1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страв од пописот - колку не има во државата?

ДТЗ /ДВ
29 јануари 2021

„Претстојниот попис ќе не соочи со нашите најголеми стравови. Но, тоа не се стравови од ‘другиот’, туку од тоа колку сега не има во државата“, вели претседателот на државата Пендаровски

https://p.dw.com/p/3oab0
Symbolbild Familie Koffer Reise Auswanderer Immigranten
Фотографија: picture-alliance/dpa

Околу 450 илјади, 500 илјади или многу повеќе - ќе покаже ли пролетниот попис колку луѓе се иселени од Северна Македонија во изминативе две децении. Проценките се дека 500 илјади граѓани ја имаат напуштено земјата во надеж за подобар живот во прекуокеанските земји, или пак во Европа. Тоа претставува речиси 22% од вкупното население во земјата кое што достигна бројка од 2.076.255, според податоците на Заводот за статистика од 2019 година.
Додека Светска банка, Еуростат и Обединетите нации преку најразлични анализи, истражувања и студии изминативе години правеа напори да ја пребројат дијаспората, се уште нема релеватни податоци колкумина заминале од земјата и на кој континент најчесто се одлучиле да го започнат новиот живот. Надежите се дека пописот на кој се чека веќе 19 години, ќе ја преброи и дијаспората и ќе даде појасна слика за штетите коишто ги трпи државата од незапирливото иселување, пред се на високообразованиот кадар. 

Лицитации

Во недостиг на официјални податоци, во игра се лицитации и за бројот на населението во земјата, но и околу бројката на дијаспората. „Она што навистина треба да не плаши е бројката на иселени од државата“, предупреди денеска претседателот Стево Пендаровски. „Се иселуваат млади луѓе од сите заедници. Точно е дека претстојниот попис ќе не соочи со нашите најголеми стравови. Но, тоа не се стравови од ‘другиот’, туку од тоа колку сега не има во државата“, оцени Пендаровски.
Според шефот на државата, проблемите со спроведување на пописот не се ниту законски, ниту уставни, ниту технички, ниту здравствени, туку најголем проблем може да биде непотребната политизација.
„Ова политизација ги вклучува повиците за бојкот, лицитирањата со процентуалната застапенист на заедниците, најавите дека нема да се прифатат резултатите ако не отсликуваат нечија посакувана бројка. Иако доаѓаат од различни страни, сите тие обиди за политизација имаат заеднички именител, а тоа е стравот од резултатите од пописот“, рече Пендаровски на средбата што ја организираше Државниот завод за статистика (ДЗС) со државниот врв и со градоначалниците.

-повеќе на темата: И пописот го прогласивме за „мртво“

Според него, сите тие стравови произлегуваат од погрешното разбирање на концептот на човекови права и верувањата дека некои права ќе бидат одземени.
„За жал, вистината е дека на Балканот правата на човекот се уште се гледаат низ етничка призма и затоа на пописот не се гледа како на статистичка операција, туку како на политички проект. Затоа, кога се пребројуваме во регионот, се уште веруваме дека правата зависат од бројките“, вели претседателот.

Токму тоа, според него, е главната причина зошто речиси 20 години не е спроведен попис, откако пописот во 2011 пропадна.

„Но, човековите права не се привилегии што може да се одземат во зависност од нечија волја. Во демократска држава, со европска иднина, стекнатите права не смеат да се одземаат, туку само да се зголемуваат и тоа треба да важи за сите заедници, независно од бројките“, рече Пендаровски. 
Кому му одговара да имаме иднина планирана врз погрешни податоци, стари повеќе од 20 години? Премиерот Зоран Заев вели дека никој не сака таква земја за партнер, ниту еден инвеститор нема да покаже интерес да инвестира кога ќе види дека земјата ги нема основните статистички податоци за нејзините ресурси, за работната сила, за пазарот, за потрошувачките навики. 
„Важно е да се утврди точниот број на населението, не само вкупниот туку и во секој плански регион, населба, општина. Целосна слика по сите основи, на која возраст, со какво образование, квалификации, место на живеење… Пописот ќе ни даде одговор и колку од зградите се енергетски ефикасни, дали имаат пристап за лица со попреченост, колку од домаќинствата се греат на дрва, на струја на парно“, вели Заев. 

Nord-Mazedonien Skopje | Staatspräsident  - Stevo Pendarovski
„Точно е дека претстојниот попис ќе не соочи со нашите најголеми стравови. Но, тоа не се стравови од ‘другиот’, туку од тоа колку сега не има во државата“, вели Пендаровски.Фотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

Проценки

Според неофицијалните податоци, повеќе од 500 илјади македонски државјани и лица со потекло од земјата живеат во странство. С. Македонија, но и речиси сите земји од Западниот Балкан, со децении стареат и ги губат младите, најчесто добро обучени, кадри. Според проценките, С. Македонија до средината на веков ќе загуби најмалку уште 10 проценти од своето население, а процентот на жители постари од 65 години ќе се искачи до 25 отсто. Во периодот од 2010-2013 година, само во земјите на ЕУ од Македонија се „испразнил“ еден град поголем од Тетово - вкупно 58.713 граѓани добиле прва дозвола за престој или државјанство. Во 2014 година, податокот за вкупен број на иселени лица кој што од МВР бил доставен до ДИК е околу 69.000 лица.

-повеќе на темата: ДУИ лицитира, Заев смирува за пописот

Според податоците на европската статистичката служба Еуростат за периодот од 2010 до крајот на 2013 година, вкупно 58.713 граѓани добиле прва дозвола за престој или државјанство во Европската Унија. Ако се има предвид дека голем број граѓани заминуваат да ја побараат среќаат во Европа со бугарски пасоши, или на црно, тогаш лесно може да се претпостави дека бројката на иселени е далеку поголема од достапните статистички податоци. Тоа, пак, остава простор за сериозна загриженост. Според Стратегијата за демографски развој 2008-2015 на Владата, годишно од државата се иселуваат помеѓу 10-15 илјади лица. Највисоко е учеството на населението од Полошкиот и Југозападниот регион.

Собранскиот спикер, Талат Џафери денеска апелираше за разум, со цел успешно спроведување на пописот, како најзначајна и најобемна статистичка операција. „Да смогнеме сили, да го оставиме настрана нашето себично размислување и да се издигнеме над ситуацијата, да ги прифатиме резултатите од пописот и да се поместиме веќе еднаш од таа мртва точка на која сме заглавени со нашиот анахрон ментален склоп. За да не за дојде ред да правиме попис на иселени и преостанати жители во Р.С. Македонија“, порача Џафери.

Младите се иселуваат, компаниите бараат работници

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи