“, вели Никола Ќурчиски од Руската претседателска академија кој заедно со своите колеги во Москва ги правел пресметките за економската исплатливост на „Турски тек“.

Ќурчиски наведува повеќе причини зошто судбината на „Турски тек“ е далеку од извесна. Клучни се европската регулатива поради која Русија имаше проблеми и во желбата да го гради „Јужен тек“, како и фактот дека продажбата на гас кон Европа со години се намалува, а тој тренд се очекува да продолжи, па прашање е дали и колку на Москва и‘ е потребен уште еден гасовод.

Bulgarien South Stream Pipeline
Дали и Турски тек ќе ја доживее судбината на Јужен тек?Фотографија: ANDREJ ISAKOVIC/AFP/Getty Images

Битка на „тешкашите“

Во меѓувреме, политичката криза во Македонија и во водечките светски медиуми засилено се претставува како нова геополитичка пресметка меѓу САД и Русија.

Во таа битка на „тешкашите“ се претпоставува дека Груевски ја држи страната на Путин, а Заев онаа на западните демократии. Големо прашање е и како таквата авантура би минала во јавноста имајќи ја предвид мнозинската и со години наназад цврста поддршка на граѓаните за членство во ЕУ и НАТО?

„Москва не нуди никаква алтернатива“, изјави за ДВ неодамна поранешниот македонски амбасадор во Русија, Ристо Никовски.

Американскиот државен секретар Џон Кери во февруари годинава, говорејќи пред комисија на Сенатот, оцени дека Македонија е една од земјите во регионот кои се наоѓаат на „линијата на огнот“ во односите меѓу Вашингтон и Москва.

„Русија се обидува да ги поколеба државите, да влијае врз нив и во основа, трагично, да предизвика нова битка меѓу Истокот и Западот за која ние сметаме дека е опасна и непотребна“, рече Кери.

Повеќе медиумски извештаи од минатата недела (Фајненшл тајмс, Блумберг) говорат дека Русија во меѓувреме значително го зголемила персоналот во својата амбасада во Скопје.

„Тие веруваат дека се‘ што се случува во Европа има врска со Русија, и го сметаат за акција насочена кон руските интереси“, изјави за ФТ, Иван Крастев од бугарскиот Центар за либерални стратегии, коментирајќи ги последните соопштенија од Москва во однос на кризата во Македонија. „И мислам дека македонската влада се обидува да им помогне да веруваат во тоа“, дополни Крастев.

Russland Mazedonien Nikola Kjurchiski
Никола ЌурчискиФотографија: privat

Последниве години Кремљ постепено гради добри односи со авторитарните режими во Европа. Клучни партнери на Путин во обидот да го засили влијанието на континентот му се турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и унгарскиот премиер Виктор Орбан. Србија и Грција - по доаѓањето на власт на Алексис Ципрас - се обидуваат да калкулираат со поддршката од Москва и покрај тоа што формално едната е членка, а другата земја е кандидат за членство во ЕУ.

Сомнежите дека и Груевски би можел да се одлучи на таков чекор се сѐ погласни. Во пракса, освен фолклорните елементи на последниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ, во прилог на таа теза говорат и начинот на неговото владеење последниве години (кој и од домашната опозиција и во странската јавност се оценува како авторитарен), како и фасцинираноста со Путин кај дел од неговите најблиски медиумски и политички поддржувачи. Блокадата на евроинтеграцискиот пат на Македонија од страна на Грција поради спорот за името, притоа, би можел да послужи како дополнителен аргумент.

„Во момент кога Груевски ја изгуби поддршката од САД и ЕУ, нему критично му фали поддршка од некоја светска сила, затоа и оди накај Русија, тој нема друг избор“, смета аналитичарот од Москва, Никола Ќурчиски.