1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците се плашат од кредити

6 септември 2010

Во Македонија е слаб е интересот за парите од Европската инвестициска банка, иако станува збор за поволни кредити. Надлежните тоа го објаснуваат со општата кондиција на економијата.

https://p.dw.com/p/P1Ro
Фотографија: Nikos Pilos

Од 100 милиони евра поволни кредити што македонската влада лани во декември ги договори со Европската инвестициска банка како дел од пакетот антикризни мерки досега не се искористени ниту половина. Македонските компании повлекле вкупно 46 милиони евра за нешто повеќе од 200 проекти. Во Македонската банка за поддршка на развојот, преку која се реализира кредитот, оценуваат дека искористеноста на парите е задоволителна.

Александар Станојковски, директор на секторот за кредитирање во Македонската банка, за Дојче веле објаснува:

„Поддржани се проекти од повеќе области, прехранбена индустрија, графичка индустрија, производство на мебел. Се очекува со реализацијата на овие проекти да се отворат 1500 нови работни места“.

Бизнисмените имаат друго мислење

Бизнисмените не го делат впечатокот на банкарите. Имаат низа аргументи во објаснувањето на слабиот интерес за кредитната линија што е дел од антикризните мерки.

Аце Антески, директорот на компанијата „Раде Кончар“ објаснува дека македонскиот биснис не сака да се задолжува поради тоа што во деловниот амбиент доминира неизвесноста.

Sunilens
Фотографија: DW

„Ниту една компанија во Македонија не може да аплицира оти не знае што ја чека утре. Во Македонија стопанството до таа мерка се осиромаши што ние немаме навика за нови инвестиции“, вели првиот човек на “Раде Кончар“.

Овој страв го чуствуваат сите кои што се заглавени со кредит, граѓаните и бизнисмените. Голем број фирми се презадолжени, нивните производи слабо се продаваат во земјата и во странство, производството им се намалува и не гледаат перспектива бидејќи не се сигурни дека ќе можат брзо да излезат од кризата. Во вакви услови за нив е ризик да се земе кредит, па макар и да е со поволна камата од шест проценти. Државата сака да му даде шанса на времето, последните статистички показатели на економските движења нудат простор за умерен оптимизам.

Во државната банка која треба да го стимулира развојот објаснуваат дека преостанатаута сума од 54 милиони евра ќе може да се искористи до крајот на 2011 година и да биде употребена дури и за стартен бизнис од која било стопанска гранка.

Автор. Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска