1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонското собрание ја потврди границата со Косово

18 октомври 2009

Македонското Собрание со 72 гласа „за“ и 11 „против“ го ратификува Договорот за физичка демаркација на границата меѓу Македонија и Косово. Пред гласањето пратениците од ЛДП и Нова алтернатива ја напуштија седницата.

https://p.dw.com/p/K9Ji
Долга расправа во парламентот во СкопјеФотографија: Petar Stojanovski

Македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски на вчерашната седница (17.10.2009) рече дека за Република Македонија е од особено значење и национален интерес прашањето за демаркација на границата со Косово што поскоро да биде затворено врз основа на Спогодбата од 2001 година и во согласност со уставните норми на земјата и меѓународните регулативи, кои се однесуваат на демаркирањето на граничните линии.

Силвана Бонева во име на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека седницата е можност да се даде придонес за затворање на прашањето, кое долго време беше отворено со земјата која е силен економски партнер на Македонија и со која се бележи силен суфицит.

Mazedonien Außenminister Antonio Milososki zu Kosovo
Антонио Милошоски: физичко и техничко одбележување на границата со согласност на двете државиФотографија: AP

Џевад Адеми од име на ДУИ посочи дека секое затворање на големо прашање отвора нови перспективи.

„Секогаш на Балканот кога се решавале отворени прашање се воделе крвави борби. Денеска двете држави испраќаат пораки дека конфликтните прашања на Балканот ги решаваат со преговори и договори. Ние ја претставуваме новата визија на еден поинаков Балкан, рече Адеми и додаде дека само пред десет години за граничните линии на Балканот се пролеваше „река крв“.

Критики од опозицијата

За Андреј Жерновски, кој зборуваше во име на ЛДП, потценувачко е неприсуството на македонскиот премиер Никола Груевски на седницата и објаснувањето на пратениците од власта дека отстапките за граничната линија се минорни и оти на делот што ќе го добие Македонија ќе се гради хидроцентрала, на како што рече, 3.000 метри надморска висина. За него измената на границата е неуставна, бидејќи со анексите на договорот се отстапуваат 650 метри, што е повеќе од дозволените 150 метри територија, заради што е потребно да се организира референдум.

Одлуката за демаркација на границата со Косово ЛДП ќе ја обжали на Уставен суд.

Игор Ивановски од СДСМ истакна дека никој нема против затворањето на стратешкото прашање за разграничување со Косово, но тоа де не е на штета на Република Македонија. Тој посочи дека со денешниот договор се менува официјалниот договор од 2001 година за демаркација на границата што е депониран во Обединетите нации, а кој е потпишан од поранешните претседатели на Македонија и на СРЈ, Трајковски и Коштуница.

На седницата опозицијата забележа дека станува збор за промена, а не за физичка демаркација на границата, а за такво изгласување е потребно двотретинско мнозинство.

Договорот за демаракција на границата претходно го ратификуваше и косовскиот Парламент, во втор обид, откако првиот беше неуспешен бидејќи не го доби потребното двотретинско мнозинство. Сепак, во повторното гласање, Договорот го поддржаа 81 пратеник, доволно за негова ратификација.

ЕУ и САД го поздравија Договорот

Neue US-Botschaft in Skopje, 03.07.2009 (Mazedonien, Skopje, USA, Ricker, Fuere)
Филип Рикер и Ерван Фуере го поздравија договорот меѓу Скопје и ПриштинаФотографија: Petr Stojanovski

Договор меѓу Македонија и Косово за демаркација на границата го поздравија ЕУ и САД со оценка дека тоа е знак на зрелост, орговорност и меѓусебно почитување, што ќе придонесе за добрососедските односи и за регионалната стабилност.

Демаркацијата на македонско-косовската граница почна на 30 јуни лани на тримеѓето меѓу Албанија, Косово и Македонија. Техничкиот дел од демаркацијата го вршеше заедничка Комисија под меѓународен мониторинг.

Процесот што требаше да трае една година беше забавен поради реакциите на жителите на пограничното село Дебелде, кои не се согласуваа дел од нивното земјиштето да остане на територијата на Македонија. Македонските власти, по признавањето на Косово на 9 октомври 2008, во повеќе наврати истакнуваа дека отвореното гранично прашање е пречка за воспоставување дипломатски односи.

Автор: ЖА/ТТ/миа