1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Македонија треба да го подобри Изборниот законик“

Тони Гламчевски20 јуни 2013

„За да се обезбеди интегритетот на изборниот процес (...) потребно е Изборниот законик да се спроведува целосно и ефективно“, сметаат правните експерти кои го разгледаа новиот Изборен законик на Македонија.

https://p.dw.com/p/18tVX
Фотографија: MIA

Мислењето на Венецијанската комисија (Европска комисија за демократија преку правото) и на ОБСЕ/ОДХИР за Изборниот законик во Македонија, овој пат е изработено по барање на Комисијата за следење на обврските на земјите членки на Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ), така наречената „Мониторинг комисија“, откако претходно Комисијата даде свои видувања при изработката на Законикот.

„Брзото донесување на законот во ноември 2012, без концензус од опозицијата, доведоа до закани за бојкот и продолжување на роковите за пријавување на кандидати за локалните избори“, се вели во мислењето на Венецијанската комисија и ОБСЕ/ОДИХР. Експертите во таа прилика ја истакнуваат важноста на инклузивноста на процесот и конструктивен дијалог меѓу сите политички сили и засегнатите страни во какви било понатамошни измени и дополнувања на Изборниот законик на земјата.

Изборниот законик може да се подобри

Експертите мислат дека остануваат нерешени многу прашања, кои беа во претходните препораки на Комисијата и кои не беа следени од македонскиот законодавец. Ова особено е случај во однос на праговите за донациите за кампањата, објавување и сумирањето на резултатите од изборите, потребата за детални правила за медиумите при изборните кампањи, жалби и приговори процедури, услов за излезност на претседателските избори и системот и аранжмани за гласање надвор од земјата.

Имено, сегашниот праг од 50 отсто регистрирани гласачи (не на гласови) за победа на претседателските избори во првиот круг останува непропорционално и може да резултира со втор круг, дури и кога еден кандидат ќе ги порази сите други кандидати со голема разлика. Продолжувањето на одѕивот на гласачите услов за вториот круг (се бара мнозинство на гласови со праг од 40 отсто од регистрираните гласачи) може да доведе до циклуси на неуспешни избори.

Symbolbild Rechtssprechung p178
Фотографија: BilderBox

Во мислењето меѓу другото се наведува дека е потребно да се одбегне злоупотребата на јавните ресурси за изборната кампања, особено за ограничување на јавните трошоци во предизборната кампања.

„Потребно е да се додаде одредба за регулирање на предизборните активности на министрите во текот на локалните избори, кога тие имаат активна улога во кампањата“, се нагласува во мислењето.

Комисијата која е дел од Советот на Европа, наведува дека е добро регулирана листата со активности што им се забранети на министри или на нивните заменици во предизборниот период. Тие се однесуваат на организирање јавни инфраструктурни програми, реконструкции, исплати за плати, пензии, државни бенефиции, потпишување колективни договори...

Што се однесува до водењето на изборните кампањи, се наведува дека широката дефиниција предизвика многу поплаки од страна на ривалските политички партии заради водењето на предвремената изборна кампања.

„Нормалните политички активности и водењето кампањи се основни права и треба да бидат дозволени и охрабрувани во кое било време. Потребата за регулирање на кампањата главно е поврзана со дополнителните права и пристапот до медиумите, посебни прописи за еднаков пристап, финансирање и трошење од страна на учесниците. Политичките активности како такви не треба да бидат забранети во кое било време, дури ни промовирањето кандидати што не се формално номинирани, но кои можат да бидат промовирани во периодот до изборите. Ова треба да се вметне во идните измени на законот“, се наведува во препораките.

Logo ODIHR

Медиумите и изборите

Во мислењето се вели дека треба да биде разјаснето и значењето на „избалансирана застапеност во претставувањето во медиумите за време на изборната кампања“.

Исто така наместо правилниците за начинот на покривање на кампањата и изборите од страна на медиумите да се донесуваат за секои избори, се предлага тие да бидат вградени во Законот за раздиодифузна дејност и Иборниот законик. Исто така се предлага и усогласување на двата закони за износот на платената политичка реклама која е дозволена да се емитува на медиумите. Засега Изборниот законик го ограничува износот до 15 минути на час, додека на Законот за радиодифузна дејност дозволува максимум од 12 минути на час.

Експертите од Стразбур бараат и разјаснување на значењето на „правичен пристап во медиумското претставување за време на изборна кампања".

Венецијанската комисија и ОБСЕ/ОДИХР изразуват подготвеност да им помагаат на македонските власти во нивните напори да се создаде правна рамка за демократски избори во согласност со нормите на Советот на Европа и заложбите на ОБСЕ и другите европски и меѓународни стандарди.