1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските масони

2 септември 2010

Масони во Македонија - дали ги има?! Да, но не се повеќе од 200, ниту помалку од стотина. Досега само Големиот мајстор јавно признава дека припаѓа на македонското масонско семејство.

https://p.dw.com/p/P2HR
Симболот на масонствотоФотографија: CC/Hans-Joachim Naber

Откако пред 15 години ги обновија првите ложи, како тајни ќелии на своето организирање, со многу мистика и опишуван ритуал на иницијација, пред пет години е осветена, Големата Ложа на Македонија од страна на Обединетата масонерија на Велика Британија. Целокупната церемонија, на која присуствуваа само масоните од Македонија, нивните браќа од 20 земји, како и преставник на британскиот кралски двор, под чија палка е изведен долготраен и таен ритуал, се случи еден есенски ден во Скопје. Масоните меѓу себе се именуваат како браќа, а нивните сопруги за сестри, имаат препознатливи амблеми на своите костуми и редовни средби на дружење во свои добро чувани клупски простории во метрополата.

„Ние во масонскиот свет успеавме да добиеме признание од регуларните ложи од Европа и целиот свет и да бидеме признати под уставното име“, вели Живко Груевски, Големиот мајстор на Големата ложа на Македонија, која има се‘ повеќе мегусебни признавања со своите интернационални браќа.

Deutschland Freimaurer Loge Hamburg
Од средбите на најстарата масонска ложа во Германија, во Хамбург, која е основана во 1737 годинаФотографија: picture alliance / dpa

„Ние се обидуваме да ја разбиеме предрасудатат дека масоните се тајни друштва, ние не го споделуваме тоа мислење. Масонската организација не е тајна, особено во отворени и демократски општетства како што е македонското.“

„Ги уважуваме различностите“

Масони, братство, слободни ѕидари, така се нарекуваат регрутираните, главно од десетина влијателни и афирмирани професии. Но, тоа се исклучително афирмирани и почитувани личности во својот еснаф или општествената средина, ќе ви речат некои од нив. Меѓу членовите на македонската масонерија има академици на МАНУ, министри во владите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, адвокати, новинари, амбасадори, лекари, универзитетски професори, бизнисмени, менаџери на големи компании и профитабилни фирми.

„Точно е дека членови на масонските ложи се со различни политички убедувања, дури некои од нив со директни функции, немаме предрасуди кон професиите или етничките односи. Ние се нарекуваме слободни ѕидари, градители. Зборот слободни оди заедно со масоните, ние ги уважуваме различностите и ги спојуваме во нашите заеднички цели и општетствени вредности“, вели Живко Груевски, Големиот мајстор на македонските масони.

Frankreich Freimaurer
Масони во ФранцијаФотографија: AP

„Масонеријата не се занимава со политика“

Наспроти неговиот претходник, еден од менаџерите кој работеше на релациите Лондон-Скопје, бизнисменот Груевски, еден од поранешните газди на македонскиот авиопревозник МАТ, сака јавни настапи за да ја демистифицира тајноста и да го смени ореолот на заговорничка организација која владее со подземните и прикриени форми на влијание и креирање политики во општествени односи. Груевски за ДВ изјави:

„Масонеријата не се занимава со политиката, со нејзините директни и функционални вредности, тоа е строго почитуван принцип кај нас слободните ѕидари. Ние настапуваме индивидуално, и настапуваме како респектирани поединци кои можат и имаат влијание врз одредени процеси и придонесуваме да се менуваат состојбите кон позитивно, но со нашите лидерски способности и докажани квалитети, со индивидуални придонеси.“

Großbritannien Freimaurer
Британски масониФотографија: picture alliance / dpa

Освен Груевски, ниеден друг не се декларирал јавно дека е масон

Досега само Големиот мајстор јавно признава дека припаѓа на македонското масонско семејство. Ниту еден друг масон не се има јавно декларирано дека припаѓа на оваа групација. Масоните имаат регуларен статус и регистрирани се како здружение под чија иницијатива пред 15 години потписи ставија десетината основоположници на обновената македонска масонерија. Во две книги објавени во Скопје за слободните ѕидари од балканските простори, се споменуваат неколку писателски и политички личности од крајот на 19-тиот и 20-тиот век, меѓу кои и братот на поетот Глигор Прличев, како и еден од основоположниците на ВМРО, Протуѓеров.

Модерните масони се селектирани со една внимателна и долга процедура на проверки и тестирања, особено на лојалноста кон цврстите правила на чувањето тајни. Некои од македонските масони се дел и од странски ложи, како што има и странци на тајните процесии и собири во Скопје и некои други средини во земјата.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска