1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските социјални права делумно во склад со европските

17 декември 2010

Денес во Стразбур ќе биде објавен извештајот на Европскиот комитет за Социјални права за усогласеноста на дел од македонските правни норми и пракитки со Европската социјална повелба.

https://p.dw.com/p/Qe4M
Фотографија: Petr Stojanovski

Улогата на Европскиот комитет за Социјални права е да расправа за правната усогласеност на ситуацијата во земјите кои ја имаат ратификувано Европската социјална повелба, еден од најзначајните документи на Советот на Европа. Во заклучоците за Македонија, Комитетот донесе само три децидни одлуки околу усогласеноста на овие норми и практики со гарантираните европски права, додека за останатите делови кои се однесуваат на трудовото право македонските власти треба да достават дополнителни податоци.

„Социјалната повелба содржи список на социјални и економски права, кои се еквивалентни со Европската конвенција за правата на човекот, која се однесува на граѓанските и политичките права. Тука е на пример правото на вработување, правото за заштита на семејството, старите лица, односно сите права од секојдневниот живот“, објаснува Џон Муре од Комитетот за социјална политика.

Mazedonien Gewerkschaften Proteste
Протести по „европски терк“?Фотографија: Petr Stojanovski

Република Македонија ја ратификува Социјалната повелба на 31 март 2005. Извештајот за начинот на кој се спроведува Повелбата во Македонија беше претставен на 14 декември 2009, и со него беше опфатен периодот до крајот на 2008 година. Во него се разгледани законските акти од „трудовото право“, како синдикалното право и правото на колективни преговори.

Делумна потврда

Комитетот од 10-те разгледани области во Македонија, донесе само три заклучоци. Во два од нив се вели дека постои усогласеност со повелбата (членовите 2§4; 2§5) и еден заклучок на неусогласеност (членот 6§2). Односно правната регулатива и практика во Македонија во областа на скратеното или дополнителното работно време и во случај на нездрави работни услови и неделното слободно време на вработените се усогласени со Европската повелба. Додека во областа на процедурите на колективно преговарање, правните норми и практиката не се во согласност со Повелбата.

Proteste der entlassenen Arbeitnehmer in Mazedonien
Протест на отпуштени работници во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

За останатите седум области (како разумната должина на работното време, плаќањето на работените празнични денови, годишниот платен одмор, синдикалното право, паритетното учество во колективните преговори, надминувањето на споровите и арбитражата во случај на спорови во работниот однос и колективните акции на вработените како правото на штрајк) на Комитетот му требаат додатни информации, кои македонската влада треба да ги достави во идниот извештај.

„Меки“ и „тврди“ методи

Нашиот соговорник од службата за социјална политика на Европскиот комитет за социјални права, Џон Муре појаснува: „Социјалната повелба е систем на правна заштита со правна контрола на почитувањата на правата. Потоа следуваат сите активности на Генералната дирекција за социјална кохезија, која подразбира соработка со функционерите од министерствата за труд и социјални прашања, со кои се обидуваме да изнајдеме најсоодветни одговори на социјалните проблеми во земјите членки. Тоа се прави преку размена на искустава. Тоа не е систем на правна контрола, туку пред се’ систем на соработка со размена на мислења и препораки. Тоа е мирна метода, која е комплементарна со ’тврдата’ метода содржана во Повелбата“, нагласува Муре.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Горан Чутаноски