1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Маките на италијанските уметници

Елизабета Гала/Жана Ацеска13 јули 2013

Медиумите и културата во империјата на Берлускони паднаа на жално ниво. Уметници кои се зафаќаат критички со денешницата, речиси немаат шанса да добијат поддршка и внимание.

https://p.dw.com/p/18tMl
Фотографија: Fotolia/Jonathan Stutz

Торино, некогашен град на автомобилите, важен индустриски центар во северна Италија. И овде се видливи трагите на финансиската криза. Руини на старите фабрики на „Фиат“, меланхолични слики на една мината ера.

За Ирене Дионизио ова е место за инспирација. Таа овде го сними својот награден документарен филм „Фабриката е полна“.

„’Фабриката е полна‘ раскажува приказна за пријателството на двајца романски бездомници кои живеат во напуштена фабрика на 'Фиат'. Тоа е еден вид ’Чекајќи го Годо‘ во постиндустриско Тopинo“, вели режисерката и видеоуметник Ирене, дополнувајќи:

„Мојот филм е и парабола за еден поранешен индустриски град и за капиталистичкиот систем. Таа води од продуктивното работничко Торино кон постиндустриско Торино од кое жителите бегаат, а има илегално доселување“.

Северот на Италија економски се‘ уште стои релативно добро. И покрај тоа, Ирене во родниот град ги гледа сите проблеми кои ја мачат целата земја. На уметниците и креативците одамна им е тешко, осoбeно во ерата на Берлускони. Ирене со пријателите изнајми ателје во кое сите можат да работат под поволни услови. Една од нив е Франческа Чарили фотограф: „Овде мнозинството од младите ја загубија надежта“.

Turin - Torino
Фотографија: Picture-Alliance / dpa

Матео Марини, музичар, е тажен: „Нешто вистински ме растажува: она што го правам овде, во мојата земја не се смета за вистинска работа“.

Графичарот Енрико Пецо објаснува во што е најчесто проблемот: „Најголемата тешкотија не е да се добие ангажман, туку тој и да биде платен“.

Скудно облечени жени, срамни игри пред камера. Медиумите и културата во империјата на Берлускони паднаа на жално ниво. Уметници како Ирене, кои се зафаќаат критички со денешницата, речиси немаат шанса да добијат поддршка и внимание.

„Да се прават документарни филмови во Италија е некој вид камиказе работа. Извонредно е напорно. Најголем дел од сцените во 'Фабриката е полна' ги снимав додека работев во телевизија. Така се издржував. Од 7 до 10 часот наутро снимав во напуштената фабрика, а потоа одев на работа“, раскажува Ирене.

Ирене во галеријата „Моитре“ во Торино. Од пред две години овде изложуваат исклучиво млади уметници. Кустосот Виола Инверници вели: „Сите во Италија велат, мора да се инвестира во културата. Тоа го кажа дури и нашиот нов премиер: ’Ќе дадам оставка ако и натаму се кратат парите за културата‘. Но, досега е толку многу скратено, што ништо не остана. Можеби тој затоа го рече тоа? Се надевам, дека конечно навистина ќе се инвестира во културата“.

Надежта умира последна. Но, бранот млади Италијанци кои бегаат во странство, не запира. Секоја година илјадници ја напуштаат Италија, првенствено добро образованите.

Оваа тема не и‘ дава мир на Ирене. Нејзиниот следен проект е игран филм. Таа веќе го пишува сценариото. Дејството се одвива во заложилницата во Торино.

„Можеби овој пат ќе успеам да ги наведам гледачите да размислат за заднината на финансиската криза“.

Видео трудови, инсталации - играниот филм не е единствен проект на Ирене.

„Убедена сум дека сензибилизирање преку уметност е прв чекор кон промена. Се надевам дека се‘ повеќе млади ќе бидат свесни за оваа можност и дека преку културата ќе развијат критички и независен став“.

Уметниците како Ирене секојдневно се борат за остварување на своите идеи. Тоа не е лесно во земја каде современата уметност често не е призната и во која пред се‘ младите страдаат поради кризата.