1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонската изборна кампања не содржи „културна ДНК“

Катерина Блажевска30 јануари 2014

Политичката реторика не треба да се воздржува ниту од негативна кампања, ниту од разоткривање на финансиските статуси на јавните личности, уверуваат комуниколозите

https://p.dw.com/p/1AzJW
Фотографија: Petr Stojanovski

На мала врата и на големо почна изборната кампања. На кантар се редат станбени квадрати на политичари и новинари, фирми, акции, организации, се дотура и од лево и од десно, за да се види на чиј тас повеќе ќе натежне гревот. Ако се суди според „чистотата“ на дел од оваа неформална имотна лустрација со елементи на „преки суд“, може слободно да се каже дека Македонија наскоро ќе влезе во највалканата кампања во нејзината изборна историја. Во тоа не се сомневаат ни во двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со таа разлика што за ниски удари го обвинуваат само политичкиот опонент.

Ние и тие

Опозицискиот СДСМ веќе изгради став дека досегашното однесување на ВМРО-ДПМНЕ не остава простор дека кампањата ќе биде фер и демократска.

„Тоа го потврдува валканата кампања против лидерот на опозицијата Зоран Заев. Максимално се користат медиумите под контрола на власта и јавниот сервис МРТВ, за црната кампања на владејачката партија која главно се базира на лаги, со кои се прави обид за лични дисквалификации. Опозицијата отвори сериозни тендерски и станбени афери во кои е директно инволвирана власта на Груевски, а јавните настапи на СДСМ речиси и не се пренесуваат, што само покажува што може да се очекува во кампањата. Тоа е таа медиуско-коруптивна врска што го разобличува начинот на владеење на Груевски, која ние документирано ја докажуваме. СДСМ, со смирен тон и аргументирано ги споделува со јавноста сите информации до кои ќе дојде. На реакциите на ВМРО-ДПМНЕ полни со приземен речник се обидуваме да возвраќаме со факти. СДСМ направи сѐ, со измените во изборното законодавство да се ограничи злоупотребата на државни пари и на институции за партиски цели, но во пресрет на изборите, јавноста е сведок на кампањски активности на Владата токму во оваа насока. Впечаток од досегашните активности на власта, е дека тие немаат намера да спроведат фер и демократски избори“, велат од Центарот за комуникации на СДСМ.

Antonio Milososki mazedonischer Außenminister
Милошоски: Кампањата очекувам да биде прилично напната, со нервозни и нефер постапки од политичариФотографија: Dragan Todorovski

Антонио Милошоски, пратеник од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, констатира дека предизборната кампања во Македонија секогаш била полна со емоции, кавги, подметнувања и лични навреди.

„И оваа не верувам дека ќе биде исклучок. Причините се повеќеслојни, но основната е тоа што голем дел од политичарите, изборите и политиката ги сфаќаат како игра на 'сѐ или ништо'. Не очекувајте фер-плеј од политичари кои во изборниот натпревар влегуваат со максимата 'да се биде или не'. Тиe ја пречекоруваат изреката дека 'само во љубовта и војната е дозволено се', па и политичката игра ја претвораат во гладијаторска арена каде се користи и дозволено и недозволено орудие. Следна причина се слабите медиумски и општествени норми за тоа што е дуел, а што удар под појас; што е критика, а што клевета; што е политичка разлика, а што лична нетрпеливост. Ако ни е за утеха, вакви предизборни сплетки се случуваат и во Италија, Бразил, Србија.., но мислам дека лекциите за кампањи треба да ги учиме од Германија, Холандија или Шведска. Кампањата очекувам да биде прилично напната, со нервозни и нефер постапки од политичари кои и досега изгубиле премногу изборни дуели, за да можат да си замислат уште еден изборен пораз. Но, добрата вест е што во споредба со пред 15 години, публиката денес е позрела и поискусна и може да препознае зад чии зборови стојат дела, а чија реторика е само оружје во борбата за превласт“, оценува Милошоски.

Легитимна алатка

Повеќе изборни циклуси потврдија дека кампањите во Македонија не ја содржат т.н. „културна ДНК“, иманентна за земјите со демократска традиција и политичка култура во комуникацијата, па никој и не очекува дека овдешната размена на навреди може да наликува на нешто пристојно. Главното мото е идентично на аланфордовското правило „ако сакаш да победиш, не смееш да изгубиш“, па на таа карта се става целиот влог. Според комуниколозите, и негативната кампања е легитимна алатка на политичката комуникација. Марко Трошановски, комуниколог и директор на Агенцијата за истражување на јавно мислење, „М-проспект“, објаснува дека стандардите на достоинствена политичка комуникација се потпираат на разумски аргументи - факти, научни тези, претпоставки, идеологии, кои треба кај општата јавност да создадат информирани ставови за политичката реалност. Но, не само на нив.

„Сепак, убедувањето во политичката реторика има за цел да изгради ставови не само преку рационална, туку и преку емотивна релација на индивидуата/јавноста со темата, личноста и појавата за која се дебатира. Од гледиште на убедувањето, емотивниот аспект е многу поважен од разумскиот. Затоа негативната кампања која испраќа доминантно емотивна порака е легитимна алатка на политичката комуникација. Постои отсекогаш и секаде. Нејзината зачестеност е индикатор за предизборен период. Убеден сум дека ќе игра значителна улога во изборната кампања, во комбинација со афирмативна реторика на промоција на политички агенди, проекти и решенија. Политичката реторика не треба да се воздржува од негативна кампања, ниту пак од разоткривање на финансиските статуси на јавните личности - политичари и креатори на јавно мислење, не не треба и да се ограничува само на неа. Силната политизарност на нашето општество, но и големото ривалство ја прават на моменти вулгарна, но влоговите се големи. Дебатите отсуствуваат предолго време и неартикулираните политички фрустрации избиваат во форма на вулгарности, етикетирања, навреди, стереотипи и предрасуди“, објаснува Трошановски.

Mazedonien Wahlen
Фотографија: DW/Stojanovski

Војна на световите

Вовлекувањето на новинарите во политичата арена, го вклучи алармот во новоформираниот Совет за етика во ЗНМ, кој остро ги осуди текстовите со кои битката за информирање на јавноста се претвори во линч на новинари. Советот предупреди дека новинарите не смеат да се претворат во мегафони на одредени центри на моќ, и порача „сите медиуми да се воздржат од меѓусебни пресметки кои ќе резултираат со очаен новинарски производ и понуда, фрлајќи темна дамка врз целото македонско новинарство“.

Но, се чини дека е доцна. На сцена е „војна на световите“, вели режисерот Слободан Унковски. Иако целата ситуација наликува на „театар“, тој не сака да прави такви споредби, од почит кон театарската уметност.

„Агресивноста која уште сега го загадува нашиот простор, е лоша најава на натамошниот развој на настаните. Прво почна битката на книговодителите хранети со податоци од тајните служби. И како што во 'Недопирливите' мора да се фати книговодителот за да се осуди Ал Капоне, така и овде реалните и продуцирани имотни листови, сметки, пријавени и непријавени добра, стануваат стратегиски точки околу кои се водат битки до последниот документ, до последната гадост, се додека ликот на противникот нема да се препознава од количеството кал фрлено врз него. Опозицијата покажа дека би можела да ја најде стратегијата која најмногу го боли противникот, но власта е сѐ уште повешта во манипулациите, оние на ТВ или на други начини. Најпрво помислив дека ова се вентили за да се дојде до нула и од таму да почне нешто ново и нормално, но гледам дека ова е само почеток на една општа тепачка од која ќе се тркалат глави по улица, ќе се заплашува, заканува и забранува, ќе се подмитува и гине, а слоганот би можел да биде едноставен: 'Идеологијата е мртва, сѐ за љубов на парите'“, вели Унковски.

Slobodan Unkovski Regiesseur aus Mazedonien
Унковски: 'Идеологијата е мртва, сѐ за љубов на парите'Фотографија: Petr Stojanovski

Чувај го зборот!

Јазичарите досега не успеаја да пресметаат колку зборови се употребуваат во еден говор или во едночасовна партиска кампања. Но, според неофицијални статистики, во еден политички говор доминираат најчесто дваесетина општи и апстрактни именки: дела, работа, труд, одговорност, името, чесност, посветеност, искреност, морал, вистина, знаење, верба, семејство, пожртвуваност, гордост, радост, бериќет, иднина, успех... Најчесто употребувани глаголи се - остануваме, остваруваме, градиме, отвораме, правиме, вработуваме, зголемуваме, инвестираме, браниме.., дел искажани во минато свршено време, но најмногу во идно.

Колкава е вредноста на зборот во една изборна кампања? Според Људмил Спасов, професор на Филолошкиот факултет на УКИМ, многу ниска.

„Зборовите имаат голема, немерлива вредност. Но, за жал, во кампањите нивната вредност драматично се губи, бидејќи тие се наменети за еднократна употреба. Особено, ако станува збор за валкана кампања, а не се сеќавам дека досега кампањите биле поинакви, што значи дека 'напредуваме' во таа насока со секој нов изборен циклус. Иако, генерално во кампања се е дозолено, многу треба да се внимава какви зборови се употребуваат, бидејќи кампањата и изборите ќе завршат, но кажаното остава длабоки и трајни лузни во општеството“, укажува Спасов. Големиот пoет Блаже Конески сигурно не мислел на избори кога ги напишал овие стихови, но, во овој контекст, тие се добра поука.

Чувај го зборот добро врзан

како необучен коњ
што знае да каса, да клоца, да мава.
Чувај го!
Зашто ако го пуштиш така
разоглавен по чаирите,
којзнае која луда глава
ќе посака да го јава“
.