„Македонската репрезентација вреди повеќе“
6 јуни 2011Во амбиент за паметење, Ирците го испија победничкото пиво, благодарение на двата гол-подароци од своите домаќини. Николче Новески, стандардниот македонски репрезентативец, веднаш по натпреварот вака прокоментира:
„Да, некако низ овие квалификации постојано се повторуваат истите работи, истите грешки. Штета! Мислам дека според играта заслуживме нешто повеќе, но тоа е тоа“.
Ова беше шести натпревар во групата, во која Ирска, Русија и Словачка со по 13 бодови продолжуваат да ја бијат битката за првите две места, а Македонија, со само 4 бода на 4 кола пред крајот, ја затвори и последната врата, што би водела на Еуропеото во Полска и Украина.
„Ние знаевме дека само со победа би фатиле приклучок кон останатите репрезентации. Сега навистина е речиси невозможно.“
Тешко е да се објасни резултатскиот дебакл!
Дали е ова вистинската слика за квалитетот на македонската репрезентација? Новески смета дека Македонија повеќе вреди:
„Мислам дека имаме квалитет во репрезентацијата, меѓутоа зошто вака се губат натпревари тешко е да се објасни.“
Подолго време може да се почувствува дека во македонскиот национален тим работите не функционираат како што треба! Причини за резултатскиот дебакл има, Новески не сакаше да зборува за нив.
„Сега, директно по натпреварот, тешко е да се зборува за тие работи. Тешко е да се објасни.“
Германското првенство попријатна тема
Можеби наскоро ќе излезат на виделина! Многу попријатна тема за нашиот соговорник е штотуку завршеното германско првенство. За Новевски, мало изненадување е супериорноста со која Борусија од Дортмунд стигна до титулата.
„Не, не очекував! Очекував после полусезоната дека ќе бидат шампиони, но пред почетокот на сезоната не можеше да се очекува вакво нешто.“
За својот Мајнц, Новески смета дека сосема заслужено обезбеди излез во Европа.
„Мислам дека е заслужено. Бевме единствена екипа која константно во текот на целата сезона беше на првите пет позиции. Игравме доста добро и заслужено следната сезона ќе играме во Европа-лигата“.
Засилувања преку млади фудбалери
Новески, капитен на Мајнц, ја истакнува стратегијата на својот клуб, играчките засилувања да се бараат преку млади, неафирмирани играчи.
„Веќе земавме пет-шест млади играчи. Сигурно дека ќе има уште едно до две засилувања. Таква е филозофијата на клубот во изминатите години, да им дава шанса на младите играчи и не отстапуваат од тоа“.
Николче Новески, со договор е врзан уште две години да го носи дресот на Мајнц. Верува дека и натаму ќе биде стандарден, играчки респектиран и капитенски почитуван.
Автор: Златко Калински
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска