1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија, од пример до проблематично дете

1 јули 2010

Македонија од земја за пример на Западниот Балкан, поради блокадата на Грција, како и поради фактот што на власт е еден идеолог, се претвори во повод за загриженост - тврди „Ноје цирихер цајтунг“.

https://p.dw.com/p/O6z8

„Епскиот спор околу името на Македонија им стана веќе здодевен или пак ги лути повеќето европски дипломати. Блокадата на патот кон ЕУ има меѓутоа и сериозни последици за внатрешно-политичкиот живот на земјата, а крие и ризици за стабилноста на целиот регион на Западниот Балкан.

Спорот за името може многу лесно да се објасни. Грција, имено, се смета за единствен наследник на античка Македонија, што е историски неодржлив факт, и ја обвинува Македонија дека со користењето на уставното име (кое го носи патем и една од северните грчки покраини) одгледува територијални претензии. Владата во Скопје тоа постојано го демантира, а под притисок од Грција веќе прифати компромисно решение за името во меѓународните организации: Поранешна Југословенска Република Македонија. И покрај тоа Грција во 2008 година го блокираше пристапувањето на Македонија кон НАТО - иако земјата ги исполни сите критериуми за членство.

Одговорност на Европа

Јасно е дека спорот околу името не можат да го решат ниту ОН, ниту САД, туку само Европејците. Тоа што Грција, иако е тешко задолжена кај европските партнери, и понатаму може да се наметнува како монополист за името Македонија, може да се објасни само со раширената скепса кон проширувањето што владее во европските метрополи. Грчката блокада очигледно им одговара на многумина во ЕУ.

Но, слабеењето на европските перспективи има јасно видливи негативни последици за Македонија. Национално-конзервативната ВМРО-ДПМНЕ на премиерот Никола Груевски се претвори во доминатна политичка сила и тоа со помош на тактичка мудрост, но со одсуство на стратешка визија. Груевски, кого на почетокот експертите го проценуваа како технократ, се претвори во техничар на моќта и згора на тоа уште во идеолог. Тој со помош на инсценирано национално достоинство успева да ги прекрие фрустрациите на мнозинското население поради тешката економска состојба, поради несогласувањата со малцинството, како и поради неефикасниот државен апарат, кој е под тотална доминација на владеачките партии. Груевски многу умешно се профилира во медиумите како модерен менаџер, од една страна, и како патриот кој е длабоко поврзан со традицијата, од друга.

Искреирани непријатели

За тоа да може да го прави успешно, на Груевски му се потребни ’непријатели’. Така тој создаде не само конфликт со соседна Грција, туку и со Албанците во земјата. Ова е дотолку полесно да се направи, бидејќи лојалноста на Албанците кон македонската држава во најголемиот број случаи постои само толку, колку што Македонија ветува подобри шанси за приклучување кон ЕУ од соседните Косово и Албанија. Наместо да се обиде да ја придобие лојалноста на малцинството преку политички зделки со неговите партии, Груевски се потпира врз ентоцентричка политика на симболи. Примери за тоа има доволно, како судирот околу новата енциклопедија, воведувањето на македонскиот јазик за првачињата на етничките малцинства и помпезниот проект со споменици на национални херои на градскиот плоштад во Скопје. Грците, пак, Груевски ги провоцира со преименувањето на аеродромот и стадионот во Скопје.

Без подлога во историјата

Независни историчари, како професорката на Циришкиот универзитет, Нада Бошковска, оценуваат дека почетокот на масовната идентификација со македонскиот национален идентитет е поврзан со времето меѓу двете светски војни. Посегнувањето по античките времиња при дефинирањето на националниот идентитет, од овој агол се чини дека има компензациска функција. Дополнителна мотивација за таквата постапка на македонските политичари им даваат бугарските, српските и албанските националисти, кои до ден денес не го признаваат постоењето на македонската нација.

Нема време за тактизирање

Но, колку и да се чини неразумен грчкиот став околу спорот за името, Атина очигледно седи на подолгата страна на лостот. И Скопје ќе мора да покаже поголема подготвеност на компромис, доколку не сака да ја ризикува европската интеграција. Притоа е големо прашање дали владата во Скопје може да си даде уште долго време за размислување. Дистанцираноста меѓу етничките групи е во пораст, а сепаратизмот повторно станува прифатлива теза меѓу албанското население. Многумина се лутат што албанската партија во актуелната влада, ДУИ, и понатаму се придржува до договорот за коалиција со Груевски. Нејзе дел од албанските интелектуалци и’ префрлаат за непотизам и бараат создавање албански национален фронт.“

Автор: Андреас Ернст/„Ноје цирихер цајтунг“

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска