1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија-Турција-Грција: „Непријателот на мојот непријател“

22 ноември 2010

Швајцарскиот весник „Нојe цирихер цајтунг“ во денешиот број ги забележува реакциите во Скопје за овогодишниот Извештај на Европската унија за напредокот на Македонија.

https://p.dw.com/p/QFKS

„Нојe цирихер цајтунг“ забележува дека по објавувањето на Извештајот на Европската унија за напредокот на Македонија за 2010 година, тема за дискусија во македонската јавност не беа ниту низата слабости во правосудството, ниту пак ограничената слобода на медиумите. Од година во година, европските извештаи се` повеќе почнуваат да наликуваат едни на други, отколку што им служат како поттик на македонските власти да се справат со проблемите.

Крајно вознемирувачки беше избегнувањето на терминот „македонски јазик“ заменет со апстрактната синтагма „државен јазик“. Имено, Македонија е соочена со проблем за идентитетот кој доаѓа однадвор, наведува „Нојe цирихер цајтунг“. Грците одбиваат да го признаат името на соседната земја, бидејќи со тоа се узурпира нивното наследство од Античка Македонија - аспект врз кој Атина бара монопол. Скопје бурно протестираше во Брисел против испуштањето на придавката „македонски“, за што подоцна доби и официјално извинување. Дека станува збор за превид или грешка, не верува никој во Македонија. Напротив, постојат сомневања оти долгата рака на Грција замешала прсти и во уредувањето на јазичните прописи. Атина, и покрај тоа што зависи од милоста на Европската унија, велат од весникот, и натаму решително го блокира доближувањето на северниот сосед кон ЕУ и НАТО и тоа се` додека не биде сменето името „Македонија“.

Во оваа „безизлезна ситуација“, како што наведуваат од „Нојe цирихер цајтунг“, Скопје има само еден пријател на своја страна: Турција. Не треба да чуди, зашто Анкара во овој случај за Македонија е непријател на непријателот Грција. „Честитам, Антонио!“, му рече турскиот министер за надворешни работи Давутоглу на неговиот македонски колега Антонио Милошоски, откако вториов и` го предаде на Турција претседателството со Советот на Европа. Весниците во Скопје задоволно констатираа дека турскиот министер во само две реченици дури трипати ја употребил придавката „македонски“.

Секако дека Македонија се покажува благодарна. Во земјата постепено се заборава називот „турско ропство“ кого соседните држави се` уште радо го цитираат. Дотолку повеќе, во западниот дел на Македонија се обновува куќата на таткото на Кемал Ататурк која ќе се прогласи за споменик. Претседателот Иванов, пак, со декрет одлучи паркот под тврдината Кале во Скопје наместо „Европски парк“ да се вика „Парк на цивилизациите“.


Автор: Ноје цирхер цајтунг

Обработка: Далибор Стајиќ

Редактор: Александра Трајковска