1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски збор во Берлин

1 ноември 2009

Неделава Берлин беше град на поезијата. На фестивалот „лириклајн.орг“ (lyrikline.org) се претставија над шестотини поети на педесет јазици, меѓу кои е и Никола Маџиров од Македонија.

https://p.dw.com/p/KJuw
Уљана Волф и Никола МаџировФотографија: DW

Среде Германија да се слушне македонски збор е малку необично. Но, уште е понесекојдневно кога еден германски мајстор на лириката, во случајот Уљана Волф ќе каже дека македонскиот јазик е нешто посебно.

Скопски речник

Уљана Волф, едно од водечките имиња на современата германска лирика, беше тандемот на македонскиот автор Никола Маџиров, во истоимениот проект на фондацијата Бранденбуршка порта, која културната интеграција на Европа ја гледа во обединување на културната разновидност на стариот континент. Од двомесечниот престој во Македонија Волф напиша прекрасен есеј - „Македонија гравида“ , чиј поднаслов „Скопски речник“ говори за нејзината страст – јазикот:

„Зборови... Добра надеж... Патувањето во една земја чиј јазик не го говорам му доаѓа како патување во самиот јазик. Секое дејствување, секој гест меѓу мене и оваа земја, во случајот Македонија, нејзините луѓе, патоказите, знаците, се претвори во дијалог со јазикот ... Што значи сопствен јазичен простор, сопствен јазик, тука на Балканот ? Можам ли да си претставам како е да се расне во една многунационална држава? Имам ли поим како влијаат религиозниот, националниот и јазичниот идентитет врз овој јазичен проистор? Одговорот е дека додека бев во Скопје несвесно се обидував јазикот да го доживеам повеќе како азил, отколку како татковина. Дека се ориентирав кон туѓите зборови, а не кон оние кои се темелни и врз кои тој опстојува“. Вели во есејот Уљана Волф , која пред микрофонот за Дојче веле кажува дека е целосно обземена од отвореноста и позитивната енергија на луѓето, од спонтаноста, живеењето и справувањето со времето дополнувајќи:

Во македонскиот јазик најпрво ги научив германските зборови, како на пример фраер или шминкер и за мене тие беа еден мост меѓу македонскитот и германскиот. И влијаеја на мојот мајчин јазик. Мислам, ми го сродија и ми го отворија мојот германски. И тоа е едно движење во јазикот, кое каде и да одам, ме интересира.“

Носталгија по Берлин

На вечерта на лириката збор имаше и Никола Маџиров тандемот на Волф.Покрај прозата, тој ја прочита и песната „Не знам“ која ја напишал пролетоска во Берлин. Го прашуваме што прави сега и дали навистина ги чувствува креативните ефекти од двомесечниот престој во Берлин ?

Berlin Panoramablick
Маџиров: носталгија по Берлин...Фотографија: picture-alliance/ dpa

Сигурно! Работам на новата книга поезија која ќе содржи сеќавања, места, времиња.... Доаѓам во Берлин по неколиу месеци и чувствувам носталгија кон него, дури и кога сум овде . Веројатно заради тоа што овој престој е краток. Меѓутоа, таа врска меѓу германската и македонската литература се надевам и ќе се потрудиме да ја оддржиме. На едно естетско ниво, со соработка со автори од мојата генерација, кои ке најдат место во мапата на македосната литература преку квалитетни преводи. И обратно, македонските автори да си најдат место во германската книжевна сцена и воопшто во Еропа и светски рамки“.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Жана Ацеска