1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија очекува фер однос од ЕУ

17 октомври 2011

Македонија е подготвена за почеток на преговори со ЕУ, изјави премиерот Груевски на собирот „Европските предизвици на Западен Балкан“. „Проширувањето на ЕУ кон регионот носи стабилност, рече известувачот Ричард Хауит.

https://p.dw.com/p/12tLq
Македонскиот премиер Груевски смета за неправедно спорот за името да ја кочи Македонија на патот кон ЕУФотографија: Petr Stojanovski

На собирот „Европските предизвици на земјите од Западен Балкан", што се одржува денеска (17.10.2011) во Скопје, учествуваат министрите за евроинтеграции од регионот.

„Македонија е подготвена да започне преговори со ЕУ, доколку во декември Советот и‘ додели датум за динамиката на спроведување на препораките од Брисел. Тоа би бил фер и чесен однос кон напорите на земјата за досегашните реформи и претстојните задачи, иако малкумина од граѓаните се надеваат дека годинава може да се започнат преговори со Унијата, поради ирационалниот спор со Грција“. Ова го кажа македонскиот премиер Никола Груевски на денешниот собир на министри за евроинтеграции од земјите на Западен Балкан.

Последниот извештај на ЕК и позитивните оценки во него се признание за сите напори на Владата и ќе влијае на стабилноста на државата и унапредување на меѓуетничките односи. „Не би смеело да се допушти билатералните спорови да бидат пречка за прием во Унијата“, рече Груевски.

За разлика од остро интонираните критики на адреса на еврокомесарот Штефан Филе по приемот во Скопје на последниот извештај на ЕК, како и писмото деновиве упатено до него со критики поради изостанувањето на придавката „македонски“, денеска шефот на македонската влада со поодмерен говор, при што потврди дека Македонија останува активна во преговорите со Грција, но забележа дека е „неправедно една членка на Унијата, со еден апсурден спор да го спречува европскиот напредок на земја-кандидат, зашто секоја нација и држава е пред свои предизвици“, рече Груевски.

На собирот во Скопје отсутвуваше Србија, поради учеството на Косово, за што жалење искажа вицепремиерката Теута Арифи.

Richard Howitt
Известувачот за Македонија во ЕП, Ричард ХаувитФотографија: picture alliance/dpa

Признание за постигнатото и стимул за натамошни реформи

„И оваа препораката од ЕК за Македонија е признание за реализираните реформи и стимул да се продолжи кон совладување на детектираните слабости во судството, јавната администрација и слободата на изразувања“, возврати евродипломатот Стефано Санино. Тој во јули во Скопје ги донесе пишаните сугестии до македонските власти за овие приоритети што Брисел посебно ги оценуваше и бараше конкретни резултати, особено во подготовката на регистарот на вработени во јавната администрација и приемот во неа. Според него, Унијата во Западен Балкан посебно ќе се фокусира на владеењето на правото, економската поврзност, добрососедските односи и слободата на медиумите.

„Проширувањето на Унијата кон регионот е еден од начините да се излезе и од сопствената криза, но и ќе придонесе кон стабилизација на состојбите на Балканот, од каде веќе има членки што би требало да бидат промотори на оваа надворешна и стратегиска политика на Брисел“, рече европратеникот Ричард Хауит, известувач за Македонија во Европскиот парламент.

Извештајот на ЕК ќе биде на седницата на македонскиот парламент, при крајот на дневниот ред на новата сесија што започна денеска.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска