1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците ќе исчезнат како Маите, предвидува бугарски министер

22 декември 2009

Антиквизацијата и земањето бугарски пасоши ќе доведе до исчезнување на Македонците, предвидува бугарскиот министер Димитров. Според него, во последните 8 години околу 30 илјади Македонци земале бугарско државјанство

https://p.dw.com/p/LA3o
Ако во минатото научниците и можеа да дискутираат за ’македонската историја‘, сега ни останува само да се смееме. фото: Божидар ДимитровФотографија: AP

Македонците ќе ги снајде судбината на Маите, Ацтеките, Толтеците и Инките, гласи прогнозата на бугарскиот министер за дијаспора Божидар Димитров искажана во интервју за Бугарското национално радио во понеделникот на 21 декември.

Тезата на Димитров е дека Македонците денес немаат криза со името, туку со идентитетот. Таа криза, според него, се гледа и во фактот што во последните 8 години 30 илјади македонски граѓани добиле бугарско државјанство. „Само во изминатата 2009 година 4.900 Македонци добиле бугарско државјанство. Меѓу нив има и министри, лекари и тн. бивши министри, при што не мислам само на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски“, објаснува Димитров во интервјуто. „Ако продолжат така ќе им се случи еден културен шок и ќе ги снајде судбината на Маите, Ацтеките, Толтеците и Инките“, заклучува бугарскиот министер.

Димитров вели дека Македонија повеќе нема аргументи да дискутира за историските настани и личности кои ги смета за свои и се потсмева со процесот на „антиквизацијата“ кој се води во Македонија. „Ако во минатото научниците и можеа да дискутираат за ’македонската историја‘, односно околу тоа што биле Цар Самоил, браќата Миладиновци, сега ни останува само да се смееме и беспомошно да шириме раце. Тие сега си ги бараат корените некаде во Пакистан, или во Египет. Ако не сте знаеле, и Клеопатра е македонка... И целото царство на Птоломеите е македонско“, изјави Димитров.

Symbolbild Mazedonien Bulgarien Fahnen Flaggen
Бугарската поддршка за Македонија ќе зависи од многу нешта, се заканува СофијаФотографија: AP Graphics/DW Fotomontage

Тој очекува односите меѓу двете земји да бидат заострени се’ додека не се реши кризата на идентитетот во Македонија, односно додека не запре јазикот на омразата и фалсификувањето на бугарските споменици, цркви и манастири и не се дозволи поставување бугарски споменици на македонска територија. За таквиот однос да запре, според Димитров, треба да се потпише договорот од 1999 година со кој беа надминати некои претходни недоразбирања меѓу двете земји. „Претседателот Прванов многу јасно му ги објасни тие работи на неговиот македонски колега и директно му кажа дека нашата поддршка за членството на Македонија во НАТО и ЕУ, зависи од тие нешта“, изјави Димитров во интервју за бугарското национално радио.

Необично е што овие ставови на Божидар Димитров доаѓаат неполни десет дена по интервјуто на шефот на бугарската држава Бојко Борисов за Дојче Веле, во кое тој тврдеше дека меѓу двете земји нема отворени прашања и оти Бугарија и’ дава поддршка на Македонија во евро-атлантските интеграции. „И во вашата и во нашата држава има такви кои се враќаат назад во историјата, но тие треба да се остават настрана“, порача тогаш Борисов.

автор: Борис Георгиевски

редактор. Трајче Тосев