1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците се‘ позаинтересирани за германски јазик

Свето Тоевски11 август 2012

Во Македонија особено годинава се случува нов забележлив пораст на интересот за учење на германскиот јазик. За ова постојат економски мотиви, но и културолошки и академски причини.

https://p.dw.com/p/15nyd
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ова е поттикнато дополнително, откако во Германија започна да се применува така наречената „ЕУ – сина карта“, со која оваа земја го олесни вработувањето висококвалификувани кадри и стручњаци од државите, кои не се членки на Европската унија. Весна Симоновска, директорка во програмата за јазици во Центарот за странски јазици во Скопје, информира дека учењето на германскиот јазик е во пораст за 10 – 20 отсто, споредено со минатата година. Во овој центар на секои два месеца се оформуваат групи за засилено учење германски за лица, кои ќе одат на работа во Германија. И во други приватни школи за странски јазици, покрај интензивните, се организираат суперинтензивни курсеви и курсеви за конверзација за лицата, кои се готват за заминување во Германија.

Магистер Николче Шулевски од Центарот за странски јазици во Битола укажува каков е интересот за германскиот во оваа школа:

„Интересот за изучување на германскиот јазик во Центарот во изминативе седум години, откако тој постои, е многу голем. Лани имавме околу 150 слушатели и таа бројка ни е постојана. Имаме ученици на возраст од 4 - 40 години“.

Силвана Симовска од Катедрата за германски јазик и книжевност на државниот Филолошки факултет во Скопје, дополнува:

„Зголемениот интерес за германскиот јазик, веројатно, се должи и на зголемената економска соработка меѓу двете држави: овде јас би ги издвоила, пред се‘, австриските компании и банки, кои засилено инвестираат во Македонија во последниве години. Но, секако и германските и швајцарските фирми“.

Културолошки причини за учење германски јазик

Петер Рау од истата Катедра укажува дека постојат и културолошки причини за учење на германскиот јазик, заради отворените и широки перспективи во Германија:

Prof. DR. Peter Rau
Професор д-р. Петер РауФотографија: Sveto Toevski

„Ова се однесува на литературата, уметноста и културниот пазар воопшто. Јас знам дека има многу уметници, поети, литерати од Македонија, кои силно се ориентираат на германската сцена, оти има многубројни понуди на стипендии и можности за соработка со германски кругови и членови на уметничката сцена. Ако јазикот се учи во рамки на една ’животна програма’ – да истражуваш, да соработуваш во науката со германски институции, тоа е најуспешен начин за приближувањето меѓу двете јазични култури – македонската и германската, но, конкретно да кажам, во научните кругови. Талентите на младите македонски научници се ценат високо во Германија, тоа е веќе долга традиција во оваа земја. Вакво нешто почнува да се случува и во литературата: мислам на Никола Маџиров, или на Богомил Ѓузелов, какви успеси имаат тие на германскиот книжевен пазар“.

Во овој контекст професорката Симовска се надоврзува:

„Културата е таа која секогаш ги зближувала народите, со која ние, во суштина, и се отвораме пред другите народи, давајќи им можност да не‘ запознаат. Пред се‘, алудирам на преводите, кои се прават се‘ позачестено. Се‘ поголем е интересот за македонски книжевни остварувања, кои се преведуваат на германски јазик. Во насока на сето тоа одат и лекторите, односно, германските и австриските лекторати на државните универзитети во Скопје, Тетово и Битола. Дури, чинам и во Штип. Сето ова се елементи, кои придонесуваат кон зголемениот интерес за германскиот јазик во земјата.“

„Во сите академски години на сите катедри и дисперзирани студии за германски јазик во државните и приватните филолошки факултети во Македонија во овој момент има од 1000 - 1200 студенти. На нив интересот за студирање на германскиот расте, тоа не е многу, но високото рамниште останува“, истакнува Петер Рау, кој е и претседател на Македонско – германскиот совет за академска соработка, дополнувајќи:

„Најголемата новина е дека во Педагошкиот факултет во Државниот универзитет во Битола се етаблира германистичка катедра. Очекуваме дека таму ќе има 40 – 50 студенти по германистика. Во Државниот универзитет во Штип има голем германистички оддел. Ние се чудевме кога во првата година во 2008 – ма веднаш имаше повеќе од 50 запишани германисти. Тоа останува и сега така, значи, таму има голема група германисти. Во државниот универзитет во Скопје остануваат вкупно околу 300 студенти по германистика“.

Николче Шулевски фрла поглед на подемот на јазикот на Јохан Волфганг Гете во својот град:

Bitola Sirok Sokak, Mazedonien
И во Битола голем интерес за учење германски јазикФотографија: Petar Stojanovski

„Извршена е голема популаризација на германскиот јазик во Битола, со тоа што се одржуваат голем број манифестации поврзани со него. Организираме и голем број културни настани, размена на ученици, летни кампови за изучување на германскиот јазик ... Настојуваме на секој начин тој да се популаризира се‘ повеќе преку центрите за странски јазици и преку Здружението за македонско – германско пријателство во Битола, кое постои од 1996 година“.

Силвана Симовска е категорична: „Германската култура и јазик отсекогаш биле на високо рамниште. Германската економија е престижна и е водечка во целиот свет. Тие епитети, што го красат германското, се токму причината зошто во Македонија постојано расте интересот за германскиот јазик“.

Професорот Рау заклучува, вели, „самокритички како Германец“:

„Ако Германија започне да се однесува малку подобро кон Македонија во врска со нејзината евроинтеграција, со што јас не сум задоволен, искрено да ви кажам, можеби ќе имаме уште поголем успех со германскиот јазик во оваа држава. Не знам дали се искористени докрај потенцијалите во овој поглед“.

Се‘ на се‘, најверојатно, германскиот јазик ја „забетонира“ својата позиција како втор странски јазик, кој се изучува во Македонија, веднаш по англискиот.