1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските фирми се‘ поприсутни во странство

14 февруари 2011

Наспроти глобалната криза, расте бројот македонски компании кои инвестираат во странство. Најчесто се инвестира во соседните земји, но македонски претстаништва и производствени погони има и во Иран, САД, Швајцарија.

https://p.dw.com/p/R0ZG
Фотографија: DW

Меѓу поголемите македонски инвестиции во странство е онаа на компанијата за градежни материјали „Адинг‘‘ која на пазарот е присутна 41 година. Пред три години во соседна Бугарија отвори и свој погон за производство на адитиви за бетон. На иранскиот пазар, на кој е присутна со свои производи, на сопствена локација во индустриската зона Назарабат на 80 километри од Техеран во почетокот на март годинава ќе отвори нова фабрика за производство на прашкасти и пастелни производи за градежништвото. Инцвестицијата вредна околу еден милион евра е заедно со партнерите „Ахмади‘‘, со кои отвори нова фирма „Адинг Персија‘‘, а ќе биде со капацитет од 100 илјади тони готов производ годишно. На прашањето зошто се одлучиле за овој пазар, директорот Горан Јовановски за Дојче веле ни појаснува: „Затоа што е пазар од 70 милиони народ, со голем потенцијал во градежништвото, со големо инвестирање од страна на државата во огромни инфраструктурни проекти. ’Адинг’‘ е присутен на уште 13 други пазари во светот, покрај овој во Иран којшто ни е најнов пазар. Веруваме со нашите производи коишто ги имаме повеќе од 200. Со нашето веќе 41 годишно искуство можеме да придонесеме за уште подобра и примена на поквалитетни производи во градежништвото на Иран‘‘.

Iran Börse in Teheran
Иран е интересен пазар за странските фирми-иранската берза на фотографијатаФотографија: DW

Според Јовановски, проблемот на „Адинг‘‘ во изминатите неколку години воглавно бил со неликвидноста на фирмите на поголемите за нив светски пазари:

„Проблемот со неликвидноста на фирмите и со неисплаќање на производите во Македонија и не е толку страшен колку што беше во однос на другите земји. Започнувајќи од пред 3-4 години, од казахстанскиот пазар се ширеше преку украинскиот, рускиот, бугарскиот пазар од пред две години, којшто ни беше еден од нашите најјаки пазари. Од оваа година позначајно се чувствува и во Македонија тој проблем на неликвидност на фирмите и неисплаќање на обврските кон Адинг‘‘.

Од проблемите кои „Адинг‘‘ ги има во Македонија Јовановски го посочува кредитното следење на банките. „Кога би имале помали камати на кредитите, многу полесно би работеле‘‘.

Проширување на „Алкалоид“

Неодамна и „Алкалоид‘‘ отвори своја фабрика во Белград. Освен филијалите во 14 земји во светот, „Алкалоид‘‘ на својот најголем пазар-во Србија, најпрво отвори погон за пакување на свои производи, а сега инвестира и во примарното производство на лекови. Ова е прва ваква инвестиција на „Алкалоид‘‘ во странство од каде велат дека се задоволни од првичните резултати на работењето и затоа ќе продолжат со нови инвестиции и во други земји.

Поголем дел на македонските фирми имаат свои погони и претставништва во соседните земји. „Ренова‘‘,„Пофикс‘‘ и „Даути Комерц‘‘ се воглавно присутни во Албанија, Косово и Црна Гора. „Даути Комерц‘‘, фирма која се занимава со пласман на готови прозводи повеќе од 10 години е присутна на пазарите во Косово и Црна Гора. На нашето прашање зошто токму таму, Хамим Даути, еден од сопствениците на фирмата која е семеен бизнис, оценува дека таму пазарите во многу се постабилни „Тоа значи почитување на договори, што значи дека имаме еден подобар третман на тие пазари, бидејќи сме фирми од странство‘‘.

Pristina on a shoestring
Со Косово работат повеќе македонски фирмиФотографија: Nate Tabak

За проблемите во Македонија, Даути посочува дека каматите се се‘уште на високо ниво, а подолго е присутен и проблемот околу наплатата од другите фирми. Овој проблем според него го немаат во Црна Гора и на Косово. „Таму е постабилна самата фискална политика и наплата од нашите клиенти‘‘.

Нови норми и стандарди за освојување на европскиот пазар

Блерим Златку од Стопанската комора на Македонија вели дека иако ги има и на светските пазари, македонските фирми според своите производствени капацитети треба да се ориентираат воглавно на пазарите во соседните земји. За фирмите кои со свои производствени погони веќе се докажале како успешни во европските и други земји во светот, Златку смета: „Можам да кажам дека тие се пионери на нашето стопанство, но според мене, целата економска сила на Македонија треба да се претставува преку поголем број на претпријатија. Нив ние ги имаме, меѓутоа постојат некои норми, стандарди коишто треба да ги следиме, да ги воведеме за да можеме да бидеме конкурентни на европскиот пазар‘‘.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Жана Ацеска