1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија очекува позитивен извештај

14 октомври 2009

Европската комисија ќе го објави извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ во 2009-та. Се очекува Брисел да препорача отпочнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.

https://p.dw.com/p/K5jN
Европска комисијаФотографија: DW

Денеска (14.10.09) Европската комисија официјално треба да го објави годишниот извештај за европскиот напредок на Македонија. Во него се очекува да биде препорачан почеток на претпристапни преговори за членство со ЕУ. Најголема мистерија останува начинот на кој Европската комисија ќе го спомене спорот за името. Повеќе опции се во игра. Во последната нацрт верзија Брисел и советува на Македонија да го реши спорот за да го олесни својот европски пат, но не е исклучено европскиот комесар Оли Рен да направи неколку измени во конечната верзија.

Инаку, оваа година извештајот ќе истакне дека Македонија има направено значителен напредок во европските интеграции. Се очекуваат забелешки за законот за енергетика и се инсистира на имплементација на реформите и законите во државата.

Следниот предизвик за Македонија, по добивањето на препораката, ќе биде истата да биде усвоена од страна на земјите членки на Европската унија, во декември годинава или март 2010-та. Без решение за спорот со името, неизбежна ќе биде грчката блокада. Позитивноста на Брисел се темели меѓу другото на изјавите на македонските политичари за проблемот со Грција. Дипломатите во ЕУ добиле цврсти гаранции од македонската влада дека овој долгогодишен спор многу скоро ќе биде решен.

Препораката за преговори и визната либерализација имаат исто така за цел да ја вратат довербата на македонските граѓани во Европа, и да го олеснат процесот на решавање на проблемот со Атина.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема