1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонскиот театар има творци, но нема храброст

Сузана Тодоровска-Павлоска27 март 2013

Каков театар има денес во Македонија? Какви репертоари се потребни? Овие прашања изгледа декa се отвораат само на „денот“- светскиот ден на театарот (27 март).

https://p.dw.com/p/184k0
Фотографија: DW

Според она што се игра во домашните театри во Македонија, не може да се зборува за репертоарски концепт, вели за ДВ, Лилјана Мазова, долгогодишна театарска критичарка и публицистка.

„Театарот во Македонија го живее ритамот и времето во кое се создава и игра. Претставите кои се создаваат во 20-тината театарски куќи и се финансирани од Министерството за култура, заедно со оние во рамките на независните театарски групи – што значи собирање околу проект и со пари кои тешко се обезбедуваат, главно се сведуваат на онаа колку пари, толку музика’. Концептот уште функционира преку спрегата директор - режисер, нивната меѓусебна поврзаност, желбите кои најчесто се лимитирани или од самите нив или од парите на кои можат да сметаат. И резултатот е - лоша претстава“, вели Мазова.

„Денес само Македонскиот народен театар може да се пофали со т.н хит претстави за кои се зборува и се чека за билет- ’Изгубени Германци’ и ’Животот на Молиер’. Цврста репертоарска рамка - камерни претстави кои исклучиво го третираат човекот на ветрометината на времево, има и Мал драмски театар - Битола, но тој нема свој простор, а репертоарот го гради низ копродукции, игра надвор од Македонија и таму добива награди. По овој систем работи и Театарот на еден актер на Бајруш Мјаку“, потенцира Мазова.

Volkstheater Bitola
Битолскиот театарФотографија: Valentin Svetozarev

Каков театар сакам...

Критичарката Мазова вели дека добра претстава се постигнува само со размисла, секојдневна работа и без „влулкување во сопствениот комодитет“.

„Сакам претстави кои имаат своја цел и - ја остваруваат. Во било кој жанр или формат, жив театар кој има високи естетски вредности, а не претстави кои само се бројка во одиграниот репертоар и кои на сцената имаат краток живот. Сакам театар кој ќе биде место во кое е потребна храброст. Творци за таков театар имаме. Неопходни се храброст, творечки немир, провокација, истражувачки дух, енергија, живот во/со времево, публика...“, вели Мазова.

Македонскиот театар - како од 19 век!

Македонскиот театар е во сериозна естетска и морална криза, смета др Наум Пановски, театарски режисер и уметнички директор на „Poiesis Theatre Project“ во Њујорк.

„Таков каков што е, по своите дострели и затвореноста му припаѓа на 19 век! Мислам дека не комуницира со светот, па ни со своите граѓани. И тие се одговорни, бидејќи немаат потреба од повисоки и издржани вредности. Проблемот е од двете страни. Нема никаков предизвикувачки - општествен, естетски или креативен момент во она што се случува на сцените во Македонија. Да не говорам за лажниот квалитет- тие претстави одамна се изживеани естетски и креативни концепти“.

„Театар кој е самодоволен и самозадоволен“

„Театарот може да биде оружје, но во моментот кога ќе стане сервис на државата тогаш тој е поопасно, деструктивно оружје и мислам дека токму тоа се случува со македонскиот театар.

Тој треба да биде средишно место на преиспитување на реалноста, да комуницира, да биде критички настроен, ангажиран и да умее да воспостави дијалог со светот, а не со ’задното дворче’. Македонскиот театар плива во разни ’величини’ и е доволен самиот на себе мислејќи дека ние сме центарот на светот! Кога ќе излезете надвор од Македонија, ќе видите колку тој во другите земји е подинамичен! Можеби сум прекритичен, но не можете од перспектива на жаба да согледате каде сте! Морате малку да полетате...“, рече Пановски.

Volkstheater Bitola
Фотографија: Valentin Svetozarev

Промоција на современата сцена на изведувачки уметности

„Театарот треба да биде отворена врата за сите храбри, авангардни и креативни идеи. Отворена врата за секоја нова генерација на нови создаватели кои се должни да го надградуваат и унапредуваат“, пишува македонската актерка и професорка на ФДУ, Мими Таневска во македонската порака за светскиот ден на театарот 27 март.

За уметниците нема сцени, а нема ни публика. „Затвореноста на сцената е погубна за уметноста“, смета др Иванка Апостолова, претседател на неодамна реформираниот Македонски центар на Интернационалниот театарски институт (ИТИ) во рамките на Универзитетот Евро Балкан, партнерски вмрежен со 100 национални ИТИ центри во светот, со цел квалитетно меѓународно промовирање на македонската современа сцена на изведувачки уметности.

„Треба да се отвориме од многу аспекти, на ниво на структурирање на заеднички меѓународни проекти , а не само репрезентативниот момент - да ти дојдат гости и ти да одиш таму, туку неколку земји заедно да исконструираме една претстава или процес. Ова е една матрица која е актуелна на европско и светско ниво. Треба да се биде отворен, колаборативен, љубопитен“, вели Апостолова за ДВ.