1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ја прекршила Европската конвенција за човекови права

10 ноември 2009

Серија пресуди на Европскиот суд за човекови права против Македонија - две од нив се исклучително тешки, донесени во период од само еден месец.

https://p.dw.com/p/KSNr
Европскиот суд за човекови праваФотографија: AP

Од пресудите произлегува дека земјата ја прекршила Европската конвенција за човекови права поради илегално лишување од слобода и неправедно судење, како и правото на слобода и сигурност поради неоправдано интернирање – затворање во психијатриска болница.

Европскиот суд за човекови права од Стразбур во случајот Јовче Лазороски од Кичево против Македонија заклучи дека тој бил илегално лишен од слобода и дека неговотот судење било неправедно, со што е прекршен членот 6 од Конвенцијата со кој се гарантира правото на праведно судење. Новина е што во истиот случај е прекршен и членот 5, кој го гарантира правото на слобода и сигурност.

Две приказни - две пресуди против Македонија

Приказната на Јовче Лазороски започнува на 6 август 2003, кога еден висок функционер од македонските тајни служби дава усна наредба за апсење на Лазороски, за кој се сомнева дека е вмешан во трговија со оружје и дека постои ризик да ја напушти земјата. Судот од Стразбур, во својата пресуда против Македонија забележува дека судските власти не дале никакви информации, ни докази за вмешаноста на Лазороски во трговијата со оружје и дека неговото лишување од слобода без докази е неоправдано. Не е докажано ниту дека жалителот бил информиран за причините поради кои бил уапсен.

Symbolbild Hammer im Gerichtssaal
Судот се изјаснува околу тоа дали е почитувана законската процедура и основните човекови праваФотографија: picture-alliance/ dpa

Вториот е случајот на Трајче Стојановски од Штип, во кој Македонија е осудена поради неговото неоправдано интернирање – држење во психијатриска болница. Имено, судот не го почитувал мислењето на лекарите со што е прекршен членот 5, параграф 1 од Конвенцијата. Ова лице, со „лесна ментална заостанатост“ во 1998 година било вмешано во тепачка во која друго лице починало од настанатите повреди, поради што бил интерниран на лекување. На двапати, во 1999 и 2003 година, лекарите во болницата во која бил интерниран го повикале судот да ја укине одлуката за интернирање под услов тој да биде лекарски следен. Судот двапати го одбива барањето на болницата, објаснувајќи дека кратките отпуштања од болницата биле почувствувани како закана од страна на граѓаните каде тој живеел. Во ноември 2008 година уште еднаш било одбиено барањето на лекарите. Во својата одлука Европскиот суд за човекови права, смета дека лишувањето од слобода на Трајче Стојановски во 1998 било регуларно, но одбивањето да биде ослободен во 2003, по мислењето на лекарите дека тој не претставува закана за опкружувањето, со единствено оправдување дека им е страв на неговите сограѓани е неоправдано, бидејќи немало елементи дека неговата постапка ќе се повтори.

Соработката на различните државни органи е од суштинско значење

Најголемиот број од пресудите во однос на Македонија се однесуваат на неразумниот долг рок на судењата, но овие две пресуди само покажаа дека е потребна поголема соработка меѓу правосудните, во вториот случај на медицинските и полициските органи за почитување на законските мерки. Жалителите од Македонија просечно добиваат скромни парични оштети од околу 2000 до 3000 евра.

Europäischer Gerichtshof für Menschenrechte in Straßburg
Две пресуди на судот во Стразбур против Македонија за само еден месецФотографија: AP

„Мое лично мислење е дека она што Европскиот суд за човекови права го преточува во пресудите и одлуките ја отсликува состојбата којашто во овој момент стига пред Судот преку бројните апликации од граѓаните. Ние добиваме бројни апликации кои се однесуваат на должината на постапката пред домашните судови, меѓутоа во последните неколку години започнува да се менува квалитативно и структурата на апликациите по однос на другите одредби од Европската конвенција за човековите права“, вели Мирјана Лазарова-Трајковска, судија при Европскиот суд за правата на човекот во Стразбур.

Жалењето пред судот од Стразбур, е можно откако ќе бидат исцрпени сите домашни судски инстанци, што не е секогаш случај со предметите од Македонија. Судот од Стразбур не се изјаснува за содржината на случајот, туку дали е почитувана законската процедура и дали се почитувани основните човекови права на жалителот, гарантирани со Конвенцијата, без оглед на тоа за каков облик на криминал станува збор и без оглед на тежината на делото.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска