1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски наместо југословенски стандарди

4 април 2011

Институтот за стандардизација на РМ ги усвои првите оригинерни македонски стандарди за квалитет на воздухопловството и за квалитетот на нафтените деривати. Досега главно се применуваа југословенски стандарди.

https://p.dw.com/p/10lgb
Македонски стандарди во воздухопловствотоФотографија: Petr Stojanovski

До крајот на август Македонија треба да ги преименува сите поранешни југословенски стандарди во македонски, европски или меѓународни стандарди. Тоа е потребно затоа што без овие строги „правила на игра“ не е можно да се добие квалитетно и здраво производство, а она што е уште побитно, не е можно производот од Македонија да се најде на 500-милионскиот пазар на Европската унија.

„Експертите во Македонија сметаат дека за одредена област треба да има чист македонски стандард што нема да биде спротивен на европскиот. Ние сега работиме за два национални стандарди за квалитетот на безбедноста во воздухопловниот сообрај, каков што не постои во ЕУ, а вториот е за нафтените деривати“, вели Љупчо Давчев, директор на Инстутотот за стандардизација на РМ.

Да се достигне пропишаниот квалитет

АЦВ е институцијата која го контролира и сертифицира авионскиот бизнис во Македонија и работеше на првиот македонски стандард.

„АЦВ работи согласно највисоките светски пракси, особено за безбедноста во воздухопловството. Ние работиме на мерења на перформансите на целата авио индустрија, со оглед на фактот што според новиот концепт на ИКАО наложува од индустријата да се бараат нови перформанси. Ние со тоа сакаме да го достигнеме највисокиот безбедноснен стандард, но и квалитетот на услугата што се бара во авио-индустријата“, објаснува Дејан Мојсоски, директор на АЦВ.

Mazedonien Land und Leute Alexander der Große Flughafen in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Идентична е состојбата и во стандардот за нафтени деривати, каде техничкиот комитет ги пропишува правилата за квалитетот на пропан, пропан бутан и на бутан гасовите.

„Досега користевме стари ЈУ стандарди кои беа во употреба од 1962 година, а беа во употреба затоа што во моментов нема никаков европски стандард што одговара на овие потреби. Нашето стопанство има потреба од овие стандарди затоа што со нив се одредуваат смесите во овие гасови“ вели Вилијам Христовски, секретар на техничкиот комитет за нафтени деривати.

Паралелно постоење на два стандарди

Во моментов постојат околу 20.000 европски стандарди, од кои Македонија има исполнето околу 17.000 европски и 3.000 меѓународни стандарди, што се применуваат како македонски.

Стандардите ги донесува единствено Институтот за стандардизација на РМ, како национално биро, и тоа преку неговите 36 работни или технички комитети, во кои експерти од различните области континуирано работат на импементација на стандардите.

Markenartikel Thyssen Krupp
Европа бара почитување на построги стандардиФотографија: Deutsche Standards

Мора да им докажеме на европските организации дека на едно подрачје не постојат два стандарди - еден југословенско-македонски и вториот македонско-европски, вели директорот на Институот за стандардизација. Не може еден производ да се изработува по два стандарди, а и пазарот е различен. ЈУ стандардите имаат пазар од само 12 -15 милиони, а за европските стандарди пазарот е околу 500 милиони луѓе.

Има расчекор меѓу европските и југословенските стандарди, вели Давчев.

Југословенските стандарди се застарени, бидејќи беа стара руска или источногерманска технологија. Производите направени според овие стандарди сега најчесто се штетни како за луѓето, така и за околината.

„Прозвод по југословенски стандарди многу тешко или воопшто не може да излезе на европскиот пазар, затоа што ЕУ веднаш гледа дали производот има ИСО 9001 или ИСО 14001 стандард“, објаснува Давчев.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Жана Ацеска