1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ќе чека мислење на ЕУ за бугарските авио-компании

Горан Петрески23 март 2007

Бугарските авио-компании чии авиони не ги задоволуваат стандардите на ЕУ се приземнети. Сега бараат излез и како спас од загуби го гледаат Охридскиот аеродром.

https://p.dw.com/p/AeIz
Фотографија: AP

Неколку бугарски авио-компании кои неодамна добија забрана за летање во ЕУ, побараа од македонските воздухопловни власти да го користат Охридскиот аеродром како место од кое ќе можат непречено да оперираат во авио-сообраќајот. Бугарските авио-компании кои ги изгубија дозволите за летање, испланирале да ги регистрираат нивните авиони во Скопје, откако Софија ги отпиша од нејзините книги за воздухоплови. Станува збор за пет бугарски аво-компании – Брајт Авиејшн Сервис, Ер Софија, Хели Ер Сервис, Скоприон Ер и ВГ Ерлајнс. Сите тие го пикирале аеродромот во Охрид за нивна следна главна база за авио-операции. Тие изанализирале дека македонската регулатива дозволува нивните авиони од Охрид непречено да летаат во унијата. За најновата идеја, претставници од авио-компаниите веќе се сретнале со директорот на Управата за цивилна воздушна пловидба, Ернат Фејзулаху. Тој вели: “Точно е дека по стапување на Бугарија во ЕУ, значи од први јануари 2007 година, според прописите на ЕУ некои типови на авиони не можат да се регистрираат во земјите членки на унијата и да оперираат во овие земји. Затоа се појави интерес вакви типови авиони да се регистрираат кај нас. Но, бидејќи и ние сме земја кандидат за ЕУ, ќе побараме мислење за начинот на кој што треба да постапиме за да не ги прекршиме прописите на ЕУ. “

Надлежните во македонскиот авио-сообраќај велат дека за да одговорат по барањето на бугарските авио-фирми ќе мораат да го почекаат мислењето на Европската комисија. Неофицијално, предлогот на авио-играчите од Бугарија за кои стигна апел и од софискиот министер за транспорт и врски е добар, бидејќи така ќе се зголеми фреквенцијата на Охридскиот аеродром. Повеќе од една деценија, аеродромот никако не може да стане фреквентен центар со завиден број авио-операции. Не помогнаа ниту десетте милиони евра потрошени за негово реновирање. Охридскиот аеродром сега работи секој ден, но само по неколку часа. Македонскиот редовен авио-превозник МАТ, и швајцарската Хелветик, се и единствените компании, кои во текот на неделата ги опслужуваат стотината вработени на аеродромот во Охрид.

ЕУ ги стави на црната листа петте бугарски компании откако утврди дека не ги задоволуваат стандардите за безбедност на летот. Воздухопловната флота на блокираните авио-компании од Бугарија е составена од постари типови авиони – Туполев, Антонов и Јаковлев, произведени во поранешниот Советски сојуз.