1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија скриена или неоткриена дестинација

23 јануари 2011

Во Охрид се одржа Саем за рецептивен туризам. Изостана присуството на големите странски туроператори. Саемот ги поттикна општините во Македонија да ги презентираат туристичките потенцијали и да се вклучат во понудата.

https://p.dw.com/p/QudB
ОхридФотографија: Petr Stojanovski

И покрај неколкуте стратегии, Македонија се’ уште е без јасна цел каков туризам ќе развива, вели Арсеније Јанески од туристичката агенција „Компас“. Никој во Македонија не кажува како ќе се гради стратешка инфраструктура, за да може туризмот да се движи. Никој не го решава проблемот со авионскиот превоз. Скапата дестинација доаѓа од овој вид превоз, признава Јаневски: „Тоа не кочи да продадеме квалитетен пакет аранжман. Ние не знаеме каков туризам сакаме. Која е целната група на македонскиот туризам?“

Малку странски туроператори во Охрид

Од класичен, четвртото издание на Саемот за туризам ја доби придавката рецептивен. И покрај желбата на организаторот на него да присуствуваат бројни странски туроператори, ако се изземат оние од соседството на Македонија, останатите можеа да се избројат на прсти.

Paragliding in Galicica
Фотографија: DW

Дорон Хави од Израел организира тури по алтернативен рели туризам. Отворено укажа на македонските слабости: „Лани побаравме да се увезат џипови под специјален режим за туризам, тоа не беше прифатено од институциите и се’ уште земаме од Бугарија. Така и гостите наместо овде слетуваат во Софија.“ Хави минатата година довел 250 туристи од Израел кои биле воодушевени од Македонија. Годинава би требало да ги има повеќе.

Групацијата „Панорамик“ чие седиште е во Словенија е насочена кон промоција на Македонија и регионот на пазарите во Јапонија, Индија, Кина, Русија, ни открива менаџерот Звонко Алексовски: „Лани најбројни ни беа гостите од Јапонија, Тајван, Израел. Драго ми е што во една кружна тура што се случува на Балканов секоја земја има два дена, Македонија е со три дена.“ Групацијата „Панорамик“ Македонија ја има во своите каталози и годинава ќе ја нуди на 16 меѓународни саеми и тоа како дестинација за индивидуални посети.

Дубровник и Охрид пак да се нудат во еден пакет

Претседателката на Здружението на туристички водичи од Хрватска Антеа Глумац Барбир вели дека има простор на пример Дубровник и Охрид да се нудат во заеднички аранжман: „Заеднички секако да. Нaјновите туристички податоци покажуваат дека странските гости во Дубровник престојуваат просечно по три дена. Двата града се под УНЕСКО и имаат големо искуство во туризмот и се надевам дека ќе се искористат и чартер летовите.“

Ohrid 1
Фотографија: DW

По подолго време Македонија е топ дестинација за гостите од Холандија, вели Зоран Стрезоски директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, организатор на саемот во Охрид кој се одржа непосредно по саемот во Утрехт: „Немаше каталог на туроператор од Холандија, кој не ја промовира Македонија. Оваа година очекуваме осум до десет илјади гости.“ Со холандските туроператори е договорено да се зголеми маркетингот за Македонија.“

Евтините летови спас за туризмот во Македонија

Евтините авионски летови се неопходност странците да дојдат во Македонија. Нејат Курт е менаџер на ТАВ на охридскиот аеродром: „Започнавме со маркетинг акција, вклучувајќи многу ниско буџетни авиокомпании. Лани преговаравме со ’Корендон’ од Холандија и договоривме летови за годинава. Им дадовме пакет од 15 евра по патник со вкупни трошоци, а тие за една година би требало да ни донесат над пет илјади патници. Преговараме и со други компании за да го зголемиме сообраќајот во овој регион.“

Flugzeug von Condor beim Landeanflug
Фотографија: picture alliance / ZB

Работите во туризмот се движат, но бавно. На саемот во Охрид беше евидентно дека конечно општините се разбудија од зимски сон. Многу автентично и оригинално ги промовираа своите туристички вредности кои се интересни за странците.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Александра Трајковска