1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонска салата во Грција

Спирос Москову
5 февруари 2018

Шансите за решение во долгогодишниот спор за името Македонија се големи, но ниту политиката ни народот во Грција не се подготвени за него, смета Спирос Москову.

https://p.dw.com/p/2s7yH
Griechenland Streit um den Namen Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Giannakouris

Грчките патриоти сакаа со протестот во Атина да ја одбранат својата татковина и да ги потенцираат правата на својата нација контра македонските узурпатори од север. Тука беше православната црква, северногрчки здруженија, десничарски и екстремно десничарски пратеници, дури и композиторот и гуру на старата левица, Микис Теодоракис.

Демонстрантите не сакаат никакво решение 

Бесот на демонстрантите е насочен кон решението кое е на повидок во 25-годишниот спор со соседната Македонија. Според толкувањето на грчката историја и политика, со право на ова традиционално име располага само истоимената северна грчка провинција. Значи, историјата како сопственост, а не како континуитет.

Оттаму, за Атина, соседната држава сѐуште се вика „Поранешна Југословенска Република Македонија“, за мнозинството Грци едноставно - Скопје. Поради грчките отпори против употребата на името, Македонија со години е заглавена во чекалниците на ЕУ и НАТО. Сега конечно дојде до придвижување во спорот: новиот македонски премиер, социјалдемократот Зоран Заев покажува подготвеност за компромиси, а и грчкиот премиер Алексис Ципрас сигнализира подготвеност за отстапки. Целта е што поскоро решавање на спорот за името, за уште во јули, на следниот самит на НАТО во Брисел, да биде отворен патот за прием на Македонија во Северноатлантската алијанса.

Повеќе на темата: 

Грчката опозиција против решение на рати со Македонија

Лингвистичка формула во предлог за името на Македонија?

Спор за името: 25 години лет во место

На грчката влада во меѓувреме ѝ е јасно дека соседната република не може да биде целосно прекрстена. Зборот Македонија мора и ќе биде содржан во името, најверојатно со додавка „Северна“, „Нова“ или „Горна“  Македонија, за од Скопје да не бидат можни аспирации кон грчката Македонија. Атина е отворена за ваков компримис, проблем е меѓутоа што владата на Ципрас зависи од гласовите на својот деснопопулистички коалиционен партнер Анел.

Moskovou Spiros Kommentarbild App
Спирос Москову

Атинската партиска тактика го спречува компромисот

Хардлајнерите од Анел не се подготвени на соседот да му го препуштат името Македонија во каква било форма и остануваат цврсто непопустливи. Се разбира, компромис би можел да помине во парламентот без проблеми со гласовите на опозицијата. Но, тоа би било тешко искушение за владата и веројатно би значело нејзин предвремен крај. Потоа Сириза можеби би можела да владее заеднички со остатоците од грчките социјалдемократи од Пасок. Но, ниту конзервативната опозиција не дозволува увид во нејзините карти, Нова демократија на Кирјакос Мицотакис ужива во моментниот поволен рејтинг и не е склона да му помогне на Ципрас во постигнување надворешнополитички успех. Конзервативците одбиваат заземање јасна позиција во спорот околу името.

Решението на овој анахроничен конфликт меѓу Грција и Македонија би било важна етапа во нормализирањето на Југоисточна Европа по војните во бивша Југославија. Целиот регион би можел да се ослободи од дел од товарот на минатото и да тргне по нови стабилизирачки патишта. За жал, се чини дека политичкиот систем на Грција сѐ уште ја нема потребната зрелост за модерната политика на 21. век. На примерот со Македонија се одмаздуваат грешките од минатото: грчките партии во изминатите децении на своите гласачи не успеаја да им објаснат: само по себе се разбира дека грчка Македонија е грчка. Но, таа не е единствената.