1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Македонија - член на ЕУ пред другите земји на Западен Балкан“

Тони Гламчевски14 ноември 2006

Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија, европратениците го оценуваат како реален и е позитивен. Британскиот европратеник Греам Ватсон е оптимист за иднината на Македонија, за која смета дека таа ќе стане членка на ЕУ, пред дригите земји од регионот Западен Балкан.

https://p.dw.com/p/Ac1j
ЕУ
ЕУФотографија: European Communities

Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, која го следи процесот на проширување на Европската унија на својот последен состанок во Стразбур ги разгледа извештаите на Европската комисија, објавени пред една недела во Брисел.

Воздржаноста која владее во јавното мислење и кај политичарите на старите земји членки, околу понатамошниот процес на проширување, се одразува и кај европратениците. Но во групата на европските либерали и демократи, проширувањето се уште е приоритетно. „Мислам дека е важно да го продолжиме процесот на проширување на Унијата. И среќен сум што под британско претседателство минатата година и беше даден кандидатскиот статус на Македонија“, ни изјави британскиот европратеник Греам Ватсон.

За содржината на извештајот на Европската комисија посветен на напредокот на Македонија, претседателот на европските либерали и демократи констатира „Се уште има проблеми, тие не се нови, ние ги очекувавме. Но, општо земено мислам дека извештајот беше позитивен и тоа претставува напредок. Убеден сум дека комесарот Рен, се ангажира заедно со владата за да не дојде до недоразбирање. Односно Македонија треба да знае што сака и што очекува од неа Европската унија. Од друга страна Унијата треба да ги признае проблемите со кои оваа земја се соочува.“

Ватсон е оптимист за европската иднина на Македонија, иако не мисли дека во блиска иднина Македонија ќе стане членка на Унијата. „Јас сум оптимист за иднината. Не гледам едно зачленување во многу блиска иднина, но ќе продолжиме да напредуваме и убеден сум дека оваа земја ќе ја имаме како членка на Унијата пред многу други земји од регионот.“

Политичката група на Европските либерали и демократи поддржана и од другите политички групи во Европскиот парламент, беше меѓу првите кои побараа олеснување на визниот режим за граѓаните на земјите од Западен Балкан.

Одлуката донесена во Брисел од Советот на министрите за започнување на преговори за олеснување на визниот режим, во Стразбур, европратениците ја оценуваат како позитивна но и како недоволна. „Тоа не е доволно, иако претставува напредок. Се надевам дека ќе можеме да постигнеме нешто повеќе започнувајќи со ова. Односно да го олесниме движењето на лицата. Бидејќи е евидентно дека за економскиот развој на земјата, но исто и за развојот на личен план на граѓаните на овие земји, тие треба да имаат право да можат лесно да ги посетат другите земји за да ги следат нивните интереси.

Во денешниот свет, многу е тешко да се бранат рестрикциите за слободното движење на луѓето. Ние сме глобално село и тоа треба да го признаеме.“, нагласи претседателот на групата на европските либерали и демократи при Европскиот парламент Греам Ватсон во изјавата за Радио Дојче Веле.