1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија - членка на ЕУ околу 2020 година

Тони Гламчевски22 декември 2012

Ханс-Јирген Захорка, како добар познавач на ситуацијата во ЕУ е оптимист дека Македонија наскоро ќе стане членка на ЕУ и НАТО. Тој смета дека од Грција наскоро ќе биде побарано да го подигне ветото.

https://p.dw.com/p/177u6
Фотографија: T.Glamcevski

Ханс-Јирген Захорка, главен уредник на магазинот „European Union Foreign Affairs Journal (EUFAJ)“ од Европскиот институт Либертас, појаснува:

„Кога велам наскоро, тоа е во поглед на димензијата на стапувањето во членство во ЕУ, што трае меѓу седум и петнаесет години. Тоа е нормален период. Еден дел од тој временски период е веќе поминат од страна на Македонија, но останува уште многу да се направи“.

Захорка како референца го посочува времето за последниот бран на проширување на ЕУ кој траеше десет години, од 1994-2004, додека за Бугарија и Романија тој траеше три години повеќе.

„Ако се пресметува на овај начин, пресметката на Европската комисија станува најверојатно реалност, односно заедничко влегување на сите земји од Балканот, околу 2020. година. Со исклучок на Босна и Херцеговина, бидејќи таа заостанува многу во пренесувањето и спроведувањето на европското законодавство. Проширувањето може да се случи порано или подоцна една или две години“, вели тој.

Но ако Македонија работи според принципот дека е фиктивна членка на ЕУ, таа може да го забрза периодот на заленувањето во ЕУ.

Од Грција ќе биде побарано да направи отстапки

На прашањето дали за тој период се зема во предвид и блокадата од Грција, германскиот експерт, кој одлично ја познава ситуацијата на Балканот, одговара:

„По извесно време од Грција ќе биде побарано во Министерскиот совет и во Европскиот парламент да го подигне ветото, таа е на извесен начин под обсервација. Ако се чита меѓу редовите на последниот извештај на Европската комисија за Македонија, се гледа дека ЕК не е задоволна од Грција, бидејќи таа уште од 2009. се залага за почеток на преговорите“.

Symbolbild Mazedonien Streit um Namen
Фотографија: picture-alliance/dpa

Идната одлука на Грција според него ќе треба да се очекува наскоро, ако тоа не го направи, таа ќе треба да биде потсетена и повикана да го направи истото. Грција, како што вели Захорка, има неонационалистичка реакција, која воопшто не е достојна на европската мисла.

„Грција како долгогодишна земја членка на ЕУ ќе треба да покаже големина и сувереност да се отвори по прашањето за Македонија“.

Македонија не е приоритет за Германија и Франција

Германскиот експерт се обидува да ни објасни која може да биде улогата на Франција и Германија во решавањето на проблемот со името на Македонија и нејзините евроинтеграции.

„Јасно е дека без договор меѓу Франција и Германија ништо не мрда во ЕУ. На приемот на Македонија во ЕУ, во двете земји не се гледа како на апсолутен политички приоритет, бидејќи има други актуелни прашања, како финансиската криза, која апсорбира многу капацитети и енергија. Двете земји можат да направат многу, посебно на внатрешниот национален план во однос на нивната политика кон Македонија и Грција“.

Македонија не ја сврте јавноста во ЕУ во своја корист

Според Захорка, тоа што е во полза на Македонија е пресудата на Меѓународниот суд на правдата донесена пред повеќе од една година. Тој притоа нагласува дека треба да се потсети дека оваа пресуда не беше испочитувана од Грција и Македонија не ја исползувала многу истата пресуда.

Македонија се‘ уште не ја сврте јавноста во ЕУ во своја корист, бидејќи Европејците треба да станат свесни дека една земја како Грција не прави ништо за да ги спроведува одлуките на Меѓународен суд. Таа и покрај тоа што има внатрешни проблеми како на економски и финансикси план, треба да ја спроведе пресудата, ова посебно во однос како кон ЕУ, така и кон Македонија“.

ЕУ, според Захорка, не може да исклучи една земја членка, но една земја членка не смее да го блокира членството на една друга земја од Балканот.

Тој на крајот од разговорот ја истакнува потребата за меѓусебно изучување на културите и јазиците од страна на соседните земји од Балканот и посебно да се дискутира продлабочено за „специфичноста на балканскиот национализам и идејата за европската интеграција“. Тогаш, како што вели Ханс-Јирген Захорка, ќе забележиме дека тие не го прочитале говорот на Роберт Шуман од 1950. година, кој се‘ уште е актуелен и важечки за овие земји.