1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија се потпира на Германија

1 ноември 2011

Позицијата на Германија во врска со употребата на уставното име на Република Македонија е непроменета, истакнуваат од германската делегација пратеници од Бундестагот, кои се во посета на Скопје.

https://p.dw.com/p/132ug
Зградата на македонскиот парламентФотографија: aptn

Бундестагот уште во 2004 година има донесено одлука Сојузна Република Германија да го користи уставното име на Македонија.

Ова го изјави Петер Вајс од делегацијата на парламентарната група за соработка со земјите од Југоисточна Европа на германскиот Бундестаг, по денешната средба со претседателот Антонио Милошоски и членовите на Кoмисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија.

„Нашите и очекувањето од другите партнери во ЕУ се во тој правец, во директните разговори македонската и грчката страна да најдат можност за решение на спорот за ние да можеме да продолжиме со разговори за прием во ЕУ“, изјави Вајс.

За почнување преговори за прием и самиот прием во ЕУ, потенцира тој, потребно е едногласно решение и затоа мора Грција да даде зелено светло.

Фер шанса за членство во европското семејство

Милошоски истакна дека Македонија се бори да го добие, како што рече, заслуженото внимание од Германија и да добие фер шанса да стане членка на тоа европско семејство.

Bundesverfassungsgericht Sondergremium EFSF
Бундестагот во БерлинФотографија: picture-alliance/dpa

„И за Германија, за Грција и за Македонија важат две работи. Поголема одговорност и поголема прагматичност. Македонија во изминатите 20 години ја покажа својата одговорност и сметаме дека во истиот дух и официјална Атина, во име на европската идеја и во име на нашите добрососедски односи, треба да ја покаже таа одговорност за сите да имаме корист и да се движиме кон европската идеја“, рече Милошоски по средбата.

Според него, Германија се бори и се залага во овој момент да ја спаси ЕУ и нејзиното постоење, како и нејзината политичка конструкција заедно со евромонетарната унија.

Делегацијата од парламентарната група за соработка со земјите од Југоисточна Европа на германскиот Бундестаг имаше средба и со претседателот Хајрула Мисини и членовите на Комисијата за европски прашања.

Делегацијата ќе биде примена и од претседателот на Собранието на Република МакедонијаТрајко Вељаноски, а ќе има средби и со Светлана Јакимовска, потпретседател на Собранието, како и со членовите на пратеничката група на Собранието за соработка со парламентот на сојузна Република Германија.

Автор: ЖА/ АТ/ миа

Редактор: Александра Трајковска