1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските спортисти се` уште без норма за ЛОИ 2012

11 јули 2011

Македонија уште нема спортист, ниту екипа со исполнета норма за учество на најголемиот планетарен спортски настан. Дали тоа го загрижува претседателот на МОК, Васил Тупурковски?

https://p.dw.com/p/11p9d
Фотографија: DW/Stojanovski

„Секако дека ме загрижува. Ние секогаш сме сакале да се претставиме во најдобро светло на Олимписките игри. Како мала нација со недоволно развиен спорт и со други проблеми во земјата, тоа не е едноставно. Тоа е не е утеха, но факт е дека повеќе од 80 земји во светот никогаш на освоиле медал. Ние и во оваа модерна ера на Македонија сме освоиле медал. Тоа беше Ибрагимов во борење на Олимпијадата во Сиднеј. Но, отсуството на норма за Лондон ме загрижува затоа што тоа зборува за состојбите во спортот во Македонија и за неговите перспективи.“

Има десетина олимписки кандидати од Македонија. Кои се најблиску до учество во Лондон?

„Вложуваме во борачите, во боксерите, во кајакарот Атанас Николовски и во уште неколку млади спортисти, за кои веруваме дека можат да исполнат норма. И колективните спортови не се без шанса. Тоа се ракометот, кошарката, ватерполото... Може и тука да ни се случи радост, но конкуренцијата е силна. Би било трагично и за МОК и за Македонија како земја, ако останеме само на учество со вајлд-карти.“

Olympia Bewerbung 2012
Ќе има ли македонски спортисти на Игрите?Фотографија: AP

МОК е единствен без субвенции од државата

Забележителна е активноста на Македонскиот Олимписки комитет за воспоставување на спортска соработка со спортски развиените земји. Македонските спортисти се често во нивните тренинг центри?

„Борачите, боксерите, кајакарите, тенисерите, триатлонците, стрелците... веќе беа на заеднички подготовки. Тоа беше овозможено од договорите постигнати со олимписките комитети на водечките спортски сили. Ја имаме поддршката на САД, Германија, Велика Британија, Русија, Украина... и во тие оптимални услови нашите спортисти се обидуваат да стигнат до норма“.

Македонскиот Олимписки Комитет е еден од ретките во светот, без финансиска поткрепа од државата?

„МОК е единствен што работи без субвенции од сопствената држава.Тоа не ни служи на чест нам Македонците. Но, ние веќе сме навикнати на таков однос и решенијата не ги бараме со помош од внатре, туку низ поддршката од меѓународната спортска заедница.“

Olympische Spiele in London Countdown
Во Лондон се одбројува до почетокот на игритеФотографија: AP

Спортот во Македонија назадува

Тупурковски вака го оценува моментот во македонскиот спорт:

„Мислам дека состојбата е тешка. Практично сите спортови стагнираат или назадуваат, што е уште потешка констатација. Финансиски средства нема, не затоа што ги нема, не затоа што има финансиски проблеми, туку затоа што не е најден пооптимален систем за нивно издвојување, искористување и насочување.

Не е искористен и приватниот капитал за да согледа свој интерес низ презентација преку врвниот спорт. Ние донесовме, така да ја наречам, алтернативна стратегија за развој на спортот во Македонија. Но,таа не е замена за националната стратегија, која мора да ја изготви Владата, а да ја усвои Собранието на Република Македонија. Ние чезнееме за тој дијалог и за подготвување на таа стратегија. Кога сите релевантни страни ќе седнат на маса, ќе ги согледаат проблемите и ќе донесат програма која ќе гарантира успех и постепено заздравување на спортот“, заклучува Васил Тупурковски , претседател на Македонскиот олимписки комитет.

Автор: Златко Калински

Редактор: Борис Георгиевски