1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонската независност е успешна приказна!

Силвера Падори-Кленке8 септември 2012

Германските политичари кои во фокусот ја имаат Македонија, периодот од 21 година независност го сметаат за успех на земјата. За ДВ говорат: Jохан Вадефул (ЦДУ-ЦСУ), Дитмар Нитан (СПД), Екарт Стратеншулте и Валтер Колбо.

https://p.dw.com/p/164Nj
Фотографија: DW

„21 година по основањето на државата, останува успешната приказна. Се радувам што Македонија доби своја држава и може да чекори по сопствениот пат кој е успешен. Многу меѓу-чекори се веќе направени. Секако, уште многу претстојат, посебно во економскиот развој, кој треба да обезбеди поголема благосостојба на граѓаните, но и во доменот на правната држава. Македонија во периодот од 21 година независност - во Европа најде многу пријатели кои ќе ја придружуваат“, е билансот од независноста кој за ДВ го подвлекува д-р Јохан Вадефул, пратеник во Бундестагот и известувач за Македонија во ЦДУ-ЦСУ.

Johann Wadephul CDU
Време е Македонија да исчекори нанапред. Јохан Вадефул (ЦДУ-ЦСУ)Фотографија: picture alliance/dpa


„Сигурно има позитивен развој. Македонија во многу стандарди се доближи до Европската унија. Вложи напори во многуте реформи. Со Охридскиот договор се потруди да ги разреши етничките конфликти што е мошне позитивно. Но, од друга страна, има уште долг пат за остварување на вистинската слобода на печатот, независноста на медиумите, транспарентноста во судството и политичкиот систем. Има позитивен развој, но има уште многу да се сработи - што значи нема простор за задоволство и комоција“, дополнува за ДВ Дитмар Нитан, пратеник од СПД во Бундестагот.

Успехот не е европски валоризиран!

Позитивна оценка дава и д-р Екарт Стратеншулте, прв човек на Европската Академија – Берлин чија градина многу години беше „парче Македонија“ во престолнината, каде земјата празнуваше и се промовираше.

Dietmar Nietan SPD Bundestagsabgeordneter
Има успеси, но се’ уште не е време за задоволство и комоција. Дитмар Нитан (СПД)Фотографија: Nietan

„Македонија во овие 20 години и покрај големите тешкотии од надвор, многу добро се развиваше. Ова го покажува извештајот за напредок на Европската комисија, што значи не е моја субјективна оценка, туку објективен напредок“, коментира Стратеншулте според кого спорот со Грција околу името останува најголем хендикеп на земјата. Ова мислење го дели и социјалдемократот Валтер Колбо, претседател на Германско-македонското друштво, поранешен пратеник во Бундестагот и голем пријател на Македонија.

Gesprächskreis Europapolitik
Напредокот е објективно постигнат. Екарт Стратеншулте од Европската академија - БерлинФотографија: DW/Silvera Padori-Klenke


„Развојот на земјата од политички агол гледано - радува. Проблемот со името за жал се’ уште не е решен поради што Македонија во својот натамошен развој е зависна од Грција и пасивноста на Европската унија и НАТО партнерите“, е конкретен Колбо, за кого е неразбирливо како успехот од независноста, поради спорот со името не се валоризираше во поддршката од страна на европските партнери и НАТО. За Колбо најголема важност има постигнатото на меѓуетнички план со Охридскиот договор, со кој како вели: „е развиен широк политички и културен плурализам кој ги респектира различностите на малцинствата, што е пример за целиот свет“. И токму за валоризација на сево ова, според Колбо треба да се надмине бесконечната „пат позиција“ околу спорот со името и тоа преку организирање тркалезна маса на која ќе мора да се постигне решение.

Суверено право на името!

Соговорниците на ДВ ја истакнуваат важноста за билатералното решение на спорот. Потсетувајќи дека во Европа е прифатено почитувањето на границите и штитењето на правата на малцинсвата д-р Вадефул потсетува: „Ова треба да важи и за Грција и за Македонија и тоа во двете насоки, со што секоја земја во овие рамки ќе може суверено да живее и се разбира - суверено да може да си го одбере и името. Ако овие основни права се важечки за сите, треба да важат и тука. 21 година по независноста е време Македонија да може понатаму нанапред да чекори“, подвлекува за ДВ Јохан Вадефул.

Mazedonien Walter Kolbow
За 5 години Македонија ја гледа во ЕУ. Валтер Колбо, претседател на Германско-македонското друштвоФотографија: DW

На хипотетичкото прашање: кога Македонија ја гледаат во ЕУ, политичарите со различни прогнози: од широкоградите 5 години кои ги дава Валтер Колбо, преку деценијата на Екарт Стратеншулте, до одбивањето на наведување каков било датум - од страна на Дитмар Нитан.