1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија стана членка на франкофонијата под привременото име

Тони Гламчевски29 септември 2006

Македонја е примена како членка во франкофонијата под привременото име. Употребата на името Поранешна Југословенска Република Македонија е по барање на другите членки.

https://p.dw.com/p/Adbw
На самитот во Букурешт Македонија примена за членка на франкофонијата
На самитот во Букурешт Македонија примена за членка на франкофонијатаФотографија: dpa

Република Македонија, заедно со Грција, Албанија и Андора станаа полноправни членки на Франкофонијата, во која се претставени 63 држави членки и девет придружни членки или набљудувачи.

Но место со уставното име, кое во Франкфонијата се користеше се до неодамна, Република Македонија е примена под привременото име „Поранешна Југословенска Република Македонија“.

Употреба на привремено име по барање на другите членки

Под уставното име, Македонија се водеше се’ до пред неколку месеци. Доволно е да се погледнат документите на различните организми на Франкофонијата, за да се констатира тоа. Употребата на привеременото име, настана наводно по барање на земјите членки, односно од една досега придружна членка - Грција.

Грција е исто толку франкофонска земја колку и Македонија, но покрај желбата да ја подели франкофонската култура со другите земји во светот, таа согледа и опасност од евентуалниот прием на Македонија под уставното име.

Грција се избори за подобра позиција

За кратко време, Грција успеа да избори подобра позиција од Македонија во Франкофонијата, правејќи значајна промоција на францускиот јазик за време на Олимписките игри во Атина. Тогашниот градоначалник на Атина и сега министер за надворешни работи, Дора Бакојанис подолго време е членка Високиот совет на Франкофонијата, еден вид извршен орган, во кој Македонија нема свој член иако таа подолго време е во франкофонското семејство.

Македонија го запостави своето членство во франкофонијата

Македонија од нејзина страна го имаше запоставено своето придружно членство во Франкофонијата, дозволувајќи си цели три години, да нема национален координатор за франкофонијата. Тоа сигурно се одрази на нејзиното присуство и во активностите на организацијата и нејзините агенции.

Македонија покрај бројните протестите, сепак прифати да стане членка под привременото име. На самитот во Букурешт каде беше примена, таа беше претставена на ниско дипломатско ниво, претседателот Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски во знак на протест не отпатувале на самитот, иако прифатиле членството да биде под привременото име.