1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците се „скарани“ со книгите?

10 септември 2011

Читателите на книгите во Македонија, иако ги има во помал број од година во година, сепак, остануваат приврзаници на доброто четиво и на вредните дела од светската литература. За дигитални книги постои слаб интерес.

https://p.dw.com/p/12UvU
Македонците ретко купуваат книгиФотографија: DW

Ширум планетата „дигиталната галаксија“ ја потиснува „Гутенберговата галаксија“, дигиталниот свет на електронските книги станува се‘ попривлечен за луѓето од 21. век, повеќе отколку старите и се‘уште постојни печатени, хартиени книги. Каква е ситуацијата во Македонија во овој момент, колкава е вооопшто читаноста на книгата? Дали и во неа продираат новите трендови?

Ристо Лазаров, писател и претседател на Македонскиот ПЕН-центар, асоцијација на интелектуалците и книжевните и други творци, вели:

„Имаме чуден парадокс во Македонија: даваме отпор на продорот на ’дигиталната галаксија’ во областа на литературата. Во дигиталниот свет, во општествените мрежи во Македонија нема никаков, или е многу мал интересот, да се побара по разни интернет-страници некоја електронска книга. Нашиот народ малку чита, можеби и најмалку во Европа, или е на дното на категоријата на народи, кои читаат најмалку на стариот континент. За тоа говорат тиражите и бројките на позајмени книги од библиотеките.“

Раде Силјан, писател и сопственик на книгоиздателската куќа „Матица македонска“ од Скопје, истакнува:

„Акциите што ги спроведувавме во нашата книжарница во Скопје во текот на јануари и февруари оваа година потврдуваат дека, навистина, младата популација во Македонија се‘ повеќе се ориентира кон читање книги од македонски автори, особено на светска класика и нови бестселери од важни, популарни автори во повеќе развиени средини.“

Mazedonien Bibliothek Ohrid
Фотографија: Milco Jovanoski/DW

Првиот човек на Македонскиот ПЕН-центар е категоричен:

„Во Министерството за култура конкурираат по 400 издавачи со проекти, било да се тоа поединци, мали издавачи, или малку поголеми издавачки фирми. Сите издаваат за да издадат нешто, но, многу малку меѓу нив се вистински издавачи. Тие само формално ја издаваат книгата, во мизерни тиражи, кои не се ни објавуваат конечно, едвај во стотина примероци“, вели Лазаров.

„Човек – фирми“ кои живеат од државни субвенции, а не од издаваштво

Раде Силјан, кој е и актуелен претседател на Друштвото на писателите на Македонија, прецизира:

„Постојат само десетина издавачи, кои се ангажираат професионално и се грижат за пласманот на книгата, за нејзината цена на чинење, за популаризацијата на книгата. Постојат голем број издавачки куќи така наречени ’човек – фирма’, кои се исклучиво повикани на државни субвенции. Во тој поглед навистина имаме заостаток во ширењето на професионалната издавачкат дејност во земјата. До осамостојувањето на РМ се објавуваа меѓу 1500 и 1750 публикации годишно. Во последниве неколку години се печатат околу 700 публикации. Порано одредена прозна, или поетска книга, се печатеше во тираж од илјада до 5 илјади примероци, а сега до 500 примероци. Пласманот е поотежнат, бидејќи цените се многу повисоки.“

Библиотеките во статус кво ситуација

Каква е ситуацијата со читаноста на книгите во Градската библиотека „Кочо Рацин“ во Тетово, која има вкупен фонд од 150 илјади наслови на македонски, англиски, албански турски и на други јазици?

Директорката на библиотеката Фиторе Решати изнесува:

„Редовно имаме рекорд што се однесува до бројот на читатели споредено со другите библиотеки во Македонија. Секоја година регистрираме околу 5 илјади читатели. Децата ги бараат многу лектирните изданија, студентите и академските кадри на двата тетовски универзитета постојано се интересираат за стручни и научни публикации на англиски и други јазици.“

Сепак, таа признава дека влијанието на дигиталното книжно творештво се чувствува и во користењето хартиени книги во тетовската библиотека, но, и напоменува:

„Немаме некој пораст, или намалување на бројот на читатели, што би било во понагласена, или вознемирувачка бројка. Во последниве шест години еднаш имаме зголемување, другпат намалување на таа бројка – од 8 до 6 проценти, кога – како во која година.“

Со подостапни цени – до поголем круг читатели

Лазаров се залага за изнаоѓање колку е можно повеќе форми за доближување на класичната книга до читателите во земјата:

„На разни начини: преку саеми како што го прави тоа ’Матица македонска’ со сопствениот саем на книги во декември. Како што прави издавачката куќа ’Три’, која продава книги на бензински станици и во самопослуги.“

Amerika-Gedenkbibliothek Berlin
Фотографија: DW

Силјан заклучува:

„За македонската книга постои интерес. Меѓутоа, треба да се изнајде форма цените да бидат пониски, а со самото тоа тиражите да бидат поголеми. Треба да се изнајдат професионални фирми и издавачи, кои ќе се грижат за целокупниот процес: од подготовката на книгата, печатењето, па се‘ до пласманот во книжарниците, но и за пласманот во градските и други библиотеки.“

Сепак, ако се чека само на саеми на книгоиздателските куќи, или тие да ги нудат книгите и по бензински пумпи и разни дуќани, тогаш нема да има успех во сопирањето на трендот на исчезнувањето на книгата од интелектуалните хоризонти на македонските граѓани. Во оваа сфера пред се‘ и самата држава треба поактивно да ја преземе својата улога: да им дава повеќе пари на библиотеките за набавка на нови литературни дела и други публикации, со разновидни стимулации книгата да стане понтересна за младите, а не само да се фрлаат финансиски средства за субвенционирање на минијатурните издавачки фирми со уште помалите, речиси и „невидливи тиражи“, кои напати завршуваат можеби и во – ѓубре.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска