Македонците во Германија бараат признавање на возачките дозволи

Со петиција на интернет, македонските државјани во Германија се борат за признавање на нивните возачки дозволи во земјата. Проблемот се провлекува уште од осамостојувањето на земјата

Македонските државјани се меѓу ретките Европејци чии возачки дозволи не се признаваат во Германија. Проблемот трае веќе со години, а иселениците сега се обидуваат да го решат со интернет-петиција. Тие се надеваат дека со собрани 50 илјади потписи ќе ги натераат германските власти да ја забрзаат одлуката за признавање на возачките дозволи. Рокот за собирање на потребниот број потписи е 4 мај, а адресата на која се упатува барањето е германското Министерство за сообраќај. 

Во моментов, секој македонски државјанин кој ќе пријави престој во Германија може да управува моторно возило од Б категорија само во првите шест месеци. Потоа мора одново да полага за возачка дозвола.
Според иницијаторите на петицијата, тоа е не само „финансиско, туку и временско оптоварување, и истовремено пречка за извршување на професионалните и приватните обврски“. Правилото важи за сите држави кои немаат потпишано договор за меѓусебно признавање на возачките дозволи.

Бројот на македонски државјани кои живеат и работат и во Германија, последниве години, е во постојат пораст. Во меѓувреме, бројката достигна околу 100 илјади луѓе со тенденција за натамошен раст.
Целата постапка за полагање за возачка дозвола во Германија чини, во просек, околу две илјади евра.

Германските власти не се задоволни од квалитетот на обуката и испитите за возачи во Македонија

Македонските возачки дозволи се признаени и можат да се преведат во повеќе земји-членки на ЕУ, но не и во Германија. Причината е во негативното мислење на германските власти во однос на квалитетот на обуката и испитот за возачи во Македонија. Таквото мислење е издадено уште во 1990-те години, и оттогаш трае обидот на македонските власти да докажат дека возачкиот испит во земјата е компатибилен со директивите на ЕУ и Германија. 
Целата петиција можете да ја прочитате и потпишете на следниот линк: 

https://www.openpetition.de/petition/online/initiative-fuer-anerkennung-der-in-mazedonien-ausgestellten-fuehrerscheine-seitens-der-bundesrepubli

Македонија- земја на иселеници

Масовно иселување

Според податоците на Светска банка, од прогласувањето на независноста до 2010 година од Македонија се иселиле над 440 илјади луѓе. Трендот последниве години повторно се засилува. Проценките се дека во последниве 5 години, најмалку по 20 илјади луѓе годишно ја напуштаат земјата.

Македонија- земја на иселеници

Охрид – неславен рекордер

Во Охрид – градот рекордер по бројот на иселувања во Македонија, неславно рекордна е 2012 година, кога заминале 983 лица. Од Охрид за 11 години се иселени 7860 лица, или по две лица дневно. Најчесто се иселуваат младите.

Македонија- земја на иселеници

Бесперспективност

Според податоците на Светска банка објавени неодамна, невработеноста кај младите во Македонија изнесува 50,08%, додека најновиот извештај на Евростат покажува дека речиси 40% од младите немаат работа, ниту се вклучени во процес на образование. Ваквите состојби поттикнуваат голем дел од нив својата иднина да ја гледаат надвор од државата.

Македонија- земја на иселеници

Правец Германија

Само во 2015 година, над 24 илјади македонски државјани ја напуштиле својата татковина во потрага по подобар живот во Германија. Од нив, 12 илјади останале. Бројката на македонски доселеници во Германија се приближува до рекордни 100 илјади.

Македонија- земја на иселеници

Sprechen Sie Deutsch?

Според анкети спроведени во регионот и во земјата, германски јазик во Македонија во моментов учат околу 63.500 луѓе. За студирање во Германија потребно е познавање на германски јазик, кое се проверува преку специјални испити ТестДаФ и ДСХ. ТестДаФ се организира во 90 земји, меѓу кои е и Македонија. Но, може да се учи и во Германија.

Македонија- земја на иселеници

Јагма за работни визи

Според податоците на ОЕЦД над 17 илјади луѓе од земјите на Западниот Балкан во првата половина од годинава добиле работни визи во Германија. На Македонија отпаѓа над 10 проценти од вкупната бројка. Германските власти им издале точно 1.841 работни дозволи на македонски државјани во првите шест месеци од годинава.

Македонија- земја на иселеници

Бугарски пасош

Илјадници Македонци во меѓувреме побараа и добија бугарски пасош, во обид полесно да заминат во некоја од западноевропска земја. Нивниот точен број не е познат, но според неодамнешното истражување на Призма, само во последните 10 години, 57 илјади Македонци земале пасош од источниот сосед. Се проценува дека вкупната бројка надминува 100 илјади луѓе.

Поврзана содржина

Северна Македонија | 27.05.2019

Празна земја

Северна Македонија | 18.09.2018

Потпишан договорот за возачките дозволи

Следете нѐ