1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ќе ја плаќа цената за неодговорноста на ЕУ

17 октомври 2019

Макрон зборува за „реверзибилност“ во преговорите, а кога се анализираат француските формулации за проширувањето, тие веќе го вратија процесот 20 години назад, вели Малинка Ристевска од Институтот за европска политика

https://p.dw.com/p/3RQOr
Deutschland Balkan-Treffen in Berlin | Merkel und Macron
Франција ги блокира напорите на другите членки да започнат преговори со Северна Македонија и АлбанијаФотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Schreiber

Колапс на европската политика на Балканот, одговорност за можна дестабилизација на земјите аспиранти за ЕУ, губење на европската веродостојност, непочитување на препораките на Европската Комисија... Ова се само дел од лавината оценки по француското блокирање на одлуката за почеток на  пристапни преговори на Северна Македонија и Албанија со ЕУ.  Иако последната шанса за пресврт останува на лидерскиот самит денес и утре, домашни аналитичари ја губат надежта во таков исход.

„Сега е поверојатно дека нема да има датум за почеток на преговори, дека ЕУ едноставно нѐ прелажала“, смета Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика (ЕПИ).

„Сегашната нивна стратегија, или поточно тактика во отсуство на стратегија за проширување -  е да се одолговлекува - со одложување на клучна одлука како што е почетокот на преговорите, со ваква или онаква методологија на преговори, со ставање на прашањето во пакет со секогаш поважни ‘внатрешни прашања'...  Макрон зборува за некаква ‘реверзибилност' во преговорите, а кога се анализираат француските пораки и формулации за проширувањето, тие веќе го вратија процесот 20 години назад. Повеќе личи на лош водвиљ отколку на одговорна политика“, коментира Ристевска.

Таа укажува дека таквата неодговорна политика на ЕУ, за С. Македонија ќе има цена.  „Големото прашање сега е која ќе биде таа цена и колку ќе може да се амортизира негативното влијание на домашен план. Откако ќе го преживееме времето на хиените, меѓупартиските обвинувања кој е виновен и лицитациите со избори, со која и да е власт ќе ни остане прашањето - како понатаму? Би било подобро да скусиме и да почнеме да ги бараме одговорите што побрзо и со што поладни глави", сугерира Ристевска. 

Подарок за довчерашните заробувачи на државата

Аналитичарот Ибрахим Мехмети го констатира чувството што доминира кај сите граѓани кои сакаат интеграција на земјата во ЕУ: ако до петок Северна Македонија не добие одлука за започнување преговори за членство во ЕУ, тоа ќе биде многу големо разочарување, вели тој. 

„Навистина е несфатливо дека европските лидери не ја сфаќаат тежината на чекорите што ги направија граѓаните на Северна Македонија од референдумот за промена на името и сите други чекори направени преку Парламентот и  Владата,  како за уредување на односите со соседите, така и за уредување на меѓуетничките односи. Доколку после сето ова државата остане на истата позиција, тогаш ќе биде многукратно потешко да се направат и многу полесни реформи, а камоли нешто слично“, оценува Мехмети.

Nordmazedonien und EU
Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Според него, јасно е на кого би му одел во прилог евентуален негативен исход. 

„Драмата која се создаде во европската јавност околу ова прашање може да им оди во прилог само на тие што јавно се залагаат за евроинтеграции, но потајно се надеваат дека овој процес сепак ќе пропадне, со што ќе им се отвори простор за политичка рехабилитација. Евентуалното конечно ‘не’ за преговорите, ќе значи рехабилитација на политичките сили кои пред само некоја година беа осудувани дека ја заробиле државата, а од друга страна ќе доведе до маргинализација на тие сили кои беа пофалени дека направија историски чекори на кои можат да им позавидат многу европски земји. Јас сепак се надевам дека европските лидери ќе ги надминат нивните меѓусебни недоразбирања или ривалитети, и дека сепак ќе смогнат сили, симболично кажано, да го стиснат зеленото копче за да се отвори патот за членство на Северна Македонија во ЕУ“, вели Мехмети.

Одговорност за дестабилизација

Загриженоста од досегашниот „развој“ на настаните е голема и меѓу граѓаните на соседна Албанија.

„Кога Европскиот совет  ќе се состане да донесе одлука за започнување разговори за пристапување на Македонија и Албанија, таа ќе донесе одлука и за судбината на Европската унија, оценува албанскиот експерт за надворешна политика, Акри Чипа, во коментар објавен на порталот „Еурактив".

Тој оценува дека одлуката ќе има значителни последици и ќе даде слика за тактиката, стратегијата, па дури и  совеста на Унијата.

„Ако блокот уште еднаш ги одложи преговорите, тоа ќе биде јасно нагласување оти постои ненадминлива дистанца помеѓу ЕУ и Западен Балкан. (...) Одложувањето ќе испрати порака и за долгорочната стратегија на ЕУ, според која регионот моментално не е предвиден во проектите на ЕУ, односно дека овие држави треба да почнат да разгледуваат други опции. На крајот, одлуката за Албанија и за Северна Македонија кажува многу за способноста на ЕУ да го одржи зборот пред балканските држави кои се посветија со ум и со срце на европскиот проект“, пишува Чипа.

И поранешниот шведски премиер и специјален пратеник на ЕУ за поранешна Југославија, Карл Билт предупреди кон што води одбивањето да се донесе одлука за почеток на преговорите со Скопје и Тирана.

„Поради заканите на Франција дека ќе стави вето на отворањето на пристапните разговори со Северна Македонија и со Албанија, ЕУ се соочува со можноста за колапс на целиот пристап на нејзината политиката и кредибилитет на Балканот", предупреди тој на Твитер.

Сепак тој изразува надеж дека лидерите на ЕУ на Самитот во Брисел денес и утре ќе го избегнат таквиот колапс.

Словенечкиот министер за надворешни работи, Миро Церар, изрази жалење што Франција ги блокира напорите на другите членки да започнат преговори со Северна Македонија и Албанија.

„Ако не отвориме преговори со двете држави, ЕУ ќе ја изгуби својата веродостојност и ќе ги погази сопствените ветувања“, изјави Церар.

Според него, со тоа ЕУ ќе се откаже и од препораките што и ги дала Европската Комисија на заминување, за започнување преговори со нови потенцијални членки.

„Покрај тоа, со одлагањето на одлуката за отворање преговори, Европската Унија би можела да биде одговорна за какво било влошување на политичката состојба во Северна Македонија и пошироко", предупреди Церар.