1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците во Грција: „Годините на страв се минато“

Милчо Јованоски5 ноември 2012

Во Грција, делумно на македонски излегува весникот „Нова зора“. Печатењето го помагаат здруженија на Македонци од прекуоеканските земји. Власта притиска, читателите го бараат месечникот, а редакцијата има нови предизвици

https://p.dw.com/p/16coR
Фотографија: AP Graphics/DW Fotomontage

„Партијата „Виножито“ на Македонците во Грција е актуелна над 20 години. Системот во лулката на демократијата е поставен така што ние како партија не можеме да ги пренесеме своите ставови во јавноста. Одлучивме да формираме весник“, вели Димитри Јоану, главниот уредник на бесплатниот месечник „Нова зора “.

Јоану е член на „Виножито“ и на политичкото биро на партијата „Европска слободна алијанса“, која во коалиција со партијата на Зелените е дел од Европскиот парламент.

Со нетрпение се чека секој нов број од „Нова зора“

Dimitri Joanu Chefredakteur der Zeitung "Nova zora" in Griechenland
Димитри Јоану, главен уредник на бесплатниот месечник „Нова зора“Фотографија: DW

„Нова зора“ е круна на неколкуте полулегални обиди во минатото на Македонците во Грција за свое гласило. „Работата ни тргна многу поуспешно отколку што очекувавме. Дваесет илјади примероци се делат секој месец речиси во сите села и градови кадешто живеат Македонци. Функционира и веб страница на ’Нова зора’, кадешто повеќе илјади луѓе влегуваат и го читаат весникот и се информираат. Весникот, преку мрежа активисти што ја создадовме, се дели ефективно. Многу позитивни се реакциите од Македонците во Грција и сега многу подобро можеме да комуницираме како партија и движење со нив. На тој начин се негува македонштината на тие простори“, додава Јоану, правник по професија.

„Нова зора“ е огледало на животот на Македонците во Грција во сите сегменти. Текстовите се пишувани на грчки, а десет до петнаесет проценти од содржините се на македонски јазик.

Притисоците се константни

Логото на весникот е „Главата горе“. Иоану додава дека имале притисоци во минатото, сега ,а не се исклучени и за во иднина. Според него, освен економската, Грција ја тресе уште поголема општествена криза: „Притисоците продолжуваат, но ние веќе сме навикнати на таков вид притисоци. Се обидуваме се‘ да биде според законодавството на Грција за да не можат од тој аспект да не‘ притиснат. Сакаме да сме легални до крај. Нормално е некои луѓе издржуваат на притисоците, некои се откажуваат, но доаѓаат и нови. Гледаме голем успех. Сепак, населението, Македонците, си ја откриваат македонштината и гледаат дека тие години од стравот и темнината поминаа, а образованата младина не им подлегнува лесно на притисоците.“

Мајчиниот македонски јазик да се најде во официјалната настава

Pande Aslakov Bürgermeister von Meliti in Griechenland
Панде Ашлаков, градоначалник на Мелити (Овчаране)Фотографија: DW

Грција од далечната 1920 година во пописите ја изостава графата – националност. Според одредени проценки на „Виножито“, низ цела Грција живеат неколку стотици илјади Македонци. Македонски денес, како што се вели, се зборувало во околу 600 села и десетина градови, вклучувајќи го и Солун. Постоењето на македонско малцинство со години го потврдуваат и редица меѓународни асоцијации за човекови права, но Грција молчи. „Со сите наши средства и сета наша сила велиме дека има Македонци, дека сме Македонци. Ја користиме придавката македонски јазик, но Грција официјално не ја признава и се прави дека не слуша што се случува“, заклучува Јоану.

На Глобалниот инвестициски самит во Охрид, кого дијаспората го нарече современо обединување на Македонците, го сретнавме и Панајотис Анастасијадис или на македонски - Панде Ашлаков. Тој е градоначалник на селото Мелити (Овчаране), во кое, според него, од 2500 жители - 95% се Македонци. Ашлаков е активист на „Виножито“, а на функцијата дошол како независен кандидат. Овчаране е познато по свеченостите на Македонците за Илинден. „Преку собири ги потсетуваме младите генерации да ја знаат историјата, да го знаат минатото на семејствата. Ние сами ги финансираме тие друштва, државата со ништо не ни помага. Сакаме мајчиниот јазик да се учи во училиштата. За жал, јас не сум студирал, овој јазик го знам од мајка ми , татко ми и од баба ми. На приватно се одржуваат курсеви по македонски. Но ние бараме од државата да ни го признае мајчиниот јазик, ние сме Македонци и тој да се учи барем до шесто одделение.“

Македонската дијаспора оптимистички најави дека ќе ги зголеми средствата за приватното изучување на македонскиот јазик во Солун. Чекајки границите да паднат, со помош на ЕУ-фондовите се размислува и за конкретна прекугранична соработка.