1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонската влада бара конструктивност од Грција

ЕМФ/макфакс/миа7 јули 2012

Македонската влада ќе ја динамизира соработката и комуникацијата со Грција, со цел побрзо изнаоѓање решение за спорот со името, затоа што смета дека поминало доста време без реакција од Грција.

https://p.dw.com/p/15TN8
Фотографија: MIA

„Во функција на динамизирање на соработката и комуникацијата, предлагаме средби за унапредување на дијалогот и засилување на довербата, на различно ниво, помеѓу функционери од двете земји, и тоа на ниво на министри, премиери, или на било кое друго ниво кое тие ќе го определат, нешто, за што повеќепати сме се залагале и повторно го реафирмираме. Исто така, сметаме дека динамизирање на разговорите во рамките на Обединетите нации е значајно и неопходно, процес, кој треба да продолжи со интензитет и суштина, а во кој се очекува изнаоѓање на решение“, рече новиот портпарол на Владата, Александар Ѓорѓиев.

Со цел подобрување на атмосферата и зајакнување на довербата, македонската влада предлага реализација на иницијативи кои значат оплеменување на односите меѓу двете земји, како регулирање на битни сфери кои се од полза и за граѓаните и за компаниите од двете земји, и тоа: „Потпишување на Декларација за пријателство и соработка, основање на заеднички образовно-историски комитет, потпишување Рамковен предлог за унапредување на билатералните односи меѓу Македонија и Грција, основање на заеднички комитет кој ќе биде составен од претставници на министерствата за внатрешни работи на двете земји, граничната полиција и царината, договорно регулирање на економската соработка преку склучување договор за одбегнување на двојното оданочување, основање на заеднички контакт центар на министерствата за внатрешни работи на двете земји“, наведе Ѓорѓиев, додавајќи: „За овие иницијативи досега имаме добиено негативен одговор, или немаме добиено никаков одговор, што не содејствува со вистински и рационален однос кон работите и покажува незаинтересираност за соработка. Се надеваме дека пристапот ќе биде променет“, рече портпаролот на Владата.

Владата повторно ќе иницира и отворање на нов граничен премин Маркова Нога-Герман, кој би бил во функција на сообраќајот меѓу трите земји во таканаречениот Евро-Парк Преспа, како и нов граничен премин Николиќ – Дојрани, но и реактивирање на граничниот премин Сеово, кој е и иницијатива на општините Гевгелија и Аксиополи (Бојмица).

Griechenland Mazedonien Bildkombo Flaggen
Фотографија: AP/DW Fotomontage

„Подготвени сме за дијалог, за разговор, за аргументација, на средби на секое ниво, директни и под покровителство на Обединетите нации, се‘ со цел унапредување на нашите односи и надминување на отворените прашања“, додаде портпаролот на Владата, Ѓорѓиев, потенцирајќи дека македонската влада ја разбира тешката ситуација на Грција во моментов.

Тој нагласи дека треба да се почне со конкретни иницијативи, нагласувајќи оти само со позитивен одговор Грција ќе покаже дека има посветеност, чувство за одговорност кон регионот и кон проширувањето на НАТО, посебно кон ЕУ, како што и впрочем, како што рече Ѓорѓиев, се залагаат во нивната стратегија.