1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците-главно задоволни од животот и (вечни) оптимисти

ЖА/миа7 август 2012

64 проценти од граѓаните на Македонија генерално се задоволни од животот што го имаат во моментов, покажува најновото истражување на Евробарометар спроведено по барање на Европската комисија.

https://p.dw.com/p/15lIH
Фотографија: BilderBox

Македонија во сите параметри котира подобро од земјите од Југоисточна Европа. Во над половина од параметрите Македонија има подобри резултати од земјите-членки на ЕУ.

Македонската влада ужива највисока поддршка од земјите од регионот и по шест години на власт има поголема поддршка од владите на 15 земји-членки на ЕУ. Генерално, попозитивно настроени од Македонците се само Скандинавците, Германците, Австријците и земјите од Бенелукс. Помала поддршка имаат владите на Бугарија, Чешка, Грција, Шпанија, Италија, Кипар, Литванија, Летонија, Унгарија, Полска, Португалија, Романија, Словенија, Велика Британија, Хрватска, Исланд...

Podest Medaillenträger Sport
Фотографија: Fotolia/wetwater

Според резултатите од анкетата, најнезадоволни од животот меѓу членките на ЕУ се граѓаните на Грција (68 проценти), Полјаците (66), Бугарите и Унгарците (58 проценти),Романците (51 процент). Најзадоволни се Финците (94 проценти), Данците (91 проценти), Германците (89 проценти).

Над половината од македонските граѓани (53%) одговориле дека се задоволни од состојбата во нивните домаќинства, што е повисок процент од десетина земји во ЕУ и држави кандидати или аспиранти за членство, меѓу кои и Грците (21%), Шпанците (49%), Италијанците (48%), Унгарците (26%), Полјаците (30%), Романците (40%), Хрватите (48%), Турците (51%), Црногорците (31%), Србите (29%),...

Glück Lachen Freude
Фотографија: Fotolia/Andres Rodriguez

Македонците се поголеми оптимисти од жителите на ЕУ дека животот ќе им се подобри во наредните 12 месеци. Тоа го очекуваат 35 отсто од анкетираните македонски граѓани наспроти 23 проценти во ЕУ. Подобрување на економската и финансиската состојба во наредната година очекуваат 25 односно 32 отсто од македонските граѓани наспроти 18 проценти од жителите на ЕУ. Поголем процент Македонци отколку жители на Унијата се оптимисти и дека ќе се подобри состојбата со вработеноста.

Економијата и невработеноста и натаму се двата најголеми проблеми и за жителите на ЕУ и за македонските граѓани.

Koffer Geld Geldkoffer
Фотографија: fotolia/Peter Atkins

Состојбата во националната економија како добра ја оцениле 27 отсто од Македонците, што е ист процент како и просекот во ЕУ. Најнезадоволни од економската состојба се Грците (100 отсто), а по нив се Шпанците (99%), Португалците (97%), Унгарците (93%), Италијанците (92%), Литванците и Летонците (86%), Бугарите и Словаците (85%),...

Од состојбата со вработеноста задоволни се 38 отсто од анкетираните македонски граѓани. Понегативен став за ова прашање имаат Грците (19%),Унгарците (24%), Романците (26%), Црногорците (27%),Србите (21%), Бугарите (37%) и Хрватите (36%).

Истражувањето Евробарометар било спроведено во мај годинава и со него биле опфатени по над илјада испитаници во секоја земја.