1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонско-француска врска

14 мај 2009

Триесетина кумановски гимназијалци престојуваа во француски Епинал. Размената на ученици меѓу гимназиите „Гоце Делчев“ и „Луј Лапик“ се одвива веќе четири години.

https://p.dw.com/p/Hph7
Кумановските гимназијалци во ЕпиналФотографија: DW / Toni Glamcevski

Четири години соработка и трет конкретен научен проект на кој работеа учениците од гимназиите „Гоце Делчев“ од Куманово и „Луј Лапик“ од Епинал. Годинашнава тема за работа беше заштитата на природата, водата и трајниот развој. Учениците објаснуваат:

„Работевме за градот Куманово, за водите, од каде се снабдуваме со вода, за географската положба на градот Куманово.“

„Како се експлоатира кумановската површина за вода, односно реките, статистиката и општо податоци за хидрографија, влијанието во последни години...“

„Имаше одредени податоци за врнежи во таа област, поточно колку има просечно врнежи во таа област во споредба со тие во Македонија. Потоа, статистика за порастот на населението.“

Голема сериозност

Проектите не се оценувани, нема победници и победени, целта е учениците да се запознаат со нивниот град и неговите потреби и тоа да им го пренесат на врсниците од другиот град.

„Мислам дека сериозноста беше на исто ниво. Се разбира, од проект до проект, варира нивото на вложениот труд, се забележуваше сериозноста со внимание за деталите.“

На прашањето - дали за да се работи посериозно, беше мотивирачки тоа што се доаѓа во Франција, професорите велат: „Секако, секое доаѓање во нова земја, мотивира. И самата комуникација е доволна мотивација“.

Gymnasiasten aus Kumanovo Mazedonien in Epinal Frankreich
Фотографија: DW / Toni Glamcevski

„Најголемиот проблем е да најдеме иста мотивација од двете страни, бидејќи во Македонија, македонските средношколци учат француски јазик, но француските ученици можат да работат само врз прецизни теми. Првата година работевме на опсерваторијата Кокино, во што беа вклучени природно-математичките паралелки, втората година ги избравме боите и оваа година побаравме да работат на заштитата на природата“, вели професорот Мишел Бруар од Епинал.

Неговата колешка од Куманово, Маргарита Теодосиевска додава: „Таа размена се надеваме ќе продолжи. Овојпат, за првпат, Македонија ќе учествува во проектите на Европската унија, како Комениус, Леонардо да Винчи и.т.н. Ние немаме право да конкурираме сами, мора да имаме партнер и моментално сме овде да го направиме договорот за партнерство, за да да можеме понатаму да работиме на такви проекти. Имаме доволен број ученици кои се заинтересирани. Мислам дека ова е прилично голем мотив, прво од аспект дека можат да го практицираат јазикот. Второ, затоа што имаат контакт со деца од цел свет, после остануваат пријателства. Еве, веќе четири години се допишуваат, разменуваат информации, имаме деца кои доаѓаат по вторпат овде. Значи им било интересно и убаво, затоа се тука.“

Gymnasiasten aus Kumanovo Mazedonien in Epinal Frankreich
Фотографија: DW / Toni Glamcevski

„Нашата цел сега е апсолутно да влеземе во структурни проекти од Европската унија. Тоа е интересно бидејќи ние работиме токму во тие рамки, има многу проекти и можности за соработка, како заштитата на природата, водата, трајниот развој, но потребно е да влеземе во една од европските програми“ – нагласува г-ѓа Бек, директорка на „Луј Лапик“.

Кој разбира - разбира, кој не - се разбира со гестови

Гимназијалците од Куманово, на прашањето - дали е лесна комуникацијата на француски јазик, бидејќи трудовите беа поднесени и изработени на француски јазик, одговараат:

„Се трудиме да се разберeме, ако зборуваат полека, се разбираме.“

„Секој со своето знаење на францускиот.“

„Супер е сé, мислам дека е многу добро што постои размена.“

„Сега засега е многу добро, луѓето се многу гостопримливи. Тешко се разбираме, но со мимики и одредени гестови се постигнува сé.“

Дружењето е можност за подобро меѓусебно запознавање.

„Не, не ја познавав воопшто нивната земја, се обидуваме да ги споредуваме нашите две земји и гледаме дека се многу различни“, констатираат кумановските гимназијалци.


Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска