1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските кошаркари се‘ подобри

17 август 2010

Жесток е интензитетот на квалификациите за Европското кошаркарско првенство. Македонија и натаму не отстапува од евро-курсот. Актуелните кошаркарски збиднувања низ призма на капитенот на Македонија , Перо Антиќ.

https://p.dw.com/p/OoZZ
Фотографија: Petr Stojanovski

Максимална е поддршката што ја има репрезентативниот состав. Последната победа над Босна и Херцеговина во Скопје беше поздравена од 6000 гледачи.

Актуелните кошаркарски збиднувања низ призма на капитенот на Македонија, Перо Антиќ. Квалификациите се на половина пат. Во групата води Велика Британија со максимален учинок пред Македонија со само еден пораз. Шансите на Македонија и како втора засега се одлични.

„Се надеваме на уште една победа дома против Унгарија, со што мислам дека сигурно ќе се пласираме на Европското првенство. Но,ние одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар. Се надевам дека против Украина одново ќе биде исполнета салата и со помош на нашите фанови да се израдуваме на нова победа.“

Значајно засилување

Скептицизмот пред квалификациите предизвикан од неколкуте играчки откажувања со кои се соочи македонскиот состав, сега е преточен во силен оптимизам. Благодарение и на „новопечените Македонци“ Меккејлеб и Грин, кои беа потребната, неопходната алка.

„Такви играчи ни фалеа на плејмејкерската позиција. Го имаме Мираковски, но тој сам не може да го издржи товарот на цел натпревар. Ние знаеме кој е Боб Меккејлеб, што направи минатата година. Тој одлично се вклопи, стана вистински Балканец, откако лани играше во Србија. Еве и сега прави чуда во дресот на Македонија.“

Pero Antic Kapitän Mazedonisches Basketball Team
Перо АнтиќФотографија: Petr Stojanovski

Перо Антиќ, блеска во овој период. Можеби и поради зголемената одговорност како капитен. Според многумина ова се неговите најдобри репрезентативни мечеви.

„Тоа е ваша оценка, Ви благодарам ако така мислите. Се обидувам да размислувам и да играм на начин кој ќе придонесе за победата на репрезентацијата. Дали во даден момент да поентирам или да додадам не ме интересира, најважен е успехот на тимот. Секогаш сум пресреќен кога победуваме.“

Најважен е пласман на Европското првенство

Полека се отвора вратата на третото македонско учество на европските првенства во кошарка по 1999-та и 2009-та година. Има ли оваа генерација капацитет за нешто повисоко рамниште од претходната?

„Најважно е да се пласираме на Европското првенство. Имаме млада екипа, нови играчи кои одлично се вклопуваат. Се надевам дека уште ќе напредуваат и на Европското првенство ќе направат нов исчекор.“

Перо Антиќ деновиве комплетно е преокупиран со репрезентативните обврски.На клупски план засега е ни на небо ни на земја. Го врзува договор со бугарскиот Лукоил.

„На клупски план се‘уште сум во неизвесност. Имам договор со Лукоил, но моите менаџери работат и на трансфер во друга посилна лига. Мене ме обврзува се‘уште договорот со Лукоил, со кој ако не најдеме заеднички јазик, ќе морам да останам во Лукоил.“

Вечер во Скопје следи нов предизвик: Македонија-Украина. Британците пак ја пречекуваат Унгарија.

Автор: Златко Калински

Редактор: Жана Ацеска