1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонскиот спорт пред нов предизвик

Златко Калински21 февруари 2012

По повод 20-годишнината од основањето на Македонскиот олимписки комитет, го ре-објавуваме интервјуто со претседателот на МОК, Васил Тупурковски од февруари годинава

https://p.dw.com/p/146Ki
Фотографија: picture-alliance/dpa

Почеток е на 2012-та година, олимписка во која првпат се испреплетуваат повисоки и поинакви желби врзани за македонскиот спорт. Имено, првпат три репрезентативни селекции влегоа во последниот филтер за пат во Лондон. Кошаркарската, ракометната и ватерполо репрезентацијата се во сериозна игра за учество на најголемиот спортски настан. За Васил Тупурковски, претседателот на МОК, ова е исклучителен момент.

„Навистина е сон, кој полека се остварува пред нашите очи. Секогаш сум мечтаeл, како и другите спортски нации, на Олимпијада да отидеме со колективен спорт, со многу спортисти, со голем публицитет, ТВ преноси...Едно е Олимпијадата само со поединечно учество, а сосема друго со настап на националните репрезентации.“

МОК, во меѓу просторот од двете летни Олимпијади, ги заостри критериумите за учество, не ослонувајќи се веќе на вајлд- картите, истовремено обезбедувајќи многу подобри услови за подготовки на македонските кандидати, особено во индивидуалните спортови. Сепак, досега се’ уште не е обезбедена ниту една олимписка норма.

„Бидејќи, состојбите во спортот, вкупната ситуација во материјалната сфера во Македонија не е едноставна, не можеме да се надеваме на некои поголеми резултати на план на индивидуалниот спорт. Ние имаме еден медал од спортист-борач, Ибрагимов, во овие 20 современи години на Република Македонија и тоа не е малку, затоа што 70-80 нации членки на ИОК немаат ниту еден медал. Но, не сум преголем оптимист, иако се’ правиме индивидуалните спортови да остварат норми и да учествуваат на најголемото светско натпреварување“.

Период на афирмација и етаблирање

Наскоро ќе бидат заокружени 20 години од формирањето на Македонскиот олимписки комитет. Васил Тупурковски вака го оценува изминатиот период:

Professor Vasil Tupurkovski
Васил Тупурковски, претседателот на МОКФотографија: DW/Stojanovski

„Јас би рекол дека ние сме етаблирани како национален олимписки комитет во големото семејство на oлимпизмот, што значи дека имаме пријатели на секаде и ние сме пријатели на сите олимписки комитети. Се обидуваме да ги реализираме високите принципи на oлимпизмот, да едуцираме млади, да едуцираме пошироко, општествени структури за тоа колку е значајно ова светско спортско движење.“

Желба на луѓето од МОК е јубилејот да биде достојно одбележан. Оттаму, денот на прославата се’ уште не е утврден, а ќе биде прилагоден на тоа да има највисоко можно рамниште.

„Не знаеме дали точно ќе го користиме датумот 20 март, бидејќи сакаме да дојдат и сакаат да дојдат претставници на олимписки комитети во поголем број. Такашто е возможно тоа да го направиме во друга прилика, во зависност од учесниците во програмата, оти сакаме да ја претставиме Македонија на најдобар возможен начин.“

Васил Тупурковски две децении е на чело на Македонскиот олимписки комитет. На прашањето за желбите и целите неостварени, а кои би сакал да ги реализира во иднина, вели: „Едниот сон може да се оствари уште на оваа Олимпијада во Лондон, ако некоја од нашите национални олимписки репрезентации, веќе така ги третираме, успее да избори учество на Олимпијадата, а втората е нашето повеќегодишно залагање да изградиме Олимписки центар и Олимписки дом, што ќе го афирмираат oлимпизмот, Македонскиот олимписки комитет и ќе создадат оптимални услови за врвните спортисти“, заклучува Тупурковски.