1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонското МВР сѐ уште нема информации за Фатмир Љатифи

4 јули 2018

Пет дена од апсењето во Италија на човекот за кој постојат сомневања дека бил директно вмешан во продажбата на оружје за терористите кои учествуваа во кумановските настани во 2015 година, МВР нема информации за него.

https://p.dw.com/p/30oGp
Italien Festnahme von Mafia-Mitglieder
Фотографија: Picture- Alliance/AP Photo/A. Fucarini

Апсењето на скопјанецот Фатмир Љатифи во Италија и откритијата на полицијата во Палермо за неговите врски со домашната мафија, но и со паравоени структури во Косово и Македонија, и понатаму останува мистерија за македонската јавност.
Единствениот одговор кој денеска го добивме од македонското Министерство за внатрешни работи е дека до нив „не стигнало официјално известување за настанот“. Таквиот став е контрадикторен на тврдењата на полицијата во Италија дека во акцијата за апсење на 17-члената шверцерска група во која бил и Љатифи, соработувала со полициите во Македонија, Косово и Албанија. Во меѓувреме, нови сознанија врз основа на информации од италијанската полиција објавуваат тамошните медиуми. 

Како што пишувавме вчера, Љатифи викендов е уапсен во јужна Италија како осомничен во мрежа на трговци со луѓе, а се барал и за трговија со дијаманти и оружје. Она што е особено интересно за македонската јавност е фактот дека италијанската полиција кај Љатифи пронашла документи кои покажуваат оти тој бил човекот кој им го продал оружјето на терористите кои во мај 2015 година беа вмешани во крвавите пресметки во Куманово во кои загинаа 8 македонски полицајци и 14 припадници на вооружената група. Се работело за калашникови, бомби и муниција, кои наводно биле користени во престрелката.

„Еден од купувачите (на оружјето, н.з.) се бара од македонските власти, тој бил дел од парамилитарната група 'Нова УЧК' и учесник во крвавиот конфликт во македонскиот град Куманово во 2015 година“, цитираат италијанските медиуми дел од брифингот на полицијата во Палермо.

Bildergalerie Kumanovo Kämpfe Nachklapp
Разурната куќа по судирите во Куманово во мај 2015 годинаФотографија: Getty Images/AFP/A. Nimani

Од Скопје во затвор

Италијанската полиција подолго време знаела за криминалните активности на Љатифи и активно го следела најмалку од декември 2016 година. Притоа, Љатифи постојано патувал на релација Скопје-Палермо. Според информации на Дојче веле, последен пат бил виден во Скопје во петокот на 29 јуни, по што заминал за Италија, каде викендот беше и уапсен. Во семејниот дом во скопската населба Чаир престојувал и пред нешто повеќе од еден месец.

Сето време, осомничениот криминалец слободно се движел низ Македонија. Од МВР не одговорија на нашите прашања: дали имале информации за криминалниот бекграунд на Љатифи и дали знаеле за неговите врски со кумановските настани.

Italien Sizilien Migration Polizei
Италијанската полиција кај Љатифи запленила мобилни телефони и сим-картички. фото: архиваФотографија: Getty Images/AFP/M. Paternostro

Клучните документи за криминалните активности на Љатифи, италијанската полиција ги открила на 4 ноември минатата година, кога извршиле претрес на неговото возило. Биле запленети мобилни телефони, сим-картички и други документи. Во нив имало бројни информации за контактите на Љатифи на Балканот, како и фотографии и видеа од украдени дијаманти, фалсификувани пари и трговија со оружје. Според доверливи документи на италијанската полиција кои ги цитираат тамошните медиуми, Љатифи имал тесни врски со повеќе високи членови на „Коза Ностра“.

Осомничениот Фатмир Љатифи има 47 години, роден е во Скопје и, според италијанските медиуми, е поранешен кошаркар. На почетокот на 2000-те во престрелка со огнено оружје во северна Италија останал парализиран. Оттогаш е во инвалидска количка, а постојаното живеалиште му е во населбата Болоњета во близина на Палермо. Според италијанските медиуми, оттаму тој управувал со трговијата со оружје во Косово, и тесно соработувал со мафијашките кланови во Палермо.