1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Паѓа довербата во Владата, расте довербата во ЕУ

Катерина Блажевска17 август 2016

Загрижува фактот што довербата на Македонците во ЕУ е речиси два пати повисока од довербата во владата и парламентот, оценуваат домашни аналитичари, по резултатите од истражувањето на Евробарометар.

https://p.dw.com/p/1JjTQ
Фотографија: AP

Во Македонија 62 проценти од анкетираните граѓани не и веруваат на Владата, а ист е и процентот на испитаници кои сметаат дека моменталната состојба во земјата е лоша, покажува истражувањето на Евробарометар, главната европска агенција за испитување на јавното мислење.

Истражувањето е спроведено помеѓу 21 и 31 мај, во 34 земји, а вклучува прашања посветени на политичката ситуација и економската состојба.

Во Македонија 35 проценти од анкетираните граѓани сметаат дека економската состојба е иста како лани, а исто толку дека е полоша. Бројот на оние кои сметаат дека е подобра изнесува 23 проценти. За разлика од предходното истражување на Евробарометар, се намалил бројот на оние кои сметаат дека состојбата е иста, а се зголемил бројот на оние кои сметаат дека е полоша.

Според истражувањето, македонските граѓани не ѝ веруваат на Владата (62%), а не му веруваат ни на Парламентот (64%). Но, 58 отсто се изјасниле дека веруваат во Европската Унија, за разлика од минатиот извештај кога таа доверба била за 9 отсто помала.

Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Позитивна слика за ЕУ

Дојче веле побара анализа на резултатите од истражувањето на Евробарометар од домашни организации кои истражуваат и предлaгаат европски политики, како и од истражувачи на јавното мислење. Покажуваат ли овие резултати некаков подраматичен пресврт во јавното мислење?

Во однос на процентот на недоверба во домашните институции, според компаративната анализа на податоците, состојбата е речиси непроменета во изминатите три години, вели Андреја Стојковски, претседател на Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО).

„Промена, односно намалување на процентот се забележува кај граѓаните кои и веруваат на Владата. За споредба, процентот на граѓани кои и веруваат на ЕУ расте, подеднакво како што расте и процентот на граѓани кои имаат позитивна претстава за ЕУ и сметаат дека таа би се справила подобро со некои од состојбите со кои се соочуваме како држава. Наместо заклучок би рекол дека е очигледно оти добар дел од граѓаните го прифаќаат вклучувањето на Европската Унија во надминувањето на политичката криза и сметаат дека поради тоа вклучување состојбите се менуваат односно ќе продолжат да се менуваат кон подобро“, оценува Стојковски.

Според истражувањето, најголем број од младите во Македонија имаат позитивна слика за Европската Унија.

„Загрижува фактот што довербата во ЕУ е речиси два пати повисока од довербата во националната влада и во парламентот“, укажува Симонида Кацарска од Институтот за европска политика - Скопје.

„Вo оваа анкета може да регистрираме враќање на довербата во ЕУ, со значително мнозинство од 58 отсто од испитаници од Македонија кои и веруваат на Унијата. Во однос на анкетата спроведена во пролетта 2015 година, оваа бројка има пораст од 9 проценти, што претставува значително зголемување во текот на една година. Подолгорочно, оваа промена е значајна и кога ќе ја споредиме со истражувањето на Евробарометар од 2011 година, кога беше регистриран пад во процентот на испитаници кои веруваа во ЕУ (42 отсто). Всушност од 2011 гледаме пораст од 16 отсто на испитаници кои и веруваат на ЕУ“, сумира Кацарска.

Запрашани што значи Европската Унија за нив, 49 проценти од анкетираните Македонци одговориле дека за нив тоа значи слобода да се патува, да се студира и да се работи во која било од земјите на Европската Унија, 35 отсто ја посочиле стабилноста на еврото, а 28 отсто културниот диверзитет.

Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa/EPA/G. Licovski

Расте загриженоста за јавниот долг

Според резултатите од истражувањето, најголеми проблеми со кои се соочува македонскиот граѓанин се финансиската состојба во семејството, невработеноста и условите за живот. За разлика од македонските граѓани, оние кои живеаат во земјите на ЕУ најмногу се грижат за растечките цени и за пензиите, па дури потоа за невработеноста. Од македонските испитаници 48 отсто сметаат дека најлошото допрва доаѓа на пазарот на труд, а 44 отсто сметаат дека тој сега го доживува својот максимум, меѓу кои најголем процент се млади до 24 години кои се уште студираат. Тие се надеваат дека ситуацијата ќе се придивижи кон подобро додека дојде нивното време да излезат на пазарот на труд.

„Има неколку показатели кои прават да помислиме дека состојбата се подобрува, иако споредено со други показатели се гледа дека перцепцијата не е многу променета“, посочува Стојковски.

„На пример, трендот укажува дека граѓаните или се оптимисти во однос на состојбите во државата или пак очекуваат дека состојбата во наредните 12 месеци економската состојба ќе се подобри. Сепак, фактот дека се појавуваат други показатели, како оној дека процентот на граѓани загрижени од висината на јавниот долг пораснал за четири пати во последните години, води кон заклучок дека таквите очекувања се нереални“, оценува претседателот на МЦЕО.

За разлика од 2012 година, кога 4 отсто од анкетираните Македонци како проблем ја посочиле висината на јавниот долг, во последното истражување на Евробарометар тој процент пораснал на 15 отсто.

Според аналитичарите, загриженоста не е случајна со оглед дека јавниот долг достигна над 50 отсто од БДП. По задолжување од 450 милиони евра минатиот месец преку издавање еврообврзница, Владата вчера се задолжи со нови 25,3 милиони евра и на домашниот пазар, преку продажба на државни записи и обврзници со рок на доспевање од 10 и 15 години. Веќе денеска по основа на стари доспеани обврски, на домашните кредитори треба да им врати 21,2 милиони евра, а само до крајот на месецот се планирани уште две аукции на државни хартии од вредност.

Фокусирани на домашните проблеми

Што покажуваат резултатите од истражувањето - дали македонските и граѓаните на ЕУ се соочени со исти проблеми?

„Заедничка им е ниската доверба во институциите“, констатира Никола Спасов од „Рејтинг“, домашна aгенција за испитување на јавно мислење и стратегиски комуникации.

„Според истражувањето речиси две третини од граѓаните на Македонија немаат доверба во клучните институции на државата - Владата и Собранието. Овој резултат не е далеку од европскиот просек и укажува на генерално ниска доверба во институциите во цела Европа. Она што е е евидентно, е дека се уште довербата во ЕУ е висока меѓу македонските граѓани во споредба со европскиот просек кој драматично паѓа“, воочува Спасов.

Според него, најголемите разлики во мислењата на граѓаните на Македонија споредено со мислењата на граѓаните на ЕУ, се во главните проблеми со кои тие се соочуваат.

„Додека во Европа високо котираат проблемите како тероризмот, мигрантската криза, здравството и пензиите, во Македонија најголемите проблеми и натаму се врзани со личната економска состојба, односно невработеноста, семејната финансиска состојба, животниот стандард и цените. Овие наоди упатуваат на заклучок дека европските трендови некако ја одминуваат Македонија. Во услови на многу лоша економска состојба и слаб стандард, граѓаните остануваат фокусирани на овие базични проблеми и се чини премногу не ги тангираат европските политички и безбедносни потреси“, заклучува Спасов.

Истражувањето на Евробарометар се реализира два пати годишно, на пролет и есен. Последното е спроведено во 34 земји, од кои 28 земји - членки на ЕУ, пет земји кандидатки за членство (Македонија, Турција, Црна Гора, Србија и Албанија), како и на турскиот дел од Кипар.