1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските професионалци загубија од аматери

1 март 2012

Македонската фудбалска репрезентација загуби од Луксембург, во меч кој требаше да отвори нова перспектива под раководство на селекторот Тошак.

https://p.dw.com/p/14CGv
Фотографија: picture-alliance / Sven Simon

Фудбалската репрезентација на Македонија загуби од селекцијата на Луксембург со 2:1 во пријателски натпревар одигран синоќа. Единствениот гол за Македонија го постигна Хасани во 25. минута.

Селекцијата на Луксембург израмни во 57. преку Девил, а истиот играч го постигна и конечниот резултат во финишот на мечот.

Mazedonien Fußball Tainer John Toshack Pressekonferenz in Skopje
Џон Тошак е „крајно разочаран“ (архива)Фотографија: P.Stojanovski

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Џон Тошак, по неочекуваниот пораз од аматерите од Луксембург изјави дека е крајно разочаран од односот на дел од фудбалерите. Велшанецот во изјава за интернет-страницата на Фудбалската федерација на Македонија вели дека не можел да ги препознае своите избраници.

„Навистина сум разочаран од она што се случи на средбата со Луксембург. Доживеавме пораз со гол во последните моменти од средбата, пораз кој е засрамувачки за мене и не го очекував. Она што особено ме загрижува е што воопшто не постои дисциплина во играта кај дел од играчите. Вториот гол го примивме по банална грешка и повеќе би рекол неодговорност кај дел од нив. Дозволивме по наш корнер противникот да изведе контранапад три на еден и да постигне втор погодок“, вели Тошак.

Германската репрезентација исто така забележа пораз од 2:1 во пријателскиот дуел против Франција во Бремен. Германците добро го отворија мечот, и изработија неколку шанси за гол кои не ги искористија. Резултатот го отвори Гиро во 21. минута, по добро изработена контра на Французите. На 2:0 зголеми Малуда во 69., а почесниот погодок за домаќините го постигна Какау во самата завршница.

Deutschland - Frankreich Bremen Marco Reus
Од мечот Германија-ФранцијаФотографија: picture-alliance/dpa

Во поинтересните дуели од вчерашната ревија на пријателски мечеви, светскиот првак Шпанија ја совлада Венецуела со 5:0, додека Холандија нагости ја совлада Англија со 3:2. Италија загуби на домашен терен од САД со 0:1, додека Аргентина ја совлада Швајцарија со 3:1 со хет-трик на Меси.

Автор: БГ/дпа/миа

Редактор: Ж. Ацеска