1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците очекуваат поддршка од Бугарија за ЕУ

БГ/миа10 јануари 2014

Резултатите од анкета покажуваат дека големо мнозинство македонските граѓани очекуваат поддршка од источниот сосед на патот кон ЕУ. Историјата - најголема пречка за поголема соработка

https://p.dw.com/p/1AoVP
Фотографија: AP Graphics/DW Fotomontage

Мнозинството македонски граѓани очекуваат Бугарија да ја поддржи Македонија во натамошните интеграции во Европската унија, покажува истражувањето „Глобално водство, соседство и односи со Бугарија“ што го спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Институтот за демократија (ИДСЦС).

Испитувањето на јавното мислење е направено преку теренска анкета во периодот 15 ноември до 1 декември минатата година на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници.

Во истражувањето кое треба да послужи за информирана јавна дебата за предизвиците на Македонија во натамошните евроатлантски интеграции, 87,5 отсто од анкетираните Македонци очекуваат Бугарија да ја поддржи земјата во евроинтеграциите.

Најголема пречка за поинтензивна соработка меѓу Македонија и Бугарија граѓаните сметаат дека е историјата - 30 отсто, а речиси 21 процент нејзиното толкување, додека 12 отсто сметаат дека тоа се политичарите во двете земји поради нивни теснопартиски интереси.

За мнозинството граѓани или 87,5 проценти е важно да се подобрат односите и соработката меѓу Македонија и Бугарија, за што сметаат дека е потребна соработка во културата, забавата и спортот, подобрување на инфраструктурата и граничните премини и пристап до медиумите на двете држави, заеднички учебници по историја, прослава на заеднички настани и херои, а речиси секој петти граѓанин не знае или е без одговор.

Gemeinsame Sitzung der mazedonischen und bulgarischen Regierungen
Заедничка седница на македонската и бугарската влада во Ќустендил (архива)Фотографија: MIA

Испитаниците немаат перцепција за заеднички историски личности.

„Граѓаните ги сметаат како македонски повеќето личности за кои Бугарија исто така смета дека се дел од нивното историско наследство, како Св. Кирил и Методиј, за кои 83,3 проценти сметаат дека се македонски, Св. Климент (87,1), Гоце Делчев (88), Јане Сандански (81,6). Јавните и информирани личности како заеднички ги перцепираат Св. Кирил и Методиј (73) и Цар Самоил (47). Големо мнозинство (74,7) граѓани поддржува реципрочно решавање со договорот за добрососедство на прашањето за соодветните малцинства во Македонија и во Бугарија“, покажува истражувањето. Постигнувањето договор за добрососедство е од голема важност за граѓаните на Македонија за што се изјасниле 85,4 отсто од анкетираните. Посакуваат договор да се постигне брзо, односно за една година, но очекуваат дека тоа ќе се случи на среден рок од две до пет години.